Достапни линкови

Настава во училиште или онлајн предавања?


Работна група на Министерството за образование и Комисија за заразни болести во вторник или среда ќе одржат средби за да се утврди конечна верзија на плановите и протоколите како да се одвива наставата од 1 септември во услови на епидемија од ковид-19. Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска за МИА изјави дека работната група и за време на продолжениот викенд ќе работи за да ги финализира сите детали.

Конечната верзија, како што рече, потоа треба да помине на седница на Влада, можеби уште на првата закажана по празникот – в среда, и се надева дека до петок усвоената верзија веќе ќе им биде пратена на училиштата за да се подготват и приспособат според своите услови. На 10 август ќе биде презентирано и за јавноста.

Таа вели дека имаат модели по кои треба да се одвива наставата, а самите општини, кои имаат и кризни штабови треба да проценат по кој модел ќе се учи.

„Наш генерален став, како и во повеќето земји во светот, е наставата да се организира со физичко присуство на учениците и со почитување на мерките за заштита. Тоа ќе зависи и од средината, дали има или нема заболени од вирусот.Нема да биде проблем за помалите и руралните средини со помал број ученици. Наставата со физичко присуство ни е важна за основците, особено за најмалите, од прво до трето одделение, кои не може да се описменуваат прелу компјутер, а има и родители кои не можат или не знаат да им помогнат. Тука е многу важна и социјализацијата на тие деца“, изјави Наумовска за МИА.

Онаму каде што ќе има учење од далечина, рече таа, не значи дека моделот е-настава ќе се применува во текот на целата учебна година, туку додека трае опасноста од вирусот и ќе може да се преминува од еден во друг модел.

Комбинираната настава би се применувала со ротации на учениците од една паралелка – едни кои ќе одат во училиште и други кои од дома онлајн и во исто време ќе ја следат наставата. Ротирањето би било на две недели. Така би се растоварил и превозот на учениците, зашто протоколите за превоз, исто така, налагаат најмногу 50 отсто исполнетост од капацитетот на возилото.

Независно кој модел на настава ќе биде избран, предвидено е часовите да бидат скратени, а за најмалите да траат 20 минути. За е-настава ќе се дефинира платформа што ќе се применува на ниво на училиште, но може да се разликува од едно до друго училиште. За наставниците да бидат исто ангажирани во онлајн-наставата и за да нема оправдувања дека немале опрема или интернет-пристап, се предлага наставата од далечина да ја реализираат од училиштето.

Откако ќе бидат донесени протоколите, директорите на училиштата ќе имаат една недела да направат план за своето училиште според насоките од МОН затоа што, рече Наумовска, тие најдобро ја знаат состојбата на свој терен и како најдобро да ја изменаџираат состојбата.

XS
SM
MD
LG