Достапни линкови

Дино Имери: Слободата не е анархија, слободата е одговорност


Дино Имери, пијанист и уметник

Со реномираниот македонски пијанист и уметник Дино Имери, во пресрет на премиерниот концерт со авторска музика и од хуманитарен карактер „Рефлексии“ што ќе се одржи оваа среда, за трансформациите и творештвото, за слободата, за тоа да се биде свој денес и овде и за натамошните планови.

Дино Имери е уметник. Тој е роден од музика и за музиката. Како наследник на долгата лоза на вистински мајстори и творци чии изведби оставија неизбришлива трага во македонската звуковна традиција, тој е врвен пијанист кој поодамна започна да ги освојува светските сцени и автор чие современо творештво допрва доаѓа како немирна вода. Еден од оние на кои треба да бидеме особено горди во времево на изместени вредности и на просторов каде на културата се гледа како на дејност оставена да се прпелка чекајќи милост од политиката, а таа градела и спремна е да гради мостови на соработка и разбирање.

И, во миговиве на разбивање на пандемиската магла околу нас кога секој творечки изблик е за поздравување зошто го крепи духот и не враќа кон потребата да и се насладуваме на слободата и на креативноста, Дино Имери се реши својата авторска музика преку проектот „Рефлексии“, по прв пат заокружено, по пандемискиот концерт со Музеј на македонската борба како ко-продуцент, да ја сподели со публиката. Храбро да ги излее своите немири, своите потраги, звуците што долго ги потиснувал во себе чекајќи го моментот сето тоа за миг да еруптира. И, да започне со развивање на една поинаква приказна израсната од искуство, мајсторија и смелост да се оди напред со гордо исправена глава. Со верба во себе и во своите сили својски да се менува сегашноста и во очи да и се гледа на иднината. Да се креира музика. Да се живее иднината.

Од каде идејата и вашата лична, творечка потреба за „Рефлексија“, делото за кое ќе забележите дека е „плод на сопствените повеќегодишни животни и уметнички потраги и внатрешни конфликти... обид за внатрешна рефлексија и претворање на темнината во светлина, злото во добрина, грдоста во убавина, лагата во вистина, смртта во раѓање“ ?

„Рефлексија“ е пред се лична трансформација. Прашање на време беше кога таа лична трансформација ќе се преточи и во музика во мојот професионален свет. Како лична трансформација во себе вклучува и многу нешта кои ми се случиле, сум ги сознал, сум ги доживеал и кои се обидов на еден начин да ги илустрирам музички. Се надевам дека тоа ќе биде еве поттик за мене за понатамошна композиторска работа. Иако и досега доста активно сум се занимавал со тоа, меѓутоа за прв пат во ваква форма, на еден солистички пијано рецитал, ќе се случи една премиера на мои дела наречени „Рефлексии“. Се разбира секој уметник како човечко битие во себе носи многу не само од она што го опкружува, туку во себе го носи и она за него претставува некаква визија, некаков идеал за работите какви би требало да бидат. Затоа ќе кажам, дека овие „Рефлексии“ се еден обид и за разбирање, или сфаќање на она што и мене ме опкружува и времето во коешто живееме.

Ако ова се оние ваши пориви кои да речеме дека генетски се запишани, тогаш разбирливо е што сега силно излегува на виделина немоновноста и авторски да се изразувате. Ако тоа тлееле и одвреме на време излегувало како музика за филм или композиција, излегува дека сега храбро започнувате да чекорите на еден нов терен кој е заокружен со терминот „Релексии“. Како да дојде времето за порамнување на „занаетското“ и „креативното“?

Тоа е еден аспект од мојата креативна личност којшто долго време го потиснував, го туркав на страна од причина што многу активно се занимавав со многу разни проекти од областа на класичната музика, соработки со многу афирмирани уметници...што секако ми беше многу важна дејност и многу нешта научив од моите колеги уметници и воопшто во водите на класичната музика, но прашање на време беше, повторно ќе кажам, кога и во каков формат тоа веќе нема да можам да го потиснувам и ќе излезе како една креативна искра којашто ќе мора да го запали огнот и едноставно да се преточи во нешто убаво. Тоа се случи токму сега. Навистина е тешко да се каже зошто на ваков начин се случи. Бројни медицински истражувачи се обидуваат да откријат повеќе детали за креативниот процес, за тоа како функционира мозокот, како функционира креативноста, од каде мотивацијата, како се раѓа музиката, како ја перцепираме, доживуваме...Тоа е тешко прашање за мене, но она што е важно е тоа што досега оној занаетски дел ми даде една многу добра основа, познавање, знаење и искуство, за да можам она што го чувствувам како креативна струја во мене да можам да го изразам на најсоодветен начин. Мојата композиторска работа досега вклучува и делување на полето на филмот, на телевизиски серии...меѓутоа сето беше оставено некако назад. Ова е, како што кажавте, еден многу храбар обид таа креативна енергија да ја преточам во концерт. Досега имав можност авторските дела да ги изведувам на моите патешествија по Европа. Ги свирев во Рим, Софија и во неколку други европски метрополи, меѓутоа само како дел од некои постоечки програми. Ова е можам да кажам прва ваква програма составена исклучиво од мои композиции. Така што мислам дека ќе биде возбудливо и се надевам дека публиката ќе ужива и ќе се пронајде во мојата музика.

И, кога „Рефлексии“ еве полека стануваат реалност, колку сега се чувствувате ослободен од строгите класичарски канони. Слободен и свој и на сцена.

Да, сега се чувствувам целосно слободен бидејќи тоа е поентата на уметноста. Слободно да го изразиме она што го чувствуваме внатре во себе. И, тоа би требало да е поентата во секој стил, во секој музички жанр, во секоја уметничка форма воопшто, бидејќи во денешно време уметноста е една од ретките работи коишто ни останаа за слободно изразување на духот. Без било какви стеги, без било какви притисоци, на секојдневието и на она што не опкружува. Се чувствувам слободно затоа што меѓу другото и знам што правам и како да го направам тоа. Тоа е многу важно бидејќи слободата не е анархија. Слободата е одговорност. Слободата исто така е еден постојан експеримент. Нешто со кое постојано експериментираме и за кое имаме најразлични резултати. Слободата не значи да правиш што сакаш во секое време. Слободата е состојба на духот, пред се* и начин на живот. Така што тајмингот ми се чини дека е погоден. Тоа лично и уметничко зреење се случува во моментот на работење и на создавање на тие композиции, а секако и на подготовките и реализацијата на овој концерт чија премиера е оваа среда, во 19 часот во Музеј на македонската борба. И, ќе повторам се чувствувам навистина слободен затоа што тоа е целта на музиката и се надевам дека сите којшто ќе дојдат да го слушаат концертот ќе се почувствуваат, барем за миг слободни и дека побегнале од она нивно секојдневие, од она што ги мачи што е исклучително важно.

Не помалку важно во целата оваа приказна на „Рефлексии“ е тоа што концертот има една убава хумана димензија. Влезот за него е слободен, но повикот е јасен – да се донираат средства за среќно детство и сигурна иднина на децата и младите без родители и родителска грижа од СОС Детско село.

Тоа едноставно е дел од мојот систем на верување и делување. Тоа е дел од мојата личност исто така. Се обидувам таа креативност која во голем дел од времето, поради обврските и ангажманите што ги имав, поради разно разни ситуации, а е всушност една од најважните работи во мојот живот, е да споделам со другите и ним да им го направам животот подобар и посреќен за живееме. Колку што можам, се разбира. Во тој контекст е и таа, хуманитарна, или хумана димензија да ја наречам, на овој концерт. Дополнителен момент е тоа како расте вниманието и фокусот на вас и вашата работа, што по реномиран станувате, имате повеќе платформи за изразни можности, позначајно е тоа внимание да се искористи за нешто добро барем по моите убедувања и верувања. И би сакал сега да го искористам тоа внимание да се испрати една убава порака и да им се помогне на оние на кои тоа највеќе им треба, а тоа се децата и младите без родители и без детска грижа од детското село СОС. Можам да кажам дека сум презадоволен од комуникацијата со нив, презадоволен и од комуникацијаата со копродуцентите - Музеј на македонската борба со којшто досега имам прекрасна соработка, ова е втор проект за релативно кратко време ( по „карантинскиот концерт“ во мај оваа година) и се надевам дека вака и ќе продолжиме во иднина, благодарен сум и на Г-ѓа Даниела Николова, на Александар Алексовски...на сите што се дел од екипата и несебично работат овој настан да биде на едно што е можно повисоко ниво. Хуманоста е многу важна и начинот на којшто ќе ја изразите е нешто што секој од нас може да го направи. Секој од нас може и треба да биде хуман. Тоа треба да биде дел од нашето секојдневие наместо многу други и незначајни работи коишто катадневно не окупираат.

И, по премиерата на „Рефлексии“ кој е следниот исчекор на пијанистот и уметникот Дино Имери?

Следуваат, пред се, неколку концертни ангажмани. Настапите со моите соработници Нинослав и Стојан Димов, со мојот долгогодишен соработник – виолинистот Бојан Илковски, со една исклучително креативна личност, многу добро позната на македонската културна јавност, балерината Ивана Коцевска со која кон крајот на месецот ќе имаме исто така еден интересен проект со моја музика... и тоа се настапите кои следуваат во догледно време. А, во однос на моите идни креативни пројави би кажал дека сум веќе во фаза на истражување на еден нов проект којшто во голем дел би сакал да ја содржи музиката од Исток... и во моментот толку за него. Конечно, се очекува и објавувањето на мојот истоимен албум „Рефлексии“ ма кој ќе се најдат сите овие композиции и тие ќе бидат достапни за поширокиот круг на слушатели и почитувачи на уметноста.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG