Достапни линкови

Нови кадровски промени во ВМРО-ДПМНЕ


ВМРО-ДПМНЕ

На последната седница на опозициската ВМРО-ДПМНЕ биле донесени повеќе одлуки за именувања на нови и реизбор на старите кадри на чело на партиските тела и организации, информираше денеска партијата.

Реформите и промените на дел од кадарот во партијата беше најавен и пред изборите, кога ВМРО-ДПМНЕ, направи смени во ветеранската и младинската организација на партијата. Кадровски промени во партијата беа иницирани и по предвремените парламентарни избори, но од Иницијативен одбор за вонреден конгрес за смена на лидерот Христијан Мицскоски поради изборниот пораз. Тој на Одборот му порача дека нема да поднесе оставка.

Како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, за координатор на пратеничката група е избран Никола Мицевски, а за негови заменици се именувани пратеничките Дафина Стојаноска и Ели Панова. На седницата на Извршниот комитет била донесена и одлука за избор на претседатели на општински комитети во изборните единици 1, 2 и 3.

Извршниот комитет го избрал Сергеј Попов, апсолвент на Правниот факултет „Јустинијан Први“, за нов претседател на Унијата на млади сили (УМС), а донесена е одлука за распишување оглас за избор на претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, преку јавен повик кој ќе трае две недели. Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ ќе го раководи Луке Галески. Процесот на кадровски смени и доекипирање ќе продолжи во следниот период, информираат од партијата.

XS
SM
MD
LG