Достапни линкови

Конститутивна седница со протоколи за заштита од коронавирус


Големата сала со купола во македонскиот Парламент

Поради неопходноста од одржување растојание меѓу пратениците, конститутивната седница ќе се одржи во Големата сала на Собранието, односно во салата позната како Големата купола. Ќе има маски, средства за дезинфекција, а на влез ќе се мери температура. Гласањето ќе се одвива рачно, со картончиња.

Утре напладне треба да се одржи конститутивната седница на десеттиот парламентарен состав во независна Македонија, по предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 15 јули. Досегашниот претседател на Собранието Талат Џафери, кој беше хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје со клиничка слика на коронавирус, иако бил негативен на тестовите, денеска излезе од болница и рече дека тој ќе претседава со седницата.

Малку веројатно е на конститутивната седница да биде избран нов претседател на парламентот, зашто тоа значи дека е формирано владино мнозинство, а за такво нешто сè уште нема назнаки.

Седницата ќе се одвива според посебни протоколи и критериуми за заштита од коронавирусот, кои беа утврдени во координација со претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски. Поради неопходноста од одржување растојание меѓу пратениците, конститутивната седница ќе се одржи во Големата сала на Собранието, односно во салата, позната како Голема купола. Ќе бидат обезбедени и заштитни маски за пратениците.

При влезот во зградата на Собранието, на пратениците, гостите и на претставниците на медиумите ќе им биде мерена температура,а на сите влезови ќе бидат обезбедени средства за дезинфекција.

Гласањето ќе се одвива рачно (со картончиња), а од седницата ќе има директен пренос на Собранискиот канал на МРТ.

Пренос од Конститутивната седница гостите ќе следат од пленарната сала „Македонија“, каде што ќе биде обезбедена неопходната физичка дистанца, информира собраниската прес-служба.

Пендаровски има 10 дена да го додели мандатот за формирање нова влада

Според Уставот, претседателот Стево Пендаровски е должен да му го довери мандатот за формирање влада на кандидатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието. Пред десетина дена, во изјава за ТВ21, Пендаровски рече дека по конституирањето на Парламентот ќе одржи консултации со политичките партии по што ќе го додели мандатот за формирање влада. Во интервју за неделникот Фокус од петокот, тој рече дека ќе го додели мандатот на кој било претставник на која било од шесте изборни листи кои освоија пратеници во парламентот, кој ќе го увери дека има мнозинство од 61 пратеник.

Мандатарот потоа има рок од 20 дена да формира влада. Ниту една партија сама го нема потребното мнозинство.

Нејасно е дали претседателот Пендаровски ригидно ќе го толкува Уставот и ќе очекува прво да се обезбеди мнозинство од 61 пратеник за да го додели мандатот или ќе го додели на победничката партија на изборите, во овој случај СДСМ, за да им даде шанса да формираат мнозинство, па ако не успеат да го додели мандатот на втората по големина партија, односно ВМРО-ДПМНЕ.

Овој обичај беше прекинат по изборите од 2016 година, кога, откако тогашниот лидер на победничката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не успеа да формира мнозинство, тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов одбиваше да му го довери мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, која беше второпласирана партија, без да докаже дека има мнозинство од 61 пратеници, а потоа одолговлекуваше, барајќи гаранции за унитарниот карактер на државата.

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека ќе се обидат да направат мнозинство за формирање влада. Партиите најавија дека по илинденските празници ќе почнат неофицијалните разговори околу формирање нова Влада, но во јавноста и претходно имаше информации дека се водат „пријателски разговори“ меѓу партиите.

Премиерот и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски очекува наскоро да биде формирана новата Влада од страна на СДСМ. Тој рече дека разговорите со другите партии ќе ги почнат по празникот.

Досегашните коалициони партнери СДСМ и ДУИ заедно имаат 61 пратеник што е доволно за формирање влада, но неизвесно е дали ќе се договорат, ако ДУИ инсистира на премиер Албанец, што беше нивно главно предизборно ветување.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, исто така рече дека ќе се обиде да формира мнозинство за влада, но за ТВ Алфа изјави дека не би се изненадил доколку на есен се случат нови предвремени парламентарни избори ако никој не успее да формира влада.

На предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули, СДСМ освои 46 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива 12, Левица два и еден пратеник ДПА. Конечните официјални резултати од изборите беа објавени на 25 јули, кога Државната изборна комисија им ги додели уверенијата на новоизбраните пратеници.

Собранието се распушти на 16 февруари, на 100 дена пред изборите кои требаше да се одржат на 12 април, и оттогаш не заседава. Поради пандемијата на коронавирус, изборите беа одложувани до 15 јули.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG