Достапни линкови

Можен договор за влада на СДСМ и ДУИ до крајот на неделава


Архивска фотографија- лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети

СДСМ и ДУИ денеска соопштија дека во разговорите одржани на ниво на партиски секретари меѓу Артан Груби од ДУИ и Љупчо Николовски од СДСМ постигнат е сериозен напредок и информираат дека утре ќе има средба меѓу двајцата лидери, Зоран Заев и Али Ахмети.

Има сериозен напредок по однос на речиси сите прашања кои водат до договор за влада- оваа иста реченица пратена во соопштенијата на СДСМ и на ДУИ како и најавата за утрешната средба на лидерите на двете партии Зоран Заев и Али Ахмети ги зголеми очекувањата дека договор за составување на владино мнозинство е можен во скоро време.

„Со оглед на итноста и потребата од брзо ставање во целосна функција на клучните институции во државата заради справувањето со здравствените и економските предизвици поврзани со Ковид-19, во текот на утрешниот ден ќе се одржи лидерска средба меѓу претседателите Зоран Заев и Али Ахмети на која се очекува конечен договор за нова, стабилна, посветена Влада со мандат од четири години“, најавија од СДСМ и од ДУИ.

Извори од СДСМ за Радио Слободна Европа изразуваат оптимизам дека договор е можен до крајот на неделава, односно до 21 август, десетина дена пред втори септември, кој е уставен рок од 20 дена од кога партискиот претседател Зоран Заев го доби мандатот од претседателот на државата Стево Пендаровски.

Во моментов брифираат истите извори, двете страни разговараат и за распределбата на министерските ресори и за пониските ешалони, нагласувајќи дека се уште не е договорено кои ресори на кому ќе му припаднат.

„Во моментов се разговара со ДУИ, но отворени се и други опции, ако преговорите не успеат. Алијансата за Албанците и Алтернатива, но и други опции“, нагласува истиот извор од СДСМ отфрлајќи ги шпекулациите дека СДСМ во исто време преговара и со други партии.

Последниве денови од ДУИ пак во соопштенијата што ги испраќаат до медиумите, претежно ја обвинуваат албанската опозицијата за поткопување на позициите на Албанците.

„Тие го гледаат своето преживување на политичката сцена преку обиди за неуспешност на Албанците со тоа што стојат на ред на шалтерите на СДСМ и ВМРО и уништувајќи ги преговарачките позиции на победникот и легитимниот претставник на Албанците“, наведуваат од ДУИ.

Флакрон Беџети, портпарол на Алијансата за Албанците во изјава за РСЕ ги отфрла ваквите обвинувања. Вели дека ваквите позиции на ДУИ биле поради што станало извесно дека предизборното ветување на партијата на Ахмети за премиер Албанец немало да се реализира.

„Ова е некое оправдување на ДУИ пред нивното гласачко тело дека некој им ги нарушил позициите. Апсолутно не држи тоа“, вели Беџети.

Алијансата за Албанците и Алтернатива, освоија 12 пратеници, три помалку од ДУИ. Првично, особено пред изборите, Заев нив ги споменуваше како посакувани владини партнери, а со досегашниот партнер ДУИ си разменуваа остри пораки. По изборите лидерот на СДСМ се сретна со Африм Гаши од Алтернатива, средба која што Беџети ја толкува како неформална, а имаше информации и за средба на Зијадин Села од Алијансата за Албанците со Заев, но неговиот портпарол вели дека немал информација за формална средба на која се разговарало за коалиција.

„Апсолутно сме претпазливи за средби бидејќи сметаме дека таа предност ја има ДУИ да преговара за составување на владата“, вели Беџети.

Инаку ако СДСМ и ДУИ договорат владино мнозинство тоа би имало точно 61 пратеник, односно коалицијата „Можеме“ која ја предводи СДСМ освои 46 пратеници и ДУИ 15. Претходно, ДПА која освои еден пратеник, се согласи да биде дел од владиното мнозинство што би значело дека идната владина коалиција би имала 62 пратеници. Партијата на Али Ахмети во предизборната кампања инсистираше дека новиот премиер ќе биде Албанец, што за СДСМ, како што изјавуваа челниците од таа партија, е неприфатливо.

Изборите се одржаа на 15 јули, а претседателот Стево Пендаровски на 13 август му го даде мандатот за формирање на влада на лидерот на СДСМ Заев и од тогаш тече 20 дневниот уставен рок за формирање влада. ВМРО-ДПМНЕ, која освои 44 пратенички места, пак, смета дека Пендаровски му го дал мандатот на Заев неуставно, оти тој нема обезбедено владинот мнозинство. Од партијата најавија дека е можно и да поднесат иницијатива до Уставниот суд за мандатот кој Пендаровски му го даде на Заев. Во парламентот, во кој има 120 пратенички места двајца пратеници има и Левица.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG