Достапни линкови

Се јави инвеститорот на објектот кај Мавровка: Се е легално, ќе тужам


Уривање на спорниот објект кај ТЦ Мавровка во Скопје, 2 септември 2020

Со закана за тужба пред домашните судови и пред Судот за човекови права во Стразбур, денеска, откако почна уривањето на спорниот објект пред ТЦ Мавровка во Скопје, се јави и инвеститорот на градбата, Мевљудин Алити од Скопје.

Тој на денешната прес-конференција рече дека се било легално со градбата бидејќи имал законско право да си го обнови објектот и дека имал елаборати за парцелата. Пред да почне изградбата на спорниот објект, на локацијата имаше кафуле кое изгоре на 1 мај годинава. Алити додаде дека „ му платил на Градот 4,7 милиони денари за легализација на објектот и дека на Општина Чаир ѝ доставил елаборат и проект и не знае зошто градоначалникот Висар Ганиу велел дека не знае кој гради“.

Уривањето на објектот пред ТЦ Мавровка почна денеска претпладне, по налог на Владата, а го изведува „Македонија пат“. Два месеца наназад овој објект е предмет на дебати и на полициска истрага, која вчера поднесе кривична пријава за инвеститорот. Претходно, откако беше утврдено дека се работи за дивоградба, како што прецизираа општинските власти, беа распишувани тендери кој да го урива објектот, но никој не се јави на нив.

Инвеститорот на градбата, Мевљудин Алити, денеска рече дека досега не излегол во јавност оти станувало збор за приватна инвестиција и праша зошто уште не е откриено кој му го запалил објектот на 1 мај. Еден од неговите адвокати праша „зошто Владата не ѝ помага на Општина Охрид во уривање, туку ѝ помага на Општина Чаир“.

Веднаш по прес-конференцијата на Алити, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, ги отфрли тврдењата на инвеститорот на спорниот објект кај ТЦ Мавровка дека се платени комуналии и дека објектот е легален.

XS
SM
MD
LG