Достапни линкови

Русија ја регистрираше вакцината против коронавирусот, експертите скептични


Рускиот претседател Владимир Путин.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е регистрирана за употреба вакцината против коронавирусот која е произведена во Русија и покрај тоа што вакцината не помина широки клинички испитувања и податоците за неа не се јавни објавени.

Путин соопшти за вакцината на денешниот владин состанок, велејќи дека вакцината се покажала како „ефикасна“ за време на првичните тестови и дека може да обезбеди траен имунитет од коронавирусот.

Иако Русија е прва земја што регистрираше вакцина против коронавирус, научниците во Русија и во странство изразија скептицизам во врска со тоа. Односно дека вакцина не се регистрира пред да се спроведат таканаречните испитувања во три фази и пред податоците да ги разгледаат независни медицински експерти.

Испитувањата во три фази, според Светската здравствена организација (СЗО), се всушност тестирања на вакцината на луѓе. Тестирањата се спроведуваат на илјадници луѓе и обично траат со месеци, според протоколите на СЗО.

Руската вакцина се смета дека била тестирана на помалку од 100 луѓе.

Повеќе од 100 можни вакцини се развиваат ширум светот, а најмалку четири се во последната трета фаза од тестирањата на луѓе.

Местење бројки? Помалку тестови, помалку случаи на ковид-19

СЗО минатата недела ја повика Русија да ги следи утврдените упатства и да ги помине „сите фази“ неопходни за развој на безбедна вакцина.

Путин инсистира на тоа дека руската вакцина е соодветно тестирана, додавајќи дека една од неговите две ќерки ја примила и се чувствува добро.

„Се надевам дека ќе можеме да започнеме со масовно производство во блиска иднина, што е важно“, рече денеска Путин, додавајќи дека вакцината треба да се прима на строга доброволна основа.

Владата на Русија соопшти дека здравствените работници, наставниците и луѓето кои спаѓаат во критични категории ќе бидат првите на кои ќе им биде понудена вакцината.

Во Русија има скоро 860 илјади регистрирани случаи на заразени со ковид-19.

XS
SM
MD
LG