Достапни линкови

Вести

Посебни протоколи за конституирање на Собранието

Собрание на РСМ.

Конститутивната седница на новиот парламентарен состав ќе се одржи во вторник напладне под посебни протоколи поради коронавирусот и во друга собраниска сала – Голема купола. Седницата ќе се одвива според протоколи и критериуми што се утврдени во претходна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, за да се намали ризикот од евентуално ширење на заразата од коронавирусот.

По илинденските празници партиите најавуваат дека ќе почнат неофицијалните разговори околу формирање нова Влада.

На предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15-ти месецов, СДСМ освои 46 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, коалицијата АА и Алтернатива 12, Левица два и еден ДПА. Конечните официјални резултати од изборите беа објавени на 25 јули, кога Државната изборна комисија им ги додели уверенијата на новоизбраните пратеници.

види ги сите денешни вести

Ахмети: На пролет ќе биде решен проблемот со Бугарија

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека оваа пролет, ќе се излезе од ќор-сокакот и проблемот со Бугарија ќе биде решен.

„Во интерес е и на Вашингтон и на Брисел да се реши ова прашање. Во овие 20 години ниту еднаш не сум бил разочаран од нивните постапки. Јас сум оптимист дека овој проблем ќе се реши уште во рана пролет. Решението ќе дојде пред парламентарните избори во Бугарија“, рече Ахмети во одговор на прашање во синоќешната емисија „Политика“ на гостиварската локална телевизија ТВ Глоби.

Тој порача дека дебатата ќе се одвива за историјата и историските личности, додека македонскиот идентитет и јазик не се загрозени. Во однос на пописот Ахмети уверува дека институциите ќе си ја вршат нивната работа и сите кои живеат во земјава и надвор од неа ќе бидат опфатени.

„Тоа е статистичко прашање, а не политичко претпријатие, а таа операција мора да се заврши. Тоа од нас го бараат и релевантни меѓународни институции како ООН и од ЕУ. Мора да имаме попрецизна статистика за економијата на земјата, за имотот на земјата, за населението во земјата и никој нема да биде исклучок. Прво ќе се регистрираме тука, а потоа оние кои се во странство преку валидни документи од нивните роднини тука или преку Државниот завод за статистика. Се знае колку постојано живеат тука, а колку надвор. Но сепак, сите се жители на оваа земја, порача Ахмети.

Заев: Се чека согласност од „Фајзер“ за вакцините од Србија

Вакцина против ковид- 19. Илустрација.

Премиерот Зоран Заев изјави денеска дека контактирал со српската премиерка Ана Брнабиќ и упатил и втора молба до „Фајзер” за согласност за извоз на вакцините кои и се дадени на Србија. Тој порача и дека Владата ургира и преку Министерството за здравство и верува дека барањето ќе биде одобрено. Според него, вакцините од Србија би требало да стигнат најбрзо и ќе бидат доволни за здравствените работници кои работат во ковид-центрите.

„Тоа се 7850, колку што ги наградивме во декември. Верувам дека колку и да се значајни клаузулите во договорите на „Фајзер” со Србија и на „Фајзер” со сите други земји, може во предвечерието на добивање на нашите вакцини да ни дадат согласност час поскоро да стигнат вакцините од Србија“, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања во Стајковци, на настан по повод изградба на училишна спортска сала.

Заев информира и дека во средината или втората половина на наредниот месец се очекуваат да стигнат и првите дози од вакцините директно од производителот „Фајзер”.

Во однос на ветото од Бугарија најголемите ризици, според Заев, за државата е непотребно потрошеното време, како и евроскептицизам кај граѓаните, но патот е тој и ќе се продолжи си реформите.

Тој додаде дека не гледа никакви причини за одложување на пописот што е најавен за април годинава. Притоа Заев очекува на почетокот на неделата претседателот на државата Стево Пендаровски да го потпише указот за Законот за попис.

Нови 183 случаи на корона, починати 6, а оздравени 1731 пациент

Клиника за инфективни болести во Скопје. Архивска фотографија.

Во последните 24 часа се направени 1466 тестирања, а регистрирани се 183 нови случаи на ковид-19. Починати се 6 лица, два пациенти од Охрид и по еден пациент од Скопје, Куманово, Прилеп и Гостивар. Пациентите се починати во болнички услови.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 1731 оздравени пациенти. Досега во земјата се направени вкупно 442.600 тестирања на Ковид -19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 90654, бројката на оздравени пациенти е 78154, на починати е 2785, а бројот на активни случаи изнесува 9715.

Русија ги обвини САД за мешање во внатрешните работи

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков денеска ги обвини САД за мешање во руските внатрешни работи, откако американските власти упатија критика за полициската акција против демонстрантите кои бараа ослободување на опозицискиот политичар, Алексеј Навални.

Изјавата на Песков доаѓа по претходните забелешки од руското министерството за надворешни работи, кое тврди дека амбасадата на САД се обидела да ги охрабри демонстрантите објавувајќи предупредување за Американците за локацијата на протестот во Москва.

Нема индикации дека САД имале каква било улога во вчерашните протести кои беа најголеми во Русија во последните неколку години. Десетици илјади луѓе излегоа на улиците во Москва, Санкт Петербург и другите поголеми градови за поддршка на Навални, кој беше затворен пред една недела откако се врати во Русија по неговото закрепнување во Германија од труење од воен нервен агенс.

„Се разбира, овие публикации се несоодветни“. И, се разбира индиректно, тие се апсолутно мешање во нашите внатрешни работи“, рече Песков.

Пред протестите, американската амбасада објави рутинска тревога на нејзината веб страна, како предупредување до граѓаните на САД за потенцијална опасност од немири. Руското Министерство за надворешни работи тврди дека тоа претставува поддршка за протестите.

Димитров и Османи утре во посета на Брисел

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров со знамето на ЕУ.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, од утре ќе престојуваат во работна посета на Брисел, каде ќе остварат средба со Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земјата претседавач со Советот на ЕУ.

Во рамки на посетата, како што соопштија од Владата, предвидени се средби и со претставници на институциите на ЕУ, а на маргините на Советот за надворешни работи на ЕУ, кој се одржува истиот ден, планирани се и билатерални средби со повеќе министри за надворешни работи на земји членки на ЕУ.

Самарас: Договорот од Преспа неподнослива национална штета

Андонис Самарас

Поранешниот грчки премиер, а сега пратеник од Нова демократија, Андонис Самарас во интервју за „Катимерини” изјави дека проблемот со Договорот од Преспа не се решил, туку се трансформирал во друг, поопасен проблем кој ги инволвира и Бугарија и Албанија и Косово. Потоа, според него, навлегувањето на Турција во регионот, не било прекинато по договорот, туку се зајакнало.

„И на крај, земјите кои нѐ притискаа да отстапиме пред Скопје, кога дојде време да се справиме со провокациите на Турција, не ја поддржаа Грција“, посочува Самарас во интервјуто, додавајќи дека некои продолжиле да ја опремуваат Турција, а земјите што сега отворено ја поддржуваат Грција, како што е Франција на пример, не ја поддржале силно интеграцијата на Скопје во Европа.

„Според тоа, ниту проблемот се реши, ниту Грција виде нешто добро. Само неподнослива национална штета, давајќи име, идентитет и јазик“, коментира Самарас во однос на тоа каков ќе биде неговиот став кога трите меморандуми со Северна Македонија ќе дојдат за ратификација во Парламентот. Тој порача дека од тие причини нема да гласа за меморандумите.

Американските пратеници бараат нови санкции за Русија ако продолжат казните за РСЕ

Седиштето на РСЕ во Прага.

Американските законодавци повикаа на нови санкции против Русија, доколку Кремљ се обиде да воведе строги ограничувања и казни со кои се загрозува известувањето на Радио Слободна Европа во земјата. Во писмото на републиканците и демократите се повикува администрацијата на претседателот Џо Бајден да стори повеќе и за зајакнување на операциите на РСЕ во Белорусија, што беше оптоварено со повеќемесечни антивладини протести по повторниот избор на Александар Лукашенко за претседател во август, минатата година.

Рускиот регулатор на медиуми „Роскомнадзор“ објави овој месец дека изрекува стотици илјади долари казни за работењето на РСЕ во Русија, обвинувајќи дека медиумската куќа не ги почитува новите ограничувања според законот за „странски агенти“ во земјата.

Меѓу другото, законот предвидува одредени новински организации кои добиваат странски средства во Русија да обележат дека објавената содржината е креирана од „странски агенти“. Законот исто така ги става на ризик новинарите на РСЕ од кривично гонење.

„Ако Москва продолжи со овие активности, тогаш ние сме подготвени да работиме со вашата администрација за да размислиме за користење на постојните закони на САД за казнување на Русија“, се вели во писмото, потпишано од Грег Мекс и Мајкл МекКол, претставници на демократите и републиканците во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом.

РСЕ е независна непрофитна корпорација која добива средства од Конгресот на САД, а казните што се зголемуваат потенцијално може да ја принудат да го затвори својот сервис во Русија. Руските регулатори го издвоија РСЕ, чија уредничка независност е заведена и во американскиот закон, во однос на другите операции на странски вести во Русија.

Брнз: Законот за попис е важен чекор

Американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мери Брнз

Амбасадорката на САД во Скопје, Кејт Мари Брнз во интервју за Гласот на Америка изјави дека е многу среќна што Законот за попис поминал во Парламентот, особено бидејќи добил поддршка од два опозициони партнери и владината коалиција.

„Ова е важен чекор. Северна Македонија немала попис речиси 20 години, а тоа се одрази врз процесот на водење на политиките, бидејќи точните податоци за населението се важен дел во планирање на иднината. Очекуваме дека Владата ќе осигура пописот да го направат професионалци, што ќе обезбеди информации кои ќе ѝ помогнат на државата во однос на иднината“, истакнува Брнз.

Таа додава и дека САД се разочарани од ветото на Бугарија поради бројни причини, а пред се затоа што веруваат дека Северна Македонија била подготвена да го почне процесот на отворање и затворање на поглавјата со ЕУ. Според неа, ветото носи ризик не само за Северна Македонија, туку и за ЕУ, како и за прашањата поврзани со процесот на проширување во целина.

„Важно е билатералните разговори да продолжат во некоја форма, а мислам дека тоа го препознаваат двете страни. Се надевам дека тие дискусии ќе продолжат на конструктивен начин и на соодветен начин за двете држави, и во инетрес на двете држави“, порачува Брнз.

Новиот вид на коронавирус регистриран во Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека новиот вид на коронавирус, кој првпат се појави во Велика Британија бил регистриран во земјата.

„Патничка од Лондон, која беше негативна на ПЦР-тестот, го донесе тој вид, нејзиниот сопруг имаше сериозни симптоми“, изјави Вучиќ за ТВ Прва додавајќи дека вирусот е откриен на институтот Торлак.

„Ги следевме сите контакти, ги изолиравме и денеска можеме со надеж да кажеме дека ќе го спречиме, ако тоа ни се случи, ќе ни биде пекол“, кажа Вучиќ.

Српската министерка за труд, Дарија Кисиќ Тепавќевиќ изјави дека досега се вакцинирани над 172.000 лица во земјата.

Нови 315 пациенти хоспитализирани во ковид центрите

Клиника за инфективни болести, Скопје

Министерството за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 315 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Вкупната бројка, според министерството, на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 604 и има околу 580 празни болнички кревети во ковид центрите.

Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, како што се наведува во соопштението, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

Османи: Пристапните разговори да не се претворат во преговори со Бугарија

Министерот Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека европската идеја претставува инспирација за решавање на горливите отворени прашања во регионот, а Македонија е светол пример.

„Не постои силна Европа без силен Балкан, успешен Балкан е Балканот интегриран во ЕУ. Стабилизацијата на ЕУ може и мора да се направи заедно со европската стабилизација на Балканот“, вели Османи во интервју за грчкиот весник „То вима".

Тој потенцира дека, сепак пристапните разговори со ЕУ не би требало да се претворат во преговори со Бугарија и додава дека разговорите со Софија продолжуваат за надминување на разликите.

„Градиме пријателства, тоа е нашата автентична карактеристика. Но, никогаш немаме посегнато по работи што не се наши. Ние сме светол пример за добрососедски односи. Немаме создадено проблеми и никогаш не бевме проблемот. Носиме решенија. Ова е менталитетот на победа. Разговорите со Бугарија се континуирани и ќе продолжиме за да најдеме начин да ги надминеме разликите, но пристапните разговори не би требало да се претворат во преговори со Бугарија“, посочува Османи.

Бајден и Џонсон ветиле соработка во справување со климатските промени

Американскиот претседател Џо Бајден

Британскиот премиер Борис Џонсон и американскиот претседател Џо Бајден во телефонски разговор ветиле дека ќе ги продлабочат врските меѓу нивните две земји и ќе соработуваат во справувањето со климатските промени. Џонсон, според соопштението од неговиот кабинет, му честитал на Бајден за преземањето на функцијата.

„Со нетрпение очекувам да го продлабочам долгогодишниот сојуз меѓу нашите две земји, додека управуваме со зелено и одржливо закрепнување од ковид-19“, напиша Џонсон на Твитер.

Лидерите разговарале и за потенцијалниот договор за слободна трговија меѓу Велика Британија и САД. Џонсон, како што се наведува во соопштението, ја повторил неговата намера да ги реши постојните трговски прашања што е можно побрзо.

Бајден претходно разговараше со канадскиот премиер Џастин Трудо во неговиот прв повик со странски лидер по инаугурацијата на 20 јануари. Тој подоцна разговараше и со мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор.

По 14 дена спасен еден рудар во Кина

Спасувачката операција во кинескиот рудник за злато.

Еден од кинеските рудари кои по експлозија беа заглавени во рудник за злато во северна Кина е спасен по 14 дена. Рударот, како што јавија кинески медиуми, бил екстремно слаб и веднаш хоспитализиран.
Дваесет и двајца рудари беа заробени од експлозијата на 10 јануари во главниот регион за производство на злато во провинцијата Шандонг.

Спасениот рудар е пронајден во различен дел од рудникот од група од 10 рудари кои примале храна, лекови и други материјали преку неколку шахти издупчени во карпата. Тие се наоѓаат во дел од рудникот кој е на 580 метри под површината. Еден рудар починал, а останатите не биле во контакт со спасувачки екипи.

Спасувачките екипи се обидуваат да прошират една од шахтите за да можат работниците да бидат изнесени на површината во мал лифт. Кинеските власти изјавија дека може да спасувачката операција може да потрае уште две недели пред да успејат да стигнат до останатите 10 рудари.

САД и ЕУ со осуда за приведувањата на протестите во Русија

Полицијата приведува демонстрант на вчерашните протести во Русија

Речиси 3.300 лица биле приведени на протестите низ Русија за ослободување на опозицискиот политичар Алексеј Навални, според независната група за мониторинг ОВД-Инфо. Скоро половина од притворите, според групата, се случиле во Москва, а меѓу приведените беше и сопругата на Навални, Јулија и неговата соработничка Љубов Собол.

„Притворот на Навални и сузбивањето на неговите приврзаници се вознемирувачки индиции за понатамошни ограничувања на граѓанското општество и основните слободи“, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Џозеф Борел изрази жалење за притворите и непропорционалната употреба на сила. Тој порача и дека министрите за надворешни работи на блокот утре ќе разговараат за следните чекори.

Руското министерство за надворешни работи реагираше дека САД помогнале во поттикнувањето на протестите.

Пендаровски во консултации за Законот за попис

Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски се консултира со правни експерти за Законот за попис, кој на 21 јануари беше усвоен во Собранието.

„Претседателот Пендаровски врши консултации со правни експерти за донесениот Закон за пописот и во наредните неколку денови ќе го соопшти својот став“, велат од кабинетот на Пендаровски за МИА.

Пендаровски согласно законот, во рок од седум дена од денот кога му е доставен, треба да го потпише указот за прогласување на законот или писмено го известува претседателот на Собранието доколку одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на усвојувањето на законот, бидејќи партијата смета дека пописот кој треба да се одржи од 1 до 21 април е политизиран. Од опозициската партија го повикаа Пендаровски пред да донесе одлука дали ќе го потпише указот за Законот за попис да се консултира со експерти.

Царовска: Новата реформа гарантира поквалитетно образование

Министерката за образование и наука Мила Царовска

Министерката за образование и наука Мила Царовска во видео обраќање по повод Меѓународен ден на образованието порача дека денот се одбележува во време на пандемија која наметнала целосно нови услови за одвивање на образовниот процес, но и предизвици во изнаоѓање решенија за непречена настава и квалитетно образование.

Според неа, подготвувањето на целосна нова реформа ќе гарантира подобро и поквалитетно образование.

„Силно верувам дека новата концепција за основно образование е влез во нова ера на развој, раст и унапредување на идните генерации и влог во иднината на земјата. Правото на образование е основно човеково право, а квалитетното образование е основа за развој и просперитет на секое дете и на општеството во целина“, посочува Царовска.

Таа порача и дека учениците се херои кои им покажале на сите дека може да се постигнат резултати и при учењето на далечина и одржале лекција за прилагодување и прифаќање на променетите услови, за учење и просперитет и во вонредни околности.

Променливо облачно време

Илустрација

Времето денеска претпладне ќе биде прoменливо облачно, попладне почнувајќи од запад со врнежи од дожд, на планините од снег. Во вечерните и ноќните часови врнежите ќе се прошират на секаде и ќе се интензивираат, особено во западните делови каде на места ќе бидат поројни и проследени со повремено силен југозападен ветер.

Според УХМР, на планините снежната покривка значително ќе се зголеми, а поради ветерот ќе има услови за појава на снежни наноси. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 8, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.

Во Скопје прoменливо облачно, кон крајот на денот и во текот на ноќта со врнежи од дожд кои повремено ќе бидат со умерен интензитет. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 10 степени.

Приведени 97 странски работници

Градежни работници. Архивска фотографија.

МВР соопшти дека 97 градежни работници од странство денеска биле приведени бидејќи немале регулиран престој и работеле непријавени.

Полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север при Бирото за јавна безбедност по спроведена контрола ги затекнале странските државјани на градежни објекти на фирма од Турција помеѓу булеварот „Кирил и Методиј” и улицата „Јордан Мијалков”, односно позади трговскиот центар „Рамстор“.

По целосно документирање на случајот, како што посочија од МВР, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави. Исто така, соодветни пријави ќе бидат поднесени против фирмата и против 15 други фирми-подизведувачи.

Почина американскиот водител Лери Кинг

Лери Кинг

Американскиот водител Лери Кинг, чии интервјуа со светски лидери, филмски sвезди и обични луѓе помагаа во дефинирањето на американскиот дијалог половина век, почина денеска на 87 годишна возраст. Причината за неговата смрт не е соопштена. На 4 јануари беше објавено дека Кинг е позитивен на ковид- 19. Кинг починал во медицински центар во Лос Анџелес, објави на Твитер неговата продуцентска куќа „Ора медиа“.

Кинг кој освои многу признанија за неговата работа го интервјуираше и рускиот претседател Владимир Путин и американските претседатели од Џералд Форд до Барак Обама.

Кинг беше цел на критики во последните неколку години за неговата работа со рускиот државен радиодифузер кој ги презеде неговите политички и ток-шоу програми во 2013 година.

Хаг: Одбиено барањето за времено ослободување на Весели

Кадри Весели во судот во Хаг на 10 ноември, 2020 година.

Хашкиот судија Николас Гију го отфрли барањето на одбраната на некогашниот лидер на ОВК, Кадри Весели за негово времено ослободување, јавија косовски медиуми. Судијата смета дека Весели доколку биде ослободен би можел да се обиде да врши опструкција на правдата и да ги заплашува сведоците.

Главниот обвинител Џек Смит претходно наведе зошто треба да се одбие барањето на адвокатот на Весели, Бен Емерсон, со констатација дека за извршените дела му се заканува казна доживотен затвор. Обвинителството, како што наведе Смит, затоа смета дека Весели треба да остане во притвор.

Истовремено, одбиено е и барањето на одбраната за одржување рочиште за усмено излагање за споменатото барање. Весели е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучувајќи убиства и тортура.

Во болниците се лекуваат 584 заболени од ковид- 19

Монтажна болница дел од Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Министерството за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 310 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Додека пак, според министерството, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 584 и има околу 590 празни болнички кревети.

Во тек на денот, како што наведуваат од министерството, се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла и сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството, како што посочија, има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Во Дебар веќе нема лица „фантоми“

Директорот на Центарот засоцијална работа во Дебар, Крешник Пачуку

Центарот за социјални работи во Дебар информираше дека во општината нема веќе лица кои не се во матичната евидениција. Директорот на центарот, Крешник Пачуку за РСЕ изјави дека во општината Дебар биле евидентирани девет лица без матичен број, но во соработка со надлежните институции проблемот е надминат во декември, минатата година.

„Сега немаме лица фантоми, и проблемот е конечно решен“, додаде Пачуку и притоа потренцираше дека возраста на овие лица била од 5 до 20 години.

Според него, и покрај тоа што овие лица не биле евидентирани во матичните книги, сепак центарот во соработка со локалната власт и училиштата во изминатите години им овозможил тие да се школуваат и да не останат неписмени.

Инаку лицата „фантоми“ се од Дебар и основниот проблем е тоа што тие биле родени во домашни услови и не биле пријавени кај надлежните институции.

Нови 347 случаи на корона, починати 11 пациенти, најмладиот на 35 годишна возраст

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во последните 24 часа се направени 2013 тестирања, а регистрирани се 347 нови случаи на ковид-19. Починати се 11 лица, пет пациенти од Скопје и по еден пациент од Штип, Велес и Струмица, потоа од Кавадарци, Валандово и Пехчево.

Еден е починат вон, останатите пациенти се починати во болнички услови. Најмладиот починат пациент е од Скопје на 35 годишна возраст, а најстариот имал 93 години и е од Пехчево. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 378 оздравени пациенти. Досега во земјата се направени вкупно 441.134 тестирања на Ковид -19.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 90471, бројката на оздравени пациенти е 76423, на починати е 2779, а бројот на активни случаи изнесува 11269.

Сопругата на Навални приведена на протестите во Москва

Јулија Навални

Руската полиција ја привела сопругата на опозицискиот политичар Алексеј Навални на протестите во Москва. Јулија Навални на социјалните мрежи објави дека се наоѓа во полициското комбе и дека е приведена на протестите на кои се бара ослободување на нејзиниот сопруг, кој беше уапсен минатиот викенд кога се врати во Москва по медицинскиот третман во Германија поради труење со новичок.

Полицијата ги прогласи протестите во Москва и во десетици други градови низ целата земја за незаконски и приведе стотици луѓе. Меѓу приведените е и блиска соработничка на Навални, Љубов Собол.

Закана до Трамп за одмазда за убиството на ирански генерал?

Слика со ликот на Касем Солејмани на погребните церемонии во минатата година во Иран.

На веб-страницата на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи е објавена слика на голф играч кој наликува на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој наводно е цел на напад со беспилотно летало, заедно со закана за одмазда за убиството на иранскиот генерал Касем Солјемани во минатата година извршено преку напад со американско беспилотни летало.

Сликата за првпат се појави на Твитер на персиски јазик и беше објавена со линк до веб-страницата на Хамнеи. Твитер ја избриша фотографијата и соопшти дека е лажна. Под фотографијата беа напишани пораки од иранскиот лидер од декември, минатата година пред првата годишнина од атентатот врз генералот Солејмани, кој ги водеше елитните кудски сили на Исламската револуционерна гарда.

Иранскиот генерал беше убиен на трети јануари, минатата година во Багдад. Пентагон тогаш соопшти дека тогашниот претседател Доналд Трамп го одобрил нападот. Трамп ја напушти функцијата на 20 јануари.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG