Достапни линкови

Белоруската полиција ги растера демонстрантите во Минск


Антивладини демонстрации во Минск, 26.08.2020.

Полицијата во Белорусија синоќа ги растера демонстрантите кои се собраа на главниот плоштад во Минск и уапси десетици луѓе за време на 18-тиот ден од протестите, на кои се бара претседателот Александар Лукашенко да си даде оставка. Авторитарниот лидер на Белорусија, кој управува со земјата цели 26 години, одби да разговара со демонстрантите, кои сметаат дека се наместени резултатите од изборите на 9-ти август, на кои тој освои шести мандат.

Алексиевич: На Белорусија и треба помош од меѓународната заедница и Русија

Светлана Алексијевич, добитничка на Нобеловата награда за литература во 2015 година, беше поканета на расправа како член на опозициониот Совет за координација, што е создаден за да се олеснат разговорите за транзиција на власта. Обвинителите започнаа кривична истрага против членовите на Координативниот совет, обвинувајќи ги за нарушување на безбедноста на земјата. Алексејевич инсистираше на тоа дека таа и другите членови на советот не сториле ништо лошо.

„Нашата цел е да го обединиме општеството и да помогнеме во надминување на политичката криза“, рече таа пред новинарите.

Вчера, уште два члена на советот беа притворени за организирање протести, а уште неколку беа повикани на сослушување.

Столтенберг: Лукашенко да не го користи НАТО како изговор

Соединетите Држави и Европската Унија ги критикуваа изборите во Белорусија, оценувајќи дека тие не биле ниту слободни ниту фер и ја повикаа владата на Лукашенко да започне дијалог со опозицијата. Пред дводневната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ што започнува денеска, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас предупреди дека „апсолутно е неприфатливо членовите на Советот за координација да бидат уапсени, испрашувани и заплашувани“. Мас, чија земја претседава со ЕУ, рече дека Унијата нема да дозволи „сериозните прекршувања на човековите права и основните демократски принципи да поминат неказнето“.

XS
SM
MD
LG