Достапни линкови

Лукашенко- можеби малку предолго сум на власт


Архивска фотографија- белорускиот претседател Александар Лукашенко

Белорускиот претседател Александар Лукашенко за руска телевизија наводно признал дека е можеби малку предолго на власт, додека во земјата расте незадоволството поради исчезнувањето и дополнителното задржување на водечките организатори на опозициските протести.

Белоруските гранични власти соопштија дека тие ја уапсиле Марија Калесникова, член на президиумот на Координативниот совет, на границата со Украина, откако цел ден домашната и меѓународната јавност бараше одговори од Минск за нејзиното исчезнување и исчезнувањето на други гласни критичари на Лукашенко.

Антон Херашченко, заменик министерот за внатрешни работи на соседна Украина ги опиша околностите на приведувањето на Калесникова како обид за присилно протерување чија цел било да се компромитира белоруската опозиција по недели масовни антивладини демонстрации. Херашченко рече и дека Калесникова не било можно да биде протерана од Белорусија бидејќи „таа храбра жена повлекла потег со кој ги спречила властите да го направат тоа“. Инаку таа на граничниот пункт Александраука во регионот Хомел пристигнала во ист автомобил со секретарот за печатот Антон Рандионкау и извршниот секретар Иван Кравцов околу 5:00 часот наутро на 8 септември.

Марија Калесникова, една од лидерките на белоруската опозиција на протестот во Минск, 30.08.2020.
Марија Калесникова, една од лидерките на белоруската опозиција на протестот во Минск, 30.08.2020.

Претставникот на белорускиот државен граничен комитет Антон Бичкуски прво рече дека таа и уште двајца опозициски активисти ја напуштиле земјата, но потоа за руската државна телевизија кажа дека Калесникова е задржана во обид да ја премине границата, додека другите двајца влегле во Украина. Според некои извештаи таа го искинала својот пасош за да оневозможи белоруските власти да ја протераат од земјата.

Инаку Лукашенко е на власт во Белорусија 26 години. Протестите против негото владеење избувнаа по контроверзните избори на 9 август на кои тој победи, а опозицијата смета дека се наместени. На протестите можеше да се видат бруталните обиди за пресметка со луѓето кои се собираа.

XS
SM
MD
LG