Вести
Помпео: Руските власти гo задушуваат независното информирање

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека руските власти продолжуваат да ги задушуваат независните информации и слободата на говор. „Гласот на Америка и Радио Слободна Европа се витален извор на информации за Русите. Ги повикуваме руските власти да ги преиспитаат новите ограничувања на слободните медиуми“, напиша Помпео на Твитер. Претходно, Стејт департментот ја објави изјавата на Помпео дека Соединетите држави се „длабоко загрижени“ за неодамнешниот нацрт-декрет на руските власти, кој наводно е насочен кон медиумите во Русија финансирани од Американската агенција за глобални медиуми.
РСЕ: Со новиот закон во Русија се прави притисок врз новинарите
"Повеќе од 70 години, Гласот на Америка и Радио Слободна Европа се важни извори на независни вести и информации за руските граѓани. Оваа регулатива ќе воведе нови сурови барања што дополнително ќе ја намалат способноста на Гласот на Америка и РСЕ да работат во Русија". изјави Помпео, наведувајќи: „Ги повикуваме руските власти да ги преиспитаат овие чекори, што дополнително ќе ги оштетат билатералните односи“.
ЕУ повика Русија да го укине законот за „странски агенти“
На крајот на јули, руската регулаторна агенција за медиуми објави нацрт одредба, според која медиумите регистрирани во Русија како странски агенти треба да ја наведат оваа класификација, заедно со објавената содржина. Предлог-уредбата треба да го надополни рускиот закон од декември 2017 година, со кој медиумите финансирани од странство беа прогласени за странски агенти.
види ги сите денешни вести
Азербејџан тврди дека ќе им дозволи на експерти од ОН да го посетат Нагорно-Карабах

Азербејџан има намера да дозволи група експерти на Обединетите нации (ОН) да го посетат регионот Нагорно-Карабах „во рок од неколку дена“, објави во петокот, 29 септември, кабинетот на претседателскиот советник.
Медиумите ќе имаат можност да го посетат и Карабах, според наведеното во соопштението, додека бројот на етничките Ерменци кои го напуштиле регионот по молскавична воена офанзива на Азербејџан достигна речиси 90.000, од околу вкупно 120.000 жители.
САД, но и други држави го повикаа Баку да дозволи меѓународни набљудувачи да влезат во Нагорно-Карабах, поради загриженоста за можни прекршувања на човековите права. Ерменија го обвини Азербејџан за етничко чистење во Карабах, но Баку тоа и натаму го негира.
Азербејџанскиот претседателм, Илхам Алиев, изјави дека правата на Ерменците во Карабах ќе бидат целосно почитувани, но дека неговата „железна тупаница“ ја става во историјата идејата за независен етнички ерменски Карабах.
Алиев му рекол на американскиот државен секретар Антони Блинкен во телефонски разговор во вторникот дека неговите сили целеле само кон „воените објекти за време на антитерористичките мерки, кои траеле помалку од 24 часа, а немало повредени цивили“, се вели во соопштението на канцеларијата на азербејџанскиот претседател.
Во исто време, егзодусот на етничките Ерменци од Нагорно-Карабах во Ерменија продолжува, десет дена по молскавично брзата азербејџанска воена офанзива која му даде целосна контрола на Баку врз отцепениот регион.
По брзата акција на азербејџанската армија, на 20 септември двете страни потпишаа договор за прекин на огнот.
Ерменија и Азербејџан водеа две војни во последните три децении за регионот, кој по распадот на Советскиот Сојуз беше мнозински етничка ерменска енклава во меѓународно признатата граница на Азербејџан.
Османи: Србија треба да одговара за своите постапки против Косово

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, побара од меѓународната заедница Србија да биде таа која ќе се смета за одговорна за нападот на север на Косово, со тоа што „јасно ќе и се стави до знаење дека мора да престане да финансира и поддржува криминални групи за терористички акти“.
Османи на 29 септември заедно со амбасадори на земјите членки на НАТО и ЕУ разговараше за безбедносната состојба на земјата по нападот на косовската полиција во Бањска во неделата, кога загина еден полициски службеник, а потоа беа убиени и тројца од напаѓачите.
„Доколку вакви мерки изостанат, Србија тоа може да го злоупотреби, можеме да имаме повторување на вакви терористички акции“, изјави Османи.
Косово ја обвини Србија за вооружениот напад во Бањска, кој косовските власти го карактеризираа како терористички чин. Но, за разлика од овие тврдења, официјален Белград ги отфрли овие обвинувања и излезе со став дека нападот се случил бидејќи „Србите од северот на Косово повеќе не можат да го издржат теророт на премиерот Албин Курти“.
„Косово е решено да продолжи да промовира мир и стабилност во регионот, како и да работи со локалната српска заедница на нивно зближување и интеграција во општеството и институциите на Косово“, рече Османи по денешната средба.
Во меѓувреме, денеска на 29 септември, одговорноста за овој напад ја презеде Милан Радоичиќ, сега веќе поранешен потпретседател на партијата Српска листа, тврдејќи дека тој лично ги направил сите логистички подготовки за овој напад.
Ова признание на Радоичиќ доаѓа откако косовските власти веќе го посочија токму него како организатор и учесник во вооружениот напад.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, на 26 септември објави видео од дрон за кое тврдеше дека ја прикажува токму улогата на Радоичиќ во вооружениот конфликт со полицијата во Бањска.
Во меѓувреме, Косово усвои резолуција во Собранието со која бара меѓународна истрага за вмешаноста на Државата Србија во нападот во Бањска.
Утврден составот на Анкетната комисија во Собранието за случајот „Онкологија“

Собранието го утврди составот на анкетната комисија која ќе треба да ги истражува обвинувањата за случајот „Онкологија“, откако во медиумите беше објавен скандалот за злоупотреба на лекови од Клиниката за онкологија и нивно препродавање на црниот пазар.
Со утврдениот состав на оваа комисија, ќе раководи пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи, а одлуката за избор на Мизрахи беше донесена на денешната седница на собраниската Комисија за прашања на избори и именувања.
За членови на Анкетната комисија утврдени се пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата - Антонио Милошоски, Гордана Сиљановска-Давкова, Иванка Василевска, Љупчо Пренџов и Петар Ристески, пратеници од СДСМ и коалицијата – Даниела Маркоска, Ненад Коциќ, Мартин Костовски и Марија Георгиевска, пратениците Арбен Зибери и Бедри Фазли од ДУИ и Ремзи Мехмеди од Алијанса за Албанците.
Овој утврден состав на Анкетната комисија пак, дополнително ќе треба да помине на пленарна седница во вторник и потоа се очекува истата да започне со работа.
Случајот „Онкологија“ крена голема прашина во јавноста, по објавувањата за злоупотреби и препродавање на терапијата со цитостатици за болните од рак која за нив живот значи.
Досега во земјава се организираа и неколку протести, а обвинителството започна и со предистрага за случајот „Онкологија“, за кој пак допрва се очекува разврска.
Русија ќе може на Параолимпијада, но без знаме

На руските спортисти ќе им биде дозволено со неутрални знамиња да настапуваат на Параолимписките игри во Париз во 2024 година, откако членовите на Меѓународниот параолимписки одбор гласаа против целосна забрана.
Поголемиот дел од членовите на Меѓународниот параолимписки одбор, во петокот на 29 септември, им дозволија на руските спортисти да учествуваат на ова натпреварување без националните знамиња, бои или амблеми, неколку часа откако гласаа против целосна забрана, пренесува АФП.
Русија речиси сигурно ја избегна забраната за учество на Параолимписките игри 2024 година во Париз, откако членовите на Меѓународниот параолимписки комитет на 29 септември гласаа против нејзина суспензија во членството на оваа организација.
Слично гласање е планирано да се случи и за Белорусија, која е партнер на Русија во војната со Украина.
Спортисти од Русија и Белорусија пристигнаа на Зимските Параолимписки игри во Пекинг во март 2022 година, една недела откако Русија ја нападна Украина, и тие беа исфрлени од ова натпреварување еден ден пред официјалното отворање.
Меѓународниот олимписки комитет се залага руските и белоруските спортисти да им се вратат на меѓународните натпреварувања како неутрални без државни симболи се додека не бидат ангажирани во војска или се додека јавно не ја поддржуваат војната.
Комитетот сепак и натаму нема донесено конечна одлука за нивно учество на Олимписките игри во Париз следното лето.
Меѓународните организации и натаму се борат со тоа како да ја санкционираат Русија поради инвазијата на Украина, додека се придржуваат кон принципот на фер-плеј игра и давање на шанса на поединци.
Бектеши за млекото со афлатоксин: Граѓаните да им веруваат на институциите

Граѓаните да им веруваат на институциите, а не на изјавите што ги даваат некои политичари за собирање на дневни политички поени, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши во врска со обвинувањата на Цветан Трипуновски дека во продавниците има над 20 тони трајно млеко од Србија со афлатоксин.
Одговорајќи на новинарски прашања по посетата на „Бимилк“, Бектеши напомена дека веќе ја споделил информацијата на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) преку својот фејсбук профил.
„АХВ е најкомпетентна институција за оваа тема во државата и јас имам целосна доверба во тоа што го кажува, а и граѓаните треба да им веруваат на институциите, а не на изјави што ги даваат политичари за некаква придобивка или за дневен интерес и собирање политички поени“, потенцира Бектеши.
Трипуновски пред три часа на Фејсбук објави дека „на 21 септември оваа година во Македонија се увезени преку 20 тони трајно млеко од Србија, со рок на важност до 3 февруари 2024 година“, како и и тоа дека ова млеко е пуштено во промет иако во него е детектиран афлатоксин М1 над максималното дозволено ниво.
По ова, од АХВ веднаш излегоа со демант за овие тврдења, нагласувајќи дека Трипуновски повторно лажно шири паника.
„Млекото со афлатоксин се враќа во Србија. Граѓаните да бидат спокојни зашто „канцерогено” млеко со афлатоксин по потекло од Србија, како што тврди Трипуновски, на полиците во маркетите го нема. Неосновано ширење паника и доведување на граѓаните во заблуда е последната објавена вест на Трипуновски, дека на рафтовите во продавниците се пласирани над 20 тони трајно млеко од Србија со афлатоксин М1 над максимално дозволените концентрации“, стои во демантот на АХВ.
АХВ контра Трипуновски: Во државата нема канцерогено млеко од Србија

Неосновано ширење паника и доведување на граѓаните во заблуда е последната вест дека на рафтовите во продавниците се пласирани над 20 тони трајно млеко по потекло од соседна Србија кај кое лабораториски е детектирано присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволените концентрации, реагираат од Агенцијата за храна и ветеринарство, откако претходно ваква вест објави Цветан Трипуновски, претседател на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.
„За да нема идни шпекулации и замајувања на јавност, дека граѓаните во земјата пијат небезбедно млеко со афлатоксин, одговорно тврдиме дека со цел спречување на ризикот за јавното здравје, поради утврдено зголемено присуство на афлатоксин М1, во сила е решението за безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко и храна за исхрана на животни од 1 декември минатата година, кое го донесе Агенцијата за храна и ветеринарство. Со него се врши задолжително лабораториско тестирање на присуство на афлатоксин М1 на секоја пратка со млеко и производи од млеко што се увезува во земјата, а е по потекло од Република Србија или од Босна и Херцеговина“, информираат од АХВ.
Оттаму велат дека мостри се земаат на граничните премини, односно пратките не се пуштаат во промет до добивање задоволителен резултат од тестирањата.
Од АХВ велат тврдат дека денеска, во согласност на извозникот, од граница тоа млеко се враќа во Република Србија во согласност со законски дефинираните процедури.
Претходно денеска Трипуновски изјави дека на 21 септември оваа година во Северна Македонија е увезено преку 20 тони трајно млеко од Република Србија, со рок на важност до 3-ти февруари 2024 година и истото е пуштено во промет иако во млекото е детектирано амфлатоксин М1 над максималното дозволено ниво.
Тој предупреди дека истото е штетно за пиење и може да предизвика труење и други компликации по здравјето на граѓаните.
Неодамна токсичен пестицид бил откриен кај црвени пиперки во Хрватска, кои биле увезени од Македонија. Од Европскиот систем за брзо предупредување за храна предупредуја дека се работи за пестицидот „форметанат“, којшто како ефикасен инсектицид се користи во производството на овошје и зеленчук.
МААЕ одобри резолуција за итно враќање на централата Запорожје под украинска контрола

Шеесет и седмата генерална конференција на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) одобри резолуција со која се бара итно враќање на нуклеарната централа Запорожје под контрола на Украина, соопшти украинското Министерство за енергетика.
Според Министерството, 69 земји ја поддржаа резолуцијата за нуклеарна безбедност во Украина. Резолуцијата беше предложена од Канада, Финска и Костарика.
„Како дел од резолуцијата, таа ја повикува Москва „веднаш да го повлече целиот воен и друг неовластен персонал“ од штабот и да го предаде објектот под целосна контрола на надлежните украински органи во согласност со постојната лиценца издадена од Државниот нуклеарен регулаторен инспекторат на Украина“, додаваат од Министерството.
Покрај тоа, МААЕ е загрижена што Руската Федерација не ги послушала претходните повици на управниот одбор на организацијата веднаш да ги прекине сите дејства против и на нуклеарните локации во Украина и да го повлече својот воен и другиот персонал од нуклеарната централа Запорожје.
Документот ја нагласува важноста на нуклеарната и физичката безбедност при мирно користење на нуклеарни постројки и материјали под сите околности, вклучително и за време на вооружени конфликти.
Републиканците отворија истрага за импичмент на Бајден со фокус на син му

Републиканците во Претставничкиот дом, кои ја започнаа истрагата за импичмент на претседателот Џо Бајден на првото сослушување во процесот на 28 септември, ги детализираа исплатите на членовите на неговото семејство од странство, но не обезбедија докази дека претседателот лично имал корист од нив.
Првото сослушување за импичмент од страна на Комисијата за надзор на Претставничкиот дом служеше како преглед на доказите што републиканците досега ги собрале за странските деловни потфати на проблематичниот 53-годишен син на Бајден, Хантер Бајден, што според нив покажува дека членовите на семејството Бајден му продале пристап до него.
„Американскиот народ бара одговорност за оваа култура на корупција“, рече претседателот на Комисијата за надзор на Претставничкиот дом, Џејмс Комер.
Тој рече дека Бајден лажел за работните места на членовите на семејството и не ги одвојувал од неговите службени должности.
Демократите и неколку независни сведоци рекоа дека нема докази дека Бајден примил некое од тие плаќања или на друг начин постапил неправилно додека служел како потпретседател помеѓу 2009 и 2017 година.
Белата куќа негираше дека сторила нешто лошо и ја отфрли истрагата како политички мотивирана.
Демократот Џејми Раскин рече дека републиканците имале навестувања за докази што треба да ги презентираат на сослушувањето.
„Но, тие немаат ништо“, рече Раскин.
Бајден води кампања за реизбор во веројатниот реванш со републиканецот Доналд Трамп, кој се соочува со четири кривични судски процеси за низа обвиненија, од обид да ја поништи неговата изборна загуба во 2020 година до лошо постапување со доверливи документи по напуштањето на функцијата.
Трамп, кој двапати беше отповикан од Претставничкиот дом додека беше на функцијата и некои од неговите републикански сојузници со месеци бараат импичмент на Бајден.
Кремљ го задолжи поранешниот командант на Вагнер да формира доброволни борбени единици

Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин се сретнал со Андреј Трошев, поранешниот началник на Генералштабот на платеничката група Вагнер и му ја предал одговорноста за формирање нови доброволни борбени единици.
„На нашиот последен состанок разговаравме за тоа дека ќе бидете ангажирани во формирање на доброволни единици кои можат да извршуваат различни борбени задачи“, рече Путин на средбата со Трошев и рускиот заменик министер за одбрана Јунус-Бек Јевкуров на 28 септември, според транскриптот од разговорот објавен ден подоцна.
Путин истакна дека Трошев „е свесен за прашањата што треба да се решат претходно за да се обезбедат подобри и успешни борбени активности“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 29 септември им изјави на новинарите дека поранешниот началник на кабинетот на Вагнер сега работи во Министерството за одбрана.
Во август, Институтот за проучување на војната соопшти дека командантите на Вагнер го обвиниле Трошев и другите високи функционери на платеничката група за „предавство на Вагнер за приватната воена компанија Редут, поврзана со руското Министерство за одбрана“.
Редут, комбинација од неколку помали групи ветерани на Руската служба за надворешно разузнавање, руските воздухопловни сили и единиците на руското Министерство за одбрана, е активен во војната во Украина откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.
Извештајот на Институтот беше објавен три дена пред авионот поврзан со основачот и лидер на Вагнер, Евгениј Пригожин, да се урне меѓу Москва и Санкт Петербург на 23 август, при што загинаа сите 10 лица во него.
На 27 август, руските власти соопштија дека телото на Пригожин било идентификувано од лекарите, заедно со телото на уште девет лица во авионот „Ембраер 600“, кој се урна во регионот Твер во сомнителни околности.
Два месеци пред неговата смрт, на 23-24 јуни, Пригожин испрати илјадници свои борци во краткотраен бунт против воената команда што се бори во Украина, наметнувајќи му го еден од најголемите предизвици на Путин во неговата дведецениска власт.
Бунтот следуваше по неколкумесечните интензивни јавни борби со руското воено раководство за воената стратегија во Украина и снабдувањето со муниција, бидејќи борците на Вагнер одиграа главна улога во тешките борби за градот Бахмут на истокот на Украина.
Во средината на септември, британската влада ја додаде групата Вагнер на својата листа на терористички организации, велејќи дека таа останува закана за глобалната безбедност дури и по смртта на Пригожин.
Претходно во јануари Вашингтон го назначи Вагнер за транснационална криминална организација.
Најмалку 52 лица загинале во самоубиствен напад во Пакистан

Најмалку 52 лица загинале, а повеќе од 50 биле повредени во петокот, (29 септември) во самоубиствен напад на верски собир по повод роденденот на пророкот Мухамед во пакистанската провинција Белучистан, соопштија здравствените власти и полицијата.
Според Ројтерс, ниту една група сè уште не ја презела одговорноста за експлозијата.
На западот на Пакистан, каде што се наоѓа Балучистан, зголемен е бројот на напади, што ги зголемува ризиците за безбедносните сили пред националните избори закажани за јануари следната година.
„Бомбашот ја активирал експлозијата во близина на возилото на заменик-началникот на полицијата“, изјави за Ројтерс заменик-генералниот инспектор на полицијата Мунир Ахмед, додавајќи дека експлозијата се случила во близина на џамија каде што луѓето се собирале на поворка за да го одбележат роденденот на Мухамед.
Техрик-е Талибан Пакистан, главна група која вклучува различни екстремни сунитски исламистички групи, негираше дека го извршила нападот.
Во јули, повеќе од 40 луѓе беа убиени во самоубиствен бомбашки напад во северозападната провинција Хајбер Пахтунхва на митинг на верска политичка партија.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете