Достапни линкови

Македонски фестивалски џез маратон


фото: Глигор Кондовски
фото: Глигор Кондовски

Со програма главно сочинета од докажани македонски музичари и бендови, во последнава недела од август, на домашнава културна сцена едноподруго ќе и се случат три џез фестивали – најнапред оној во Тетово, а потем Џез фабрика во Битола и Прилеп џез викенд.

По исклучително успешното премиерно издание на „Крај Вардарот џез“ кое, по игра на случајот, наместо во предвидениот пролетен термин се одржа на крајот на јули во паркот зад МКЦ во Скопје, во последниве шест дена од август во оваа пандемиска 2020 година ќе се одржат дури три џез фестивали во исто толку градови во земјава.

Најнапред случувањата започнаа со синоќешниот концерт на Сашо Поповски трио на петтото издание на Џез фестивалот во Тетово, кое чисто информативно минатата година се одржа во средината на септември. Џез гитаристот, со своите соработници и исклучителни инструменталисти -контрабасистот Иван Бејков и тапанарот Виктор Филиповски, пред публиката во градот под Шара го претстави материјалот од својот нов албум „Fallend Land“.

Вечерва, на втората вечер, предвиден е настапот на СЕТСТАТ, бендот со исклучително силен бекграунд зад себе и албумски остварувања кои од поодамна се влезени во архивите на современата македонска импровизирачка вибрантна сцена, а за крај на годинашново јубилејно издание на Џез фестивалот кој се одржува во ДМУ „Тодор Скаловски Тетоец“ е оставен составот на албанскиот пејач, клавирист и гитарист Влашент Сата кој зад себе има неколку интернационални објави и завидна кариера надвор од родната Тирана и кому ова му ова му е прв настап на манифестацијата.

А, во својот редовен термин, во организација на Здружението за (суб)култура ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, на 27,28 и 29 август, на летната сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде одржано деветото издание на фестивалот „Прилеп џез викенд“.

Овде, случувањата започнуваат со премиерата на документарецот „Jazzman – The form as a verb“ од џез теоретичарот, новина и диџеј Велибор Педевски кој долго време живее и твори во САД. Филмот е снимен на локации во Њујорк, Скопје, Белград и Софија и во него за овој творечки феномен говорат Сесил Тејлор, Ентони Брекстон, Вадада Лео Смит, Реџи Воркман...Милчо Левиев, Која, Оливер Белопета, Влатко Стефановски и други.

По неговото прикажување следува концертот на повеќемина македонски џез музичари кои и се добро познати на прилепската публика, инструменталисти како Трајче Велков (труба), Зоран Костадиновски (гитара), Горан Гешовски (бас гитара) и Виктор Филиповски (тапани) кои овојпат доаѓаат со авторски материјал обединети под името СКОПЈЕЏЕЗИНК.

Втората вечер на Прилеп џез викенд ќе ја отвори квартетот на контрабасистот Оливер Јосифовски (до кој патем на сцената рамноправно стојат и пијанистот Гордан Спасовски, Стефан Миладинов на гитара и Александар Ванчовски на тапани и удиралки) со премиерното претставување на проектот FUSSION DEFFUSION CONFFUSION, во кој оригиналните композиции и музичките стандарди од егзотичен карактер се измешани со тврд хард-рок звук.

И, по нив СВЕТЛОСТ, несомнено најактуелниот домашен џез состав кој и во вакви услови полека си го трасира патот на меѓународната сцена. Бендот во 2019 година го објави денес историскиот албум „Odron Ritual Orchestra“ кој на специјализираните интернационални листи се најде меѓу петнаесетте најдобри албуми, а во оваа 2020 веќе потпиша уште две несекојдневни енергетски набиени објави „Jazz (to the working class)“ и „Six Years“. За она што го творат Нинослав Спировски (кларинет, сопран и тенор саксофон), Кристијан Новковски (тапани и удиралки) и Дени Омерагиќ ( бас гитара, синтисајзер и електроника), само уште тоа дека „музиката на составот се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретниот проект, а стилски се движат од слободен џез, електро-акустична музика и пост-рок, до минимализам и амбиентална музика“.

Конечно, третата и финална вечер на Прилеп џез викенд ќе започне со промоцијата на книгата Press&Play од Ненад Георгиевски во која се забележани рецензии на албуми, на концерти и фестивалски настапи на артисти како Кирил Џајковски, ФОЛТИН, Џијан Емин, Ади Имери, Зоран Маџиров, АНАСТАСИЈА .

И, по еден таков вовед следува перформансот на НЕКС ТУ САЈЛАНС, дружината која во својот репертоар вклучува исклучиво реаранжирани композиции од артисти на реномираната европска издавачка куќа ECM, музичари како Енрико Рава, Карла Блеј, Џон Аберкромби, Дејв Холанд, АРТ АНСАМБЛ ОФ ЧИКАГО, Бил Фризел и други. Во оваа пригода, најавено е дека Александар Николовски (труба), Филип Димишковски ( клавијатури), Драган Стојковски (бас) и Гоце наумов ( тапани) ќе изведат и дел од композициите снимени за својот деби албум чие објавување ќе се случи допрва. Конечно, согласно своите стремежи за проширување на видиците и излегување од дадениот шаблон, и годинава на Прилеп џез викенд по ДИСЦИПЛИНА КИЧМЕ, Рамбо Амадеус и мнозина други алтер херои...еден бенд чија музика ќе го подгрее вниманието на пошироката публика.

Фестивалот ќе го затворат диско пост- панк активистите БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА. Со пет албумски објави „Happiness Machines“, 2009; „My Personal Holiday“, 2010; „Забранета планета“, 2013; „Политика“, 2016 година и „Втора младост, трета светска војна“, 2019 година;, еден ЕП „Ништо нема да не раздели“, безброј концерти на турнеите низ Европа и САД, несомнено се еден од најуспешните и меѓународно признати македонски состави, а во Прилеп ќе настапат со актуелната постава во која се Кристина Горовска (вокал, текстови, вокални хармонии, уметничка насока и дизајн) Васко Атанасоски (музика, стихови, бас, гитари, перкусии, аранжмани, продукција, вокал и менаџмент), Дени Крстев (синтисајзер, ритам програмирање, снимање, едитирање и мастеринг) Раде Јордановски (бас и продукциски менаџер) и Кристијан Лафазановски (тапани и перкусии).

Годинава, на Прилеп џез викенд е планирана и интересна оф-програма, па така на 28 Август 2020г на локалитетот Врбјанска чука (кај село Славеј) свој перформанс ќе има Антоние АВП проект, а веќе следниот ден на Летната сцена при Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе настапи Леонард.

Од друга страна, наместо во досега редовниот термин во месец април, во сабота и во недела, на 29 и 30 август, во Битола ќе се одржи третиот Интернационален џез фестивал Jazz Factory Festival Bitola. На Отворена сцена при НУ Народен театар најнапред во рамките на првата вечер публиката ќе има можност да проследи еден долг џезерски маратон во кој едноподруго ќе настапат дури пет артисти и состави. Воведот од 19 часот ќе го стори нашиот Антоние АВП проект, еден час подоцна следува настапот на домашните БРАМА АМИТИ, потоа на сцената ќе се искачат членовите на квартетот на двајца реномирани музичари Арменд Џафери од Косово и нашиот Тони Китановски, за 22 часот е предвиден перформансот на АЈС КВАРТЕТ од соседна Албанија и за крај ќе настапи белградската пејачка, флејтистка и композиторка Ирена Благојевиќ со музичари придружници од Србија и од Македонија.

И, конечно за неделното спуштање на завесата на Фестивалот, кој патем е член на програмата МОСТ – Будимпешта – проект поддржан од Европската Унија во делот за Кеативна Европа, со мисија да го зајакне музичкиот пазар на Балканот, преку поврзување и поддршка на артистите од светската музичка сцена; уметници, менаџери, фестивали и институции, се предвидени промоцијата „Press & Play“ на Ненад Георгиевски и доделувањето на наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар во 2019година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG