Достапни линкови

Средношколците со 13 препораки за далечинско учење


Затворено училиште поради коронавирусот

Образованието се прилагоди на далечинско учење, но средношколците реагираат дека процесот е далеку од идеален. Затоа, тие изведоа неколку препораки за следната учебна година, која засега не се знае дали ќе почне во училишните клупи или од дома.

Средношколците ја заокружуваат оваа учебна година незадоволни од условите за далечинско учење. Од Сојузот на средношколци реагираат на недостатоците и апелираат да се преземат активности за подобрување во случај на ново затворање на училиштата поради евентуален втор бран на коронавирусот на есен.

„Владата на 11 март, привремено ги затвори училиштата како мерка за ограничување на ширењето на КОВИД-19. Потсетуваме дека ова беше правилна одлука донесена во вистинско време од страна на министерот за образование и наука, г-динот Арбер Адеми. Од 11 март, образованието во Северна Македонија се спроведува онлајн, но ситуацијата е далеку од идеална“, се вели во воведот на реакцијата од Сојузот на средношколци за влијанието на КОВИД-19 врз средното образование.

Пред се, наведуваат дека споредбено со приватни училишта, кои и пред кризата користеа онлајн платформи, јавните училишта не ги употребуваа во редовната настава. Тоа, велат од Сојузот, доведе до нееднаквост во образованието, затоа што и не постои стандардизација и јасни насоки за далечинско учење од Министерството за образование и наука.

„Не постои единствена платформа која се користи на национално ниво за далечинско учење во земјава и многу наставници користат различни платформи. Навистина збунувачки е средношколците да користат повеќе од две платформи за учење истовремено. Употребата на платформи кои се во приватна сопственост може да претставува опасност за автентичниот јавен карактер на образованието, со сè уште нејасни последици врз сопственоста на содржината и заштитата на податоците“, посочуваат од Сојузот на средношколци, додавајќи дека средношколците се под притисок и се чувствуваат преплавено.

Делумно ова се должи и на тоа што некои наставници не користат платформи со видео повици и, како што велат тие, „доделуваат многу домашни задачи со кои средношколците честопати треба да се справат сами“. Поради тоа, реагираат и што не се инвестира во развивање на капацитетите на наставниците и поради недостигот на инвестиции во дигитализација.

Тие имаат 13 препораки за далечинско учење во случај на есен да се повтори ситуацијата со епидемијата од коронавирусот.

Сојузот на средношколци за да дојде до овие заклучоци и препораки спроведе онлајн анкета на средношколци од целата земја. Добиле одговори од 266 средношколци, а како најчест проблем анкетираните велат дека е што професорите немаат доволно познавања за управување со платформите, „па на овој начин предавањето е неквалитетно и тестовите се нереални.“

Од Министерството за образование и наука велат дека се надеваат дека следната учебна година ќе започне и ќе се одржува во училишните клупи.

„Од септември доколку сé биде во ред, наставата би продолжила во училишните клупи. Во спротивно, во нашата земја веќе е воспоставен систем за далечинско учење (кој беше единствена опција, без алтернатива за завршување на тековната учебна година) кој ќе продолжи да се надградува за и понатаму да биде применлив секогаш кога ќе има потреба од истиот“, велат од МОН.

Сојузот на средношколци сметаат дека ТВ училницата која беше воведена за основното образование и за предшколска возраст е ефективна мерка.

„Бидејќи повеќето семејства имаат пристап до ТВ и радио, дури и во руралните области, и не додава дополнителни трошоци за средношколците и нивните семејства. Има простор за подобрување на јавните часови на ТВ, особено од аспект на управувањето со времето т.е. одвивањето на распоредот. Оваа мерка може да се примени и да се прошири за сите нивоа на средно образование, односно да не биде само за основното образование“, велат од Сојузот.

За оваа идеја, од МОН истакнаа дека ако има потреба ќе се воведе и за средношколците.

„Секако, доколку има потреба од продолжување на емисијата во новата учебна година, ќе бидат опфатени и учениците од средните училишта. Во меѓувреме интензивно работиме на содржинско пополнување на првата национална платформа за далечинско учење – ЕДУИНО која започна да се применува пред извесен период, како незадолжителна, но интенцијата е да стане единствена и унифицирана за сите ученици во некоја следна прилика кога ќе има потреба од организирање на далечинско учење“, објаснија од МОН.

Оваа учебна година, учениците ја завршуваат надвор од училишните клупи, а 13.623 матуранти го завршија средното образование и без полагање државна матура и без прослава. Надлежните институции најавуваат втор бран од есен, на почеток од следната учебна година, но затоа што состојбата со пандемијата се менува секојдневно, останува да се одлучува од ден за ден.

XS
SM
MD
LG