Достапни линкови

Сè уште неизвесно, онлајн настава или на училиште


Илустрација - прв школски ден од учебната 2019/2020

На три недели пред почеток од новата учебна година, надлежните се уште ги разгледуваат можностите за наставата во време на пандемија. Според истражување на Првата детска амбасада „Меѓаши“ родителите и старателите се за комбинирана настава. Според истражување на Министерството за образование и наука, директорите и наставниците се за настава со физичко присуство.

Родителите се за онлајн или комбинирана настава (онлајн и во училиште), е заклучокот од истражувањето на Првата детска амбасада „Меѓаши“.

„Како најбезбеден услов за спроведување на образовниот процес е рангиран „Онлајн - настава, доколку Владата забрани одржување настава во училиштата поради зголемен број на заразени“ сметаат половина или 50,8% од испитаниците. „Комбинирана настава од онлајн - настава и настава во училиште со намален број присутни ученици и со сите запазени протоколи за безбедност во училиштата“ е најчесто второ рангиран услов и тоа од 44,7% од испитаниците, а најчесто како трето-рангиран услов е условот „настава во училиште за сите деца распределени во помали групи, кои ќе одат во смени со сите запазени протоколи за безбедност во училиштата“ и тоа од 35,3% од испитаниците“, наведуваат од „Меѓаши“.

Истражувањето го спровеле во периодот од 22 јули до 03 август годинава. Според изјаснувањето на испитаниците, на родителите најважно им е здравјето и безбедноста на децата, а понатаму хигиената и дезинфекцијата и на крај држење дистанца. Повеќе од една половина од испитаниците, односно 52,4 отсто би потпишале согласност нивното дете да оди секој ден на училиште.

„Најголема загриженост доколку се започне со физичко одење во училиште за 39,7% од испитаниците претставуваат опасности на патот до училиште и враќање дома (автобус, дружење после часовите и сл.) . Голема загриженост за 30,7% од испитаниците предизивикува и несоодветен број деца во една училница. Најмала загриженост покажуваат 33,5% од испитаницте во врска со соодветното дезинфицирање на просториите“, истакнуваат од Првата детска амбасада.

Дополнително, 47,3 проценти од испитаниците рекле дека досегашната онлајн настава делумно ги задоволила потребите на учениците, а за 43,6 отсто од родителите оваа настава воопшто не ги задоволила потребите на учениците. Во истражувањето е наведено дека според родителите со онлајн наставата на децата им недостасува социјализација за правилен развој, комуникација наставник-ученик, работна атмосфера, квалитетно образование и стекнување на соодветни знаења.

Образовните службеници за настава со физичко присуство

„Преовладува позитивно мислење и во Kоординативниот кризен штаб и во Владата, но и во образовните институции, учебната година да почне со физичко присуство. Не прејудицираме, се разгледуваат сите можни опции, ги имаме протоколите за сите модели на настава кои се подготвуваат низ инклузивен пристап со консултација на сите засегнати страни за да имаме издржани решенија“, изјави министерот за образобание и наука Арбер Адеми.

На видеосредба со медиумите на која беа презентирани резултати од истражување за искуствата од онлајн-наставата во минатата учебна година, Адеми кажа дека има доволно време до 1 септември навреме да се организира почетокот на 2020/2021 година и сите училишта да се подготват за спроведување на протоколите. Зелено светло за модалитетите, како што рече, е дадено од Комисијата за заразни болести со кои во детали ги разработиле, добиле ставови и од СОНК и овие денови се очекува нивното финализирање.

Во однос на петициите од родители на социјалните мрежи против отворање на училиштата, но и против онлајн-настава, тој одговори дека каква опција и да се понуди или да се преземе некое решение, секогаш ќе се најдат луѓе кои ќе даваат отпор или ќе најдат причина за да ги оспорат. Тој додаде дека затоа сите одлуки ги носат преку пристап на вклучување на сите засегнати страни и преку истражување и анализа. Притоа нагласи дека конвенционалната настава во училница е незаменлива и дека и во најразвиени земји кои имаат беспрекорни технички услови за е-настава таа не се организира во целост.

Според резултатите од истражувањето „Искуства и ставови за учењето на далечина за време на пандемијата на КОВИД-19“ околу половина од анкетираните родители, директори и наставници сметаат дека треба да се продолжи со наставата во училиште од септември.

Речиси 59 проценти од анкетираните директори, 58 проценти од анкетираните наставници во основното и 48 проценти од средното образование, како и 46 проценти од анкетираните родители ја поддржале редовната настава во училница во согласност со протоколите. За поддршка на комбиниран модел на настава во училница и на далечина се изјасниле 36 проценти од анкетираните директори, 33 проценти од наставниците во основното и 38 проценти од наставниците во средното образование, како и 35 проценти од родителите.

Повеќе од половина од наставниците (54 отсто) сметаат дека во трите месеци онлајн-настава (март-јуни) се зголемил бројот на ученици кои имаат тешкотии да го усвојат наставниот материјал, а 77 отсто од наставниците во одреден период од наставата на далечина не можеле да остварат контакт со учениците. Мнозинството наставници рекле дека имаат потреба од обука за користење на образовна технологија.

Истражувањето е спроведено од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Владата на Обединетото Кралство и во соработка со истражувачкиот тим на Реактор-истражување. Опфатило мислења од околу 10 000 испитаници(210 директори на училишта, 6400 наставници и 3400 родители) прашани преку онлајн-анкета во јуни и јули.

Онлајн учење - Успешно или не?
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:01 0:00

Народниот правобранител бара унифициран систем на настава

Денеска и заменичката на Народниот правобранител, Васка Бајрамова Мустафа испрати мислење до Министерството за образование и наука во кое се истакнува дека онлајн наставата мора да има унифициран систем и да се посвети внимание на учениците од руралните средини, од социјално загрозените семејства и на учениците со попреченост.

„Не треба да се занемарат децата односно учениците кои имаат проблеми да се адаптираат на учењето од далечина, поради недостатокот или целосната оневозможеност да пристапат до онлајн платформите за учење, односно од причина што немаат технички средства и интернет конекција за комуникацијата со своите наставници. Влијанието на пандемијата од Ковид-19 врз наставата генерално, многу е веројатно да има долгорочни последици, особено врз најранливите и маргинализираните ученици, како што се учениците со попреченост, Ромите, мигрантите, бегалците, и во овие новонастанати услови уште повеќе се видливи веќе постоечките проблеми во наставата кои овие ученици и онака ги имаат, па следствено треба да се преземат соодветни мерки. Со оглед на тоа дека многу образовни системи сега нудат онлајн модалитети на учење, императив е да се остварат сите предуслови во смисла на дигитализација на наставата, но при тоа истата да биде достапна за сите ученици“, се вели во мислењето.

На крај истакнуваат дека „далечинското образование бара длабока трансформација на образовните системи вклучително и механизмите за финансирање, управување, осмислување, реализација и следење на успехот и напредокот на сите ученици во услови на образование од далечина“.

XS
SM
MD
LG