Достапни линкови

Партиите ги кажаа донаторите, но не и трошоците


Партиски функционери, сегашни и поранешни пратеници и функционери, министри, но и лица кои не ѝ се познати на јавноста се јавуваат како донатори на политичките партии. Партиите кои влегоа во Парламентот добиле речиси еден милион евра донации, покажуваат извештаите поднесени до Државниот завод за ревизија. Најмногу донации собрала ВМРО-ДПМНЕ, а над двојно помалку собрала коалицијата предводена од СДСМ. Партиите од албанскиот блок се со поскромни донации. Дел од луѓето донирале на сметката за избори, дел на сметката на партијата, па потоа партиите ги префрлиле тие пари на сметката за избори.

Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ од донации собрала 230 илјади евра, покажуваат извештаите поднесени до Државниот завод за ревизија. Донирале пратеници, министри, партиски функционери, но на листата донатори го нема претседателот на партијата Зоран Заев. Премиерот Оливер Спасовски и министрите Никола Димитров и Радмила Шекеринска донирале по 170 илјади денари или скоро по 3000 евра. Толку пари одвоил и потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири и пратеникот Панчо Минов, кој овие избори повторно ги трчаше во дресот на СДСМ, откако во претходниот состав на Собранието беше пратеник од ГРОМ. Заев не донирал, но тоа го сторил неговиот коалиционен партнер за изборите, лидерот на Беса, Биљал Касами. СДСМ и Беса кои направија предизборна коалиција на изборите заедно освоија 46 пратенички места. Касами дал 3000 евра, што е и највисоката сума што може да ја даде едно физичко лица како донација. Исто толкава сума одвоила и заедничкиот носител со Касами во Шестата изборна единица, Фаница Николовска. За СДСМ четири фирми донирале вкупно 33,5 илјади евра. Лимитот до 3000 евра важи за изборна сметка, додека ако некој сакаа да донира пари на сметка на партија, може да даде и до 30 просечни плати или околу 13 илјади евра.

На наменската сметка за избори има помалку донатори, отколку на партиската сметка од каде потоа партијата си префрла пари.

Според измените на Изборниот законик од февруари годинава, непосредно пред распуштање на парламентот, партиите добија можност да си префрлаат пари од сметка на сметка, што и е искористено за овие избори. Односно политичката партија може од основната сметка на партијата да си префрли пари на сметката што е специјално за избори, а за таа цела може да подигнат и кредити.

Повеќе донации на партиските сметки, отколку на сметките за изборите

За коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ донирале исто така пратеници, поранешни градоначалници и директори, а освен физички лица, има и фирми. Две од нив донирале на специјалната сметка за избори, а другите на партиската сметка на ВМРО-ДПМНЕ. Фирмите донирале вкупно 35 илјади евра. Коалицијата од донации собрала 530 илјади евра, далеку повеќе пари од СДСМ. За сметката отворена специјално за изборите донирале 111 луѓе, а на партиската сметка на ВМРО-ДПМНЕ се наведени 366 луѓе. Потоа од таа сметка се префрлани пари на наменската сметка за избори.

Во извештаите и на двете коалиции има случаи кога едно лице донирало и по три пати. За коалицијата предводена од СДСМ, тоа е случајот со Моника Зајкова која освои пратеничко место. Таа еднаш донирале 50 илјади и двапати по 60 илјади денари. За коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ пак во три наврати пари дал Славко Чугунцалиев, двапати по 50 илјади и еднаш 52 илјади денари.

За ДУИ, кои на изборите освоија 15 пратеници, донирале 12 луѓе. Тие вкупно дале 74 илјади евра.

Коригираниот извештај кој до ревизија го доставила Алијансата за Албанците и Алтернатива покажува дека тие од основната на сметката за избори си префрлиле 100 илјади евра, а како донатор на изборната сметка се јавува едно лице кое дало 1000 денари.

За ДПА ќесето до одврзале 14 луѓе, кои дале околу 16 илјади евра. Меѓу нив и партискиот лидер Мендух Тачи кој дал речиси 3000 евра.

Едно лице се јавува како донатор и за Левица, која според првичните резултати освои два пратеника и првпат влегува во парламентот. Единствен донатор на Левица е Емил Ниами, кој за партијата дал 10.700 денари. Партијата потрошила речиси 27 илјади евра за реклами и пропаганда, околу 5000 евра за интелектуални услуги и 500 евра за репрезентација. Тие пари им се префрлени од партиската на сметката за избори.

Освен Левица, другите партии немаат наведено ставки за трошоци во првите два извештаи за изборните активности. Според преземените активности за време на кампањата сигурно е дека трошоците се многу поголеми од прикажаните донации, но колку и на што трошеле партиите останува да се види во конечните извештаи. За овие избори, поради пандемијата немаше големи митинзи и собири, но сепак партиите секојдневно посетуваа населени места, одржуваа средби, трошеа на реклами, пропагандa и на репрезентативни материјали.

Во минатото постоеја сомневања за незаконитости околу финансирањето, но досега никој не понесе одговорност за тоа. За финансирање изборна кампања во затвор заврши лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, а судиски процес има и за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ за време на избори, кога на чело на партијата беше Никола Груевски.

Законски измени во пет до 12

Според последните измени на Изборниот закони, партиите мора во рок од 60 дена (а не три месеци) да ја затвори сметката од денот на конечното објавување на резултатите од изборите. Откако ќе ја затвори има уште 30 дена да го поднесе конечниот финансиски извештај за целата кампања до надлежните институции, како ДИК, Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Собранието на РСМ, како и јавно да се објави.

Финансирањето на партиите се најде и во прелиминарниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР. Во извештајот се нотира дека изборите беа спроведени според законска рамка која беше суштински измената пред самото нивно распишување, спротивно на меѓународните добри практики.Во усвоените амандмани се прифатени дел од препораките на ОДИХР, но дел и не се прифатени, меѓу кои и ефективна ревизија на финансирањето на кампањата.

„Законската рамка за финансирањето на кампањата налага дополнителна хармонизација за да се елиминираат празнините и недоследностите. Контрадикторните одредби особено се однесуваат на дозволената вредност на донациите за кампањски цели на кампањските и партиските сметки, пријавувањето на непаричните донации и хармонизирањето на временските рамки за нивно пријавување, со цел извештаите на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да ги рефлектираат наодите на ревизијата. На институциите коишто се надлежни за надзор врз кампањата им недостига капацитет заради недоволно буџетирање и човечки ресурси, што ја наруши контролата врз отчетноста и транспарентноста на финансирањето на кампањата“, стои во извештајот.

Ќе има ли контрола на партиските каси во кампања?

Откако претходно ќе ја затворат наменската транскациска сметка за изборите, партиите имаат обврска да ги поднесат конечните финансиски извештаи за кампањата, а ДЗР пак има рок од 60 дена за проверка на извештаите. Директорот на Заводот за ревизија Максим Ацевски во интервју за нашето радио изјави дека токму тоа е една од слабостите на законот бидејќи со неа се создаваат можности политичките партии учесници во изборниот процес да добиваат донации по завршување на изборниот процес, односно до моментот кога ќе се затвори самата сметка, тоа е во рок од 60 дена по завршување на изборите, односно по официјализирање на изборните резултати.

„Се поставува прашањето и логичен е одговорот, кога е познат победникот во секој изборен процес, секој донатор би сакал да донира на онаа политичка партија којашто ги добила изборите, а не на онаа која ги изгубила. Нашиот предлог беше во суштина да се создадат подеднакви услови за сите политички партии и правото на донации да се уплатуваат до моментот додека трае изборната кампања, со завршувањето на изборната кампања да се оневозможи давање средства на име донации на самите политички партии во насока на обезбедување фер и коректно учество на сите учесници во изборниот процес. Таквото наше укажување не беше прифатено и верувам дека во едно догледно време сето тоа ќе биде вградено во Изборниот законик“, изјави во интервјуто Ацевски.

Ивановска - Со повеќе алатки ќе се бориме против корупцијата за време на избори

Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, исто така во интервју на Радио Слободна Европа рече дека овие избори малку поорганизирано ќе го следат финансирањето на изборната кампања.

Поради пандемијата со ковид-19 Владата пред изборите донесе Уредба со која ги намали парите за годишно финансирање на партиите. Тоа беше една од економските мерки за да се спречи дополнително оптоварува Буџетот.

Предвремените парламентарни избори се одржаа на 15 јули во услови на пандемија на ковид-19 и според посебни здравствени протоколи. Според првичните резултати, СДСМ и коалицијата освоија 46 мандати, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ - 44, ДУИ -15, Алијансата и Алтернатива 12, Левица два пратеника и еден за ДПА.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG