Достапни линкови

ЕУ свика состанок за иранскиот нуклеарен договор


Иранско знаме пред нуклеарната постројка Бушер во Иран.

Заедничката комисија за иранскиот нуклеарен договор ќе се состане во Виена на 1 септември, соопшти денеска Европската унија. Состанокот доаѓа во време САД сакаат да воведат нови санкции за Техеран, а европските сојузници се противат на тоа.

Состанокот ќе го води ЕУ и ќе учествуваат претставници на Велика Британија, Кина, Франција, Германија, Русија и Иран, се вели во соопштението на ЕУ.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео на 20 август официјално го започна процесот на активирање на механизмот со кој ќе се вратат санкциите на ОН кон Иран. САД се повикуваат на прекршувањата на нуклеарниот договор склучен во 2015 година, што Вашингтон го отфрли во 2018 година.

Помпео: САД почнуваат процес за враќање на санкциите на ОН врз Иран

Франција, Германија и Велика Британија соопштија дека не можат да го поддржат американскиот потег, велејќи дека акцијата е некомпатибилна со напорите за поддршка на иранскиот нуклеарен договор.

„За да се зачува договорот, ние го повикуваме Иран да ги преиначи сите мерки кои не се во согласност со заложбите од договорот“, се вели во заедничкото соопштение на Франција, Германија и Велика Британија објавено на 20 август.

Соединетите Американски Држави тврдат дека имаат право да го активираат механизмот за санкции. Помпео ги критикуваше европските земји за неподдржување на американското спротивставување на нуклеарниот договор.

XS
SM
MD
LG