Достапни линкови

Малеровите „Песни за земјата“ за повторно „раѓање“ на Филхармонија


Македонска филхармонија

Со концертот симболично насловен „Музика на два метри“ на кој во малеровите „Песни за земјата“ солисти ќе бидат Корби Велч од САД и Хајке Веселс од Германија , а ќе диригира маестро Габриел Бебешелеа од Романија, новиот шеф диригент на Филхармонија, започнува новата сезона на националната установа.

По цели шест месеци од почетокот на светската пандемија и спроведувањето на мерките за превенција и заштита од вирусот Ковид-19, Филхармонија конечно ги отвора портите за публиката. Новата сезона во оваа наша национална институција почнува в четврток во 20 часот со концерт симболично насловен „Музика на два метри“ на кој ќе прозвучи антологиското дело за два гласа и оркестар „Песни за земјата“ од големиот австриски композитор и претставник на романтизмот од 19 век - Густав Малер. Како солисти ќе настапат тенорот Корби Велч од САД и мецосопранистката Хајке Веселс од Германија. Диригент е Габриел Бебешелеа од Романија, новиот шеф диригент на Филхармонија.

Во пресрет на овој настан Виктор Илиевски, директор на оваа наша национална институција, истакнува дека тие како колектив исклучително се среќни што по неколкумесечна пауза повторно се враќаат на сцена и дека откако ги изработиле строгите протоколи за заштита на публиката и на музичарите конечно можат да ја започнат сезоната со понуда во која е најавено да бидат исполнети само 30 отсто од капацитетот на големата сала или околу 300 седишта. Згора на тоа особено внимание е посветено и на изборот на програмата кој во случајов, од оправдани причини, е темелен на дела кои може да се изведат со помал состав.

„Избравме дела кои може да се изведат со помали состави, за да има простор за дистанца на сцена. Дел од концертите се проекти кои требаше да се реализираат минатата сезона како концертот со Јерухам Шаровски и ДаниелеАкта, настапите на Дмитри Маслеев, Миша Бругергосман, Шерон Ковакс... Во новата сезона ќе настапат исклучителни солисти како руската виолончелиститка Анастасија Кобекина, виолистот ТимотиРајдаут, виолинистот Филип Квинт и други уметници кои во моментов се актуелни на светската музичка сцена“. - вели Илиески.

Тој и со информација дека Оркестарот во новата концертна сезона ќе го водат диригентите Антони Вит, Емил Табаков, Конрад ван Алфен, Кристијан Рајф... и се разбира, маестро Габриел Бебешелеа од Романија, новиот шеф диригент на Филхармонија.

„Тоа што Филхармонија по две децении повторно добива шеф –диригент е исклучително важно за нашата институција. Претходно шефови диригенти биле Ванчо Чавдарски, Тадеуш Козловски, Андреј Андреев, Леонид Николаев. Значаен е и придонесот на Борјан Цанев кој до лани, пред да замине на ФМУ, беше матичен диригент на Филхармонија. Секој од нив оставил трага во развојот на оркестарот, но и во креирањето на програмскиот концепт на иституција. Последниве години бевме во потрага по шеф –диригент и не измерно сме задоволни што успеавме со маестро Бебешелеа да постигнеме договор за соработка која ќе трае две години. Улогата на шефот диригент за секој оркестар и институција е многу важна, бидејќи тој игра голема улога во креирањето на програмската политика, согласно капацитетот на оркестарот и секако во подигањето на квалитетот и звукот во оркестарот“, нагласува Илиевски.

Но, кој е новиот шеф диригент на Филхармонија во која цели две децении на ова беше „заборавено“, а сега се најавува како практика која налик на светските институции немоновно ќе се негува.

Маестро Габриел Бебешелеа

На 30-годишна возраст, маестро Габриел Бебешелеа се смета за еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Добитник е на првата награда на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во Загреб (2015), како и на прва награда на натпреварот на Музичката младина во Букурешт (2011), а бил и полуфиналист на натпреварот за диригенти „Донатела Флик“ на Лондонскиот симфониски оркестар (2014) и полуфиналист на натпреварот „Густав Малер“ со Бамберг симфонискиот оркестар (2016). Забележлив е и како оперски диригент и е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што ќе стане најмладиот шеф-диригент кога било во Романија. Во 2014 година ќе ја добие наградата „Најдобар диригент“ на оваа куќа, а својата репутација како диригент на опери ќе ја зацврсти со реализација на новата продукција на „Царска невеста“ од Римски-Корсаков на „Росини опера фестивалот“ во Пезаро, изведба која ќе добие бројни позитивни критики. Во 2015 година, Бабешелеа работел со веројатно двајцата најценети диригенти во светот – Курт Мазур и Бернард Хаитинк, а соработувал и со големите Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман и други.

Една од големите пасии на Габриел Бебешелеа е да работи со млади музички уметници, па така од пред девет години тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар. Дипломирал оркестарско диригирање во 2010 година со Кум Лауде на Музичката академија во Клуж-Напока, две години подоцна магистрирал на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторирал на истиот универзитет. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.

Во своето прво обраќање како шеф-диригент на Филхармонија Габриел Бабешелеа истакнува дека веќе имал можност да работи со Оркестарот и она што го импресионирало е желбата тој да свири добро. Нагласува дека со Филхармонија имале големи планови за програмата, но тие делумно пропаднале поради пандемијата со Ковид-19 и дека за отворањето се решиле да свират едно исклучително дело „Песни за земјата“ кое одлично кореспондира со целокупната ситуација.

„Кога се прашував што да поставам за отворање на сезоната на Филхармонија идејата за Густав Малер и неговото дело „Песни за земјата“ ми се виде како одлична. И тоа од две причини – првата е дека самата филозофија на делото произлегува од зен филозофијата, односно повторното раѓање коешто очигледно ни е потребно во моментов, во ситуацијата во која светот се наоѓа, а другата е таа зошто токму на ова дело Шенкер нарачал аранжман за состав со помал број на музичари и него ќе го свират на отворањето 19 инструменталисти. Аранжманот е поттикнат поради недоволниот број на изведувачи после Втората светска војна, но уште поважно е тоа што тој аранжман е напишан за време на пандемијата од Шпанска чума“, појаснува маестро Бабалешеа.

Хајке Веселс, мецосопранистка од Германија

И, кога сме веќе кај делото да кажеме дека „Песни за земјата“, Малер ја напишал за време на последните години од неговиот живот. Политиката и анти-семитизмот го принудиле да даде оставка како директор и диригент во Виенската Опера, иако важел за еден од најзначајните композитори и диригенти. Неговата ќерка Марија починала, а потоа и на Малер му било дијагностицирано срцево заболување. Не сакал „Песни за земјата“ да ја означи како деветта симфонија бидеќи и самиот верувал во „проклетството на деветката“ (Бетовен, Шуберт, Дворжак починале откако ги напишале или почнале да ги пишуваат своите 9-ти симфонии). Сепак, Малер починал пред премиерата на своето дело во Минхен во ноември 1911 година. Неговото последно дело всушност е неговата деветта симфонија која претставува своевидна музичка медитација за смртта.

И, по ова збор два и за солистите. Германската мецосопранистка Хајке Веселс студирала на Универзитетот за уметности во Есен и на Националниот конзерваториум во Стразбург. Студиите ги комплетирала со мастер класови кај Бригит Фасбиндер, Томас Хампсон и Дејм Гвинет Џонс. Во 2006 година ја добива наградата за најдобар млад изведувач на Вагнер на интернационалниот натпревар во Венеција. Како солистка настапувала на оперските сцени во Грац, Дортмунд, Виена, Франкфурт, Баден-Баден, Париз... а како концертен солист на различни сцена под диригентската палка на Фридеман Лејер, Бертранд де Били, Филил Џордан, Џон Фјоре, Габриел Бебешелеа...

Од друга страна американскиот тенор Корби Велч студирал пеење на Универзитетот во Минесота. На светската музичка сцена е активен како пејач во вокално инструментални дела како „Миса Солемнис“ на Бетовен, „Кредо“ на Пендерци, „Пасиите...“ на Ј.С.Бах, Моцартовиот „Реквием“... Покрај неговата прилично набиена агенда како концертен пејач, Корби Велч е активен и на оперската сцена. Уште од 1911 година, по дебито на Ерик во „Летечкиот Холанѓанин“, Велч се етаблира на светската музичка сцена како еден од новите драмски тенори со исклучителна музичка експресија. Потоа следуваа изведби и во други опери од Вагнер – „Лоенгрин“, „Рајнско злато“... и други творци.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG