Достапни линкови

Осуммина осудени за убиството на саудискиот новинар Кашоги


Архивска фотографија од годишнина од смртта на саудискиот новинар Џамал Кашоги

Државната телевизија на Саудиска Арабија објави дека се соопштени крајните пресуди за инволвираните во убиството на новинарот Џемал Кашоги, откако неговото семејство најави помилувања за пет лица, кои се спасија од егзекуција, објави Асошиетед прес.

Кривичниот суд донесе пресуди за осум лица. Петмина добија максимална затворска казна од 20 години, еден доби десетгодишна затворска казна, додека двајца по седум години в затвор.

На 2 октомври 2018 година Кашоги, кој беше познат критичар на саудиската власт, влезе во Амбасадата на Саудиска Арабија во Истанбул и оттогаш му се губи секаква трага. На 20 октомври официјален Ријад призна дека новинарот е убиен во Амбасадата.

Судењето во саудискиот суд беше критикувано од групите за човекови права, и од независен истражител на Обединетите нации, кој забележа дека ниту еден висок официјален претставник, како ниту еден осомничен за нарачка на убиството, не е прогласен за виновен. Независноста на судот, исто така, беше доведена во прашање, објави АП.

Во јули годинава и во Турција почна судски процес за убиството на Кашоги. Во Истанбул, во отсуство им се суди на дваесетмина Саудијци. Според обвинението, Ахмед ал-Асири, поранешен заменик шеф на саудиската разузнавачка служба, и Сауд ал-Кахтани, поранешен советник на престолонаследникот Мохамад бин Салман, се обвинети за „поттикнување планирано убиство со монструозна намера“. Уште 18 лица се обвинети за убиство со „монструозна намера и тортура“.

XS
SM
MD
LG