Достапни линкови

Филипче – Став на Комисијата е онлајн настава, освен за првачињата


Венко Филипче

Став на Комисијата за заразни болести е наставата да почне да се одвива онлајн, освен во првите одделенија во кои е неопходно физичко присуство на децата, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

„Стравувавме во оваа ситуација, наесен, кога не знаеме што може да нè чека и со што се соочуваме, како и сите земји во Европа, ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво ограничување во затворена просторија“, изјави Филипче во вестите на ТВ Канал 5.

Ковид 19: Затворени училишта, генерациска катастрофа

Притоа тој посочи на опасностите за ширење на заразата за време на транспортот до и од училиштата, потоа комуникацијата на децата на одморите, за време на влез во училиштето, во заедничките простории и ходниците.

Овој став денеска, рече Филипче, го презентирал на седница на Владата и додаде дека дискусијата сè уште трае и очекува Владата за неколку дена да го донесе конечниот заклучок.

Состанокот на Комисијата за заразни болести со претставници на МОН денеска беше одложен за утре, а протоколите за начинот на реализација и моделите на настава беше најавено да бидат соопштени на 10 август.

Министерот за здравство соопшти дека за утре е закажан состанок на Комисијата за заразни болести со претставници на Министерството за труд и социјална политика на кој ќе ги разгледуваат протоколите за работа на градинките.

XS
SM
MD
LG