Достапни линкови

Политички реваншизам во МВР?


Полициска единица за брза распределба, архивска фотографија

Полициските синдикати се сомневаат дека прераспределбата на специјалците во „чувари на објекти“ е политички реваншизам. При секоја промена на власт полицијата е прва на удар во политичките битки, велат безбедносните аналитичари.

„За потребите на службата“ е фразата која како објаснување ја добиле стотина полициски службеници, меѓу кои и командири, во изминатиов месец од Секторот за внатрешни работи во Скопје и Битола, како и припадниците на Единицата за брзо распределување и на Единицата за специјални задачи „Тигри“ во решението за прераспределување, велат од Независниот синдикат на полицајците.

Оттаму објаснуваат дека во изминатиов месец, додека со Министерството за внатрешни работи раководи кадарот на ДУИ, министерот Агим Нухиу како кадар во Влада во оставка, во пресрет на назначување на старо-новиот министер се напревени, во најмала рака, несоодветни и бесправни прераспределби на полицајци од повисоки позиции на пониски, без притоа за нив да бидат евидентирани никакви прекршоци.

Претседателот на Независниот синдикат на полицијата Гоце Делчев-Тодев прашува дали полицаецот е највиновен во оваа држава, што промената на власт односно добивањето на нова влада мора да оди во пакет и со промена на полициски службеници кои немаат врска со политички позиции.

„Од ЕБР е префрлен во центар за обука, на пример имаме двајца командири кои се префрлени од Единицата за специјални задачи и симнати по основ на овластување, земено им е оружјето. Од специјалец ставени се на позиција каде што не смее да носи ни пиштол, односно нема ни службено оружје. Ова се прашања за кои мораме да седнеме многу сериозно со министерот кој ќе биде во наредниот состав на владата, затоа што ова не смее да се случува. Сега ако е грешник, ако згрешил и има судски завршници, во смисла погрешил во законските овластувања, за такви случаи не сакам да говорам, но од чиста мира од специјалец да му го земеш овластувањето за мене е недозволиво“, вели Тодев.

Тој го повикува другиот македонски синдикат на полицијата заедно да се посветат оваа работа да биде приоритет во решавањето на проблемите во МВР. Само во изминативе неколку дена до Независниот полициски синдикат се обратиле 50-тина полициски службеници за, како што вели, бесправната прераспределба .

Тодев вели дека од независноста на земјава па навака, фразата „за потребите на службата“ без дополнителни објаснувања при деградирање на работната позиција честопати се користело за политички реваншизам и бара да се изнајде решение за ваквите злоупотреби.

Од МВР велат дека решенијата за прераспределба се согласно законите.

„Решенијата за распоредување се изготвени по потреба на министерството и работниците се распоредени во иста категорија и ниво со задржување на основните бодови за плата, како и додатоците кои се определени за тоа работно место. Решенијата за изготвени во согласност со Законот за внатрешни работи, Законот за полиција и Колективниот договор во Министерството за внатрешни работи“, велат од МВР.

Синдикалниот претставник на Специјалните единици за брза расределба Владимир Аврамовски бара да се дадат конкретни аргументи зошто се извршени прераспределбите. Тој вели дека разрешените специјални претпоставуваат дека станува збор за политички реваншизам.

„Најверојатно се работи за немање на аргументи за неправилно прераспределување и јас како претставник барам да се преиспитаат последните решенија кои се издадени во последниве неколку дена во Единицата за брзо распределување. Доколку се формира комисија да учестуваме во комисијата за да се провери колку се исправни тие одлуки“, вели Аврамовски.

Цветан Станковски од Единицата за специјални задачи „Тигар“ вели дека до сега десетина искусни специјалци од нивната единица добиле решенија за прераспределба на пониски позиции. Тој вели дека неговите колеги се професионалци и против нив, до сега, не била водена дисциплинска постапка.

„Значи имавме притисоци, се чувствуваше тој вакум период на промена на техничка влада, па влада, но морам да потенцирам дека тие ниту се политички активирани, тоа може Министерството само да си провери, значи немаме никаква политичка активност, ниту биле агитанти на политичка партија, значи се работи за стручни лица, но кои не по секоја цена ја поддржуваат мислата и начинот на работа на кадрите, на повисоките кадри кои се ставени политички“, вели Станковски.

Тој додава дека ова не е прв случај на ваква кадровска промена и дека во тек се правни разрешници на претходните решенија. Според него испразнетите места и кадровските промени создаваат безбедносно ослабување на оваа единица.

Од другиот синдикат во МВР, Синдикатот на полицијата на Македонија преку соопштение ја известија јавноста дека во МВР биле издадени решенија спротивни на законот и колективниот договор со кој 50-тина специјалци припадници на тој синдикат биле сведени на „чувари“. Во него посочуваат на незаконска пракса при издавање на решенија за прераспределба .

„По предлог на Началник на СВР“ - не постои и мора таа незаконска пракса повеќе да не се применува“, се вели во соопштението.

Досегашната пракса покажа дека при секоја промена на власт, политичките битки се водат врз грбот на полицајците. Поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчески вели дека за исполнување на таа цел најчесто се користи одредбата во колективниот договор – прераспределба за потреба на службата, со која не се дава објаснување за каква реална потреба станува збоор.

„ Арно ама што е потреба на службата, тоа треба да биде образложено и кажано што е таа потреба, колку ќе трае таа потреба на службата за некој да биде симнат пет скалила подолу. А не зад таа „ по потреба на службата“ да се крие политички реваншизам во МВР или етикетирање на професионалци дека припаѓаат на одредена политичка групација, кој на лево, кој на десно, и тогаш овој ќе го земеме, затоа што е непослушен, затоа што одбил некоја наредба која претставува кривично дело да ја изврши, и тогаш ај да го шиканираме и да го прераспределиме повикувајќи се на таа одредба“, вели Ѓурчески.

Тој објаснува дека со таа одредба се заштитува старешината и ако полицајците сакаат да тужат, се доведуваат до мачни ситуации да го докажуваат незаконското прерасределување и многу тешко можат да го добијат спорот. Според него синдикатите треба да се организираат да ја сменат таа одредба во колективниот договор за да може во целост да се практикува законот за кариера според кој од една скала не може подоле да се симне полициски службеник во една година и при тоа да се спроведе дисциплинска постапка.

Ѓурчески вели дека последниве разрешувања ги гледа како шиканирање и омаловажување на специјалците. Без дисциплинска постапка се накршува професионалноста во МВР, затоа што секој како што е ќе дојде на власт си менува луѓе по своја потреба, објаснува тој.

„ Кој орган кога би имале професионални институции најмногу би му сметал на врската меѓу организираниот криминал и политичките елити кои го штитат организираниот криминал, како и неказнивоста и влијанието врз судската и извршната власт. Оттука секој што доаѓа на власт или има ситуации во кои може да се наметне во владините коалиции прв орган кој што го зема и се труди да го стави под своја контрола, односно да го развласти во своите овластувања секој пат била полицијата. И полицијата секој пат ќе биде на удар се со цел таа да се амортизира и да се намали нејзиниот притисок за политичките елити сакаат да го постигнат како своја цел“ , вели Ѓурчески.

Тој посочува на еден од првите предлози за уредба на Нухиу штом седна на министерското столче беше за воведување на двојазичност на ознаките во полициските униформи. Нухиу застана на позицијата министер откако престана важноста на техничката влада чија задача е спроведување на изборите кои се оддржаа на 15 јули. На таа позиција ќе биде до назначувањето на новиот министер за внатрешни работи кој деновиве треба да биде изгласан во Собранието.

Неговиот претходник техничкиот министер Наке Чулев за време на министерувањето со МВР направи смени кои законот за техничка влада му ги овозможува. За време на неговиот мандат неколку пати јавно се расправаа со дополнителната министерка Славјанка Петрова за, како што тогаш се тврдеше, незаконските прераспределби на полицајците.

Во пресрет на распишување на изборите беше трансформирана специјалната единица Алфи. Во декември минатата година беше извршено спојување на полициските Алфи со Единицата за јавен ред и мир и Единицата за асистенции со посебна интервентна единица, потег за кој безбедносните аналитичари рекоа дека е добар потег но времето кога е направен остава сомнеж дека е поврзан со изборите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG