Достапни линкови

Пробни балони пред преговорите за нова влада


Влада на Република Северна Македонија

Од СДСМ велат дека преговорите за состав на новата Влада ќе започнат од 4 август, кога ќе се одржи и конститутивната седница на Собранието. Според очекувањата, најверојатно е СДСМ да се обиде да состави Влада со нивниот досегашен партнер ДУИ со кого точно би имале 61 пратеник.

Преговорите за состав на новата Влада ќе започнат од 4 август за кога е закажана и конститутивната седница на Собранието и кога лидерот на СДСМ, Зоран Заев чија партија освои најмногу пратеници на изборите се враќа од одмор, велат од СДСМ. За евентуалниот договор меѓу СДСМ и ДУИ, кои заедно би имале точно 61 пратеник за парламентарно мнозинство излегоа низа шпекулации во медиумите. Преговори досега воопшто немало, велат од ДУИ од каде претходно ја демантираа веста дека со СДСМ бил постигнат договор за Влада со премиер Албанец.

„Воспоставените пост-изборни контакти со СДСМ и другите партии се колегијални, пријателски, иницијални, секако за доброто на земјата и нејзините граѓани“, порача генералниот секретар на ДУИ, Артан Груби на Фејсбук.

ДУИ на изборите одеше со паролата време е за Албанец премиер, а потоа излезе и со албанска платформа преку која бараат партијата да биде единствената што ќе преговара за влез во новата Влада.

На предвремените парламентарни избори, коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, освои 46 пратенички места, ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „Обнова на Македонија“ добија 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците – Алтернатива 12, Левица 2 и ДПА 1 пратеник.

„Јас очекувам СДСМ и нејзиниот лидер каков прв мандатар да ги почне преговорите со ДУИ. Најверојатно и останатите партии на етничките Албанци ќе остават ДУИ најпрво да ги води тие преговори, барем официјално. Колку тие ќе траат и дали ќе можат СДСМ и ДУИ да се договорат во разумен рок, тоа е друго прашање. Јас очекувам тие преговори да траат до крајниот рок, а тоа е 5 септември кога на Заев ќе му истече мандатот за формирање на Владата“, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири.

Според него, важно е како ќе се постави коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива, како и партијата Левица во целиот преговарачки процес. Со нив СДСМ би имала 60 пратеници и би и бил потребен и едниот пратеник на ДПА за парламентарно мнозинство.

„Ако има промени во ставовите на останатите партии тогаш е можна Влада без ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, туку со сите останати политички партии кои имаат место во Собранието. Според досегашните јавно искажани ставови тешко дека ова сценарио може да излезе на крај. Така што останува сценариото СДСМ да формира Влада со ДУИ и со тоа да имаат 61 пратеник. Исто така не е исклучена широка коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа на една таква коалиција етничките албански партии ќе реагираат. Многу варијанти и опции се отворени и отсега не може да се предвиди како ќе се одвиваат преговорите“, смета тој.

ВМРО-ДПМНЕ само со ДУИ нема да може да формира Влада, но би и биле доволни двајцата пратеници на Левица. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во однос на коалицирањето со ДУИ и дали ќе се почитува принципот победник со победник, изјави дека овој принцип бил прекршен уште во 2017 година кога ВМРО-ДПМНЕ победила на изборите, но не кажа каков е неговиот став во однос на избор на коалицискиот партнер.

Шпекулации или пробни балони

Во јавноста се појавија шпекулации дека СДСМ и ДУИ се договориле за коалиција во која 3 години премиерското место би го имал СДСМ, а една година ДУИ. Ваквата информација беше демантирана и од двете партии.

Кружат информации и дека СДСМ се обидува да придобие неколкумина пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а тоа го изјави и лидерот Христијан Мицкоски, наведувајки дека бил нуден поткуп или привилегии, за некои пратеници да преминат во коалицијата на СДСМ. Но, и за ваквите шпекулации нема конкретни докази.

Согласно роковите, најдоцна до 14 август претседателот Стево Пендаровски би требало да го определи мандатарот, кој ќе има рок од 20 дена, односно до почетокот на септември да ја состави новата влада и да поднесе до Парламентот програма за работа.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG