Достапни линкови

Вести

Сопругата на бразилскиот претседател заразена со коронавирус

Mишел Болсонаро, сопругата на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро

Mишел Болсонаро, сопругата на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, е заразена со коронавирус, соопшти денеска кабинетот на Болсонаро, неколку дена откако претседателот, кој исто така беше инфициран, оздраве.

Првата дама на Бразил, која има 38 година, била позитивна на тестот на коронавирус и се чувствува добро.

Претседателот Болсонаро на 7 јули соопшти дека е заразен со коронавирусот, за кој претходно тврдеше дека е како „мал грип“, но од тој вирус во Бразил починаа повеќе од 90 илјади луѓе.

Претседателот на Бразил, кој има 65 години, денеска за првпат во последните три недели го напушти главниот град каде што беше во изолација и го посети северниот дел на земјата. Тој беше опкружен со симпатизери и во неколку наврати ја симна маската од лице.

Денеска во земјата беше потврдена инфекција и кај петтиот министер. Се работи за министерот за наука и технологија Маркос Понтес. Останатите министри имаат благи симптоми на болеста.

види ги сите денешни вести

Брнз: Законот за попис е важен чекор

Американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мери Брнз

Амбасадорката на САД во Скопје, Кејт Мари Брнз во интервју за Гласот на Америка изјави дека е многу среќна што Законот за попис поминал во Парламентот, особено бидејќи добил поддршка од два опозициони партнери и владината коалиција.

„Ова е важен чекор. Северна Македонија немала попис речиси 20 години, а тоа се одрази врз процесот на водење на политиките, бидејќи точните податоци за населението се важен дел во планирање на иднината. Очекуваме дека Владата ќе осигура пописот да го направат професионалци, што ќе обезбеди информации кои ќе ѝ помогнат на државата во однос на иднината“, истакнува Брнз.

Таа додава и дека САД се разочарани од ветото на Бугарија поради бројни причини, а пред се затоа што веруваат дека Северна Македонија била подготвена да го почне процесот на отворање и затворање на поглавјата со ЕУ. Според неа, ветото носи ризик не само за Северна Македонија, туку и за ЕУ, како и за прашањата поврзани со процесот на проширување во целина.

„Важно е билатералните разговори да продолжат во некоја форма, а мислам дека тоа го препознаваат двете страни. Се надевам дека тие дискусии ќе продолжат на конструктивен начин и на соодветен начин за двете држави, и во инетрес на двете држави“, порачува Брнз.

Новиот вид на коронавирус регистриран во Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека новиот вид на коронавирус, кој првпат се појави во Велика Британија бил регистриран во земјата.

„Патничка од Лондон, која беше негативна на ПЦР-тестот, го донесе тој вид, нејзиниот сопруг имаше сериозни симптоми“, изјави Вучиќ за ТВ Прва додавајќи дека вирусот е откриен на институтот Торлак.

„Ги следевме сите контакти, ги изолиравме и денеска можеме со надеж да кажеме дека ќе го спречиме, ако тоа ни се случи, ќе ни биде пекол“, кажа Вучиќ.

Српската министерка за труд, Дарија Кисиќ Тепавќевиќ изјави дека досега се вакцинирани над 172.000 лица во земјата.

Нови 315 пациенти хоспитализирани во ковид центрите

Клиника за инфективни болести, Скопје

Министерството за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 315 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Вкупната бројка, според министерството, на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 604 и има околу 580 празни болнички кревети во ковид центрите.

Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, како што се наведува во соопштението, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

Османи: Пристапните разговори да не се претворат во преговори со Бугарија

Министерот Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека европската идеја претставува инспирација за решавање на горливите отворени прашања во регионот, а Македонија е светол пример.

„Не постои силна Европа без силен Балкан, успешен Балкан е Балканот интегриран во ЕУ. Стабилизацијата на ЕУ може и мора да се направи заедно со европската стабилизација на Балканот“, вели Османи во интервју за грчкиот весник „То вима".

Тој потенцира дека, сепак пристапните разговори со ЕУ не би требало да се претворат во преговори со Бугарија и додава дека разговорите со Софија продолжуваат за надминување на разликите.

„Градиме пријателства, тоа е нашата автентична карактеристика. Но, никогаш немаме посегнато по работи што не се наши. Ние сме светол пример за добрососедски односи. Немаме создадено проблеми и никогаш не бевме проблемот. Носиме решенија. Ова е менталитетот на победа. Разговорите со Бугарија се континуирани и ќе продолжиме за да најдеме начин да ги надминеме разликите, но пристапните разговори не би требало да се претворат во преговори со Бугарија“, посочува Османи.

Бајден и Џонсон ветиле соработка во справување со климатските промени

Американскиот претседател Џо Бајден

Британскиот премиер Борис Џонсон и американскиот претседател Џо Бајден во телефонски разговор ветиле дека ќе ги продлабочат врските меѓу нивните две земји и ќе соработуваат во справувањето со климатските промени. Џонсон, според соопштението од неговиот кабинет, му честитал на Бајден за преземањето на функцијата.

„Со нетрпение очекувам да го продлабочам долгогодишниот сојуз меѓу нашите две земји, додека управуваме со зелено и одржливо закрепнување од ковид-19“, напиша Џонсон на Твитер.

Лидерите разговарале и за потенцијалниот договор за слободна трговија меѓу Велика Британија и САД. Џонсон, како што се наведува во соопштението, ја повторил неговата намера да ги реши постојните трговски прашања што е можно побрзо.

Бајден претходно разговараше со канадскиот премиер Џастин Трудо во неговиот прв повик со странски лидер по инаугурацијата на 20 јануари. Тој подоцна разговараше и со мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор.

По 14 дена спасен еден рудар во Кина

Спасувачката операција во кинескиот рудник за злато.

Еден од кинеските рудари кои по експлозија беа заглавени во рудник за злато во северна Кина е спасен по 14 дена. Рударот, како што јавија кинески медиуми, бил екстремно слаб и веднаш хоспитализиран.
Дваесет и двајца рудари беа заробени од експлозијата на 10 јануари во главниот регион за производство на злато во провинцијата Шандонг.

Спасениот рудар е пронајден во различен дел од рудникот од група од 10 рудари кои примале храна, лекови и други материјали преку неколку шахти издупчени во карпата. Тие се наоѓаат во дел од рудникот кој е на 580 метри под површината. Еден рудар починал, а останатите не биле во контакт со спасувачки екипи.

Спасувачките екипи се обидуваат да прошират една од шахтите за да можат работниците да бидат изнесени на површината во мал лифт. Кинеските власти изјавија дека може да спасувачката операција може да потрае уште две недели пред да успејат да стигнат до останатите 10 рудари.

САД и ЕУ со осуда за приведувањата на протестите во Русија

Полицијата приведува демонстрант на вчерашните протести во Русија

Речиси 3.300 лица биле приведени на протестите низ Русија за ослободување на опозицискиот политичар Алексеј Навални, според независната група за мониторинг ОВД-Инфо. Скоро половина од притворите, според групата, се случиле во Москва, а меѓу приведените беше и сопругата на Навални, Јулија и неговата соработничка Љубов Собол.

„Притворот на Навални и сузбивањето на неговите приврзаници се вознемирувачки индиции за понатамошни ограничувања на граѓанското општество и основните слободи“, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Џозеф Борел изрази жалење за притворите и непропорционалната употреба на сила. Тој порача и дека министрите за надворешни работи на блокот утре ќе разговараат за следните чекори.

Руското министерство за надворешни работи реагираше дека САД помогнале во поттикнувањето на протестите.

Пендаровски во консултации за Законот за попис

Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски се консултира со правни експерти за Законот за попис, кој на 21 јануари беше усвоен во Собранието.

„Претседателот Пендаровски врши консултации со правни експерти за донесениот Закон за пописот и во наредните неколку денови ќе го соопшти својот став“, велат од кабинетот на Пендаровски за МИА.

Пендаровски согласно законот, во рок од седум дена од денот кога му е доставен, треба да го потпише указот за прогласување на законот или писмено го известува претседателот на Собранието доколку одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на усвојувањето на законот, бидејќи партијата смета дека пописот кој треба да се одржи од 1 до 21 април е политизиран. Од опозициската партија го повикаа Пендаровски пред да донесе одлука дали ќе го потпише указот за Законот за попис да се консултира со експерти.

Царовска: Новата реформа гарантира поквалитетно образование

Министерката за образование и наука Мила Царовска

Министерката за образование и наука Мила Царовска во видео обраќање по повод Меѓународен ден на образованието порача дека денот се одбележува во време на пандемија која наметнала целосно нови услови за одвивање на образовниот процес, но и предизвици во изнаоѓање решенија за непречена настава и квалитетно образование.

Според неа, подготвувањето на целосна нова реформа ќе гарантира подобро и поквалитетно образование.

„Силно верувам дека новата концепција за основно образование е влез во нова ера на развој, раст и унапредување на идните генерации и влог во иднината на земјата. Правото на образование е основно човеково право, а квалитетното образование е основа за развој и просперитет на секое дете и на општеството во целина“, посочува Царовска.

Таа порача и дека учениците се херои кои им покажале на сите дека може да се постигнат резултати и при учењето на далечина и одржале лекција за прилагодување и прифаќање на променетите услови, за учење и просперитет и во вонредни околности.

Променливо облачно време

Илустрација

Времето денеска претпладне ќе биде прoменливо облачно, попладне почнувајќи од запад со врнежи од дожд, на планините од снег. Во вечерните и ноќните часови врнежите ќе се прошират на секаде и ќе се интензивираат, особено во западните делови каде на места ќе бидат поројни и проследени со повремено силен југозападен ветер.

Според УХМР, на планините снежната покривка значително ќе се зголеми, а поради ветерот ќе има услови за појава на снежни наноси. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 8, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.

Во Скопје прoменливо облачно, кон крајот на денот и во текот на ноќта со врнежи од дожд кои повремено ќе бидат со умерен интензитет. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 10 степени.

Приведени 97 странски работници

Градежни работници. Архивска фотографија.

МВР соопшти дека 97 градежни работници од странство денеска биле приведени бидејќи немале регулиран престој и работеле непријавени.

Полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север при Бирото за јавна безбедност по спроведена контрола ги затекнале странските државјани на градежни објекти на фирма од Турција помеѓу булеварот „Кирил и Методиј” и улицата „Јордан Мијалков”, односно позади трговскиот центар „Рамстор“.

По целосно документирање на случајот, како што посочија од МВР, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави. Исто така, соодветни пријави ќе бидат поднесени против фирмата и против 15 други фирми-подизведувачи.

Почина американскиот водител Лери Кинг

Лери Кинг

Американскиот водител Лери Кинг, чии интервјуа со светски лидери, филмски sвезди и обични луѓе помагаа во дефинирањето на американскиот дијалог половина век, почина денеска на 87 годишна возраст. Причината за неговата смрт не е соопштена. На 4 јануари беше објавено дека Кинг е позитивен на ковид- 19. Кинг починал во медицински центар во Лос Анџелес, објави на Твитер неговата продуцентска куќа „Ора медиа“.

Кинг кој освои многу признанија за неговата работа го интервјуираше и рускиот претседател Владимир Путин и американските претседатели од Џералд Форд до Барак Обама.

Кинг беше цел на критики во последните неколку години за неговата работа со рускиот државен радиодифузер кој ги презеде неговите политички и ток-шоу програми во 2013 година.

Хаг: Одбиено барањето за времено ослободување на Весели

Кадри Весели во судот во Хаг на 10 ноември, 2020 година.

Хашкиот судија Николас Гију го отфрли барањето на одбраната на некогашниот лидер на ОВК, Кадри Весели за негово времено ослободување, јавија косовски медиуми. Судијата смета дека Весели доколку биде ослободен би можел да се обиде да врши опструкција на правдата и да ги заплашува сведоците.

Главниот обвинител Џек Смит претходно наведе зошто треба да се одбие барањето на адвокатот на Весели, Бен Емерсон, со констатација дека за извршените дела му се заканува казна доживотен затвор. Обвинителството, како што наведе Смит, затоа смета дека Весели треба да остане во притвор.

Истовремено, одбиено е и барањето на одбраната за одржување рочиште за усмено излагање за споменатото барање. Весели е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучувајќи убиства и тортура.

Во болниците се лекуваат 584 заболени од ковид- 19

Монтажна болница дел од Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Министерството за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 310 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Додека пак, според министерството, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 584 и има околу 590 празни болнички кревети.

Во тек на денот, како што наведуваат од министерството, се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла и сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството, како што посочија, има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Во Дебар веќе нема лица „фантоми“

Директорот на Центарот засоцијална работа во Дебар, Крешник Пачуку

Центарот за социјални работи во Дебар информираше дека во општината нема веќе лица кои не се во матичната евидениција. Директорот на центарот, Крешник Пачуку за РСЕ изјави дека во општината Дебар биле евидентирани девет лица без матичен број, но во соработка со надлежните институции проблемот е надминат во декември, минатата година.

„Сега немаме лица фантоми, и проблемот е конечно решен“, додаде Пачуку и притоа потренцираше дека возраста на овие лица била од 5 до 20 години.

Според него, и покрај тоа што овие лица не биле евидентирани во матичните книги, сепак центарот во соработка со локалната власт и училиштата во изминатите години им овозможил тие да се школуваат и да не останат неписмени.

Инаку лицата „фантоми“ се од Дебар и основниот проблем е тоа што тие биле родени во домашни услови и не биле пријавени кај надлежните институции.

Нови 347 случаи на корона, починати 11 пациенти, најмладиот на 35 годишна возраст

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во последните 24 часа се направени 2013 тестирања, а регистрирани се 347 нови случаи на ковид-19. Починати се 11 лица, пет пациенти од Скопје и по еден пациент од Штип, Велес и Струмица, потоа од Кавадарци, Валандово и Пехчево.

Еден е починат вон, останатите пациенти се починати во болнички услови. Најмладиот починат пациент е од Скопје на 35 годишна возраст, а најстариот имал 93 години и е од Пехчево. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 378 оздравени пациенти. Досега во земјата се направени вкупно 441.134 тестирања на Ковид -19.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 90471, бројката на оздравени пациенти е 76423, на починати е 2779, а бројот на активни случаи изнесува 11269.

Сопругата на Навални приведена на протестите во Москва

Јулија Навални

Руската полиција ја привела сопругата на опозицискиот политичар Алексеј Навални на протестите во Москва. Јулија Навални на социјалните мрежи објави дека се наоѓа во полициското комбе и дека е приведена на протестите на кои се бара ослободување на нејзиниот сопруг, кој беше уапсен минатиот викенд кога се врати во Москва по медицинскиот третман во Германија поради труење со новичок.

Полицијата ги прогласи протестите во Москва и во десетици други градови низ целата земја за незаконски и приведе стотици луѓе. Меѓу приведените е и блиска соработничка на Навални, Љубов Собол.

Закана до Трамп за одмазда за убиството на ирански генерал?

Слика со ликот на Касем Солејмани на погребните церемонии во минатата година во Иран.

На веб-страницата на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи е објавена слика на голф играч кој наликува на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој наводно е цел на напад со беспилотно летало, заедно со закана за одмазда за убиството на иранскиот генерал Касем Солјемани во минатата година извршено преку напад со американско беспилотни летало.

Сликата за првпат се појави на Твитер на персиски јазик и беше објавена со линк до веб-страницата на Хамнеи. Твитер ја избриша фотографијата и соопшти дека е лажна. Под фотографијата беа напишани пораки од иранскиот лидер од декември, минатата година пред првата годишнина од атентатот врз генералот Солејмани, кој ги водеше елитните кудски сили на Исламската револуционерна гарда.

Иранскиот генерал беше убиен на трети јануари, минатата година во Багдад. Пентагон тогаш соопшти дека тогашниот претседател Доналд Трамп го одобрил нападот. Трамп ја напушти функцијата на 20 јануари.

Приведена блиска соработничка на Навални на протестите во Москва

Љубов Собол

Руската полиција ја привела Љубов Собол, блиска соработничка на опозицискиот политичар Алексеј Навални, на протестите во центарот на Москва. На протестите се бара ослободување на критичарот на Кремљ, Навални, кој беше уапсен минатиот викенд кога се врати во Москва по лекарското лекување во Германија поради труење со новичок.

Додека Собол зборувала на протестите, група на полицајци ја опколила толпата и ја привела опозициската активистка.

„Многу луѓе кои за првпат отидоа на протести, сега се во полициско комбе со мене. Луѓето сфатија дека не можат да издржат понатаму. Главната работа е да не молчиме или да се плашиме, ние дефинитивно ќе победиме! “, рече Собол од полициското комбе во објава на Твитер и на Јутјуб.

ВМРО-ДПМНЕ бара јавна расправа за реформите во основното образование

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски денеска информираше дека неговата партија пред повеќе од една недела побарала да се организира јавна расправа во врска со најавената реформа на системот на основното образование, а согласно член 124 од Деловникот на Собранието. Партијата, според него, се одлучила на таков чекор заради широкиот јавен интерес кој се развил за прашањето.

„Лично верувам, дека мнозинството граѓани би се согласиле со ставот дека е потребна реформа на основното образование. Сепак постои дилема, дали патеката, пристапот и методологијата одбрани од страна на Министерството за образование и наука е правилна“, истакна тој.

Во јавната расправа, како што порача Муцунски ќе може да се вклучат сите засегнати страни и преку транспарентна дискусија ќе дадат свој придонес за прашањата кои се од големо значење за иднината на Македонија, а тоа е образованието и воспитувањето на младите.

„Во недостаток на подготвеност за дијалог, спремност да се слушнат аргументите од било која друга страна и да се организира една ваква јавна расправа од страна на Министерството за образование и наука наша обврска како пратеници делегирани од граѓаните во Собранието на Македонија е да преземеме конкретен чекор што ќе биде во прилог на унапредување на квалитетот во реформскиот процес во образованието. Фактот дека токму експертската јавноста упатува на сериозни недоследности во предложената реформа наведува на сознанието дека е препорачливо и неопходно да им дадеме институционална форма на идните дискусии за ова важно општествено прашање“, вели Муцунски.

Тој додава дека јавната расправа согласно Деловникот на Собранието треба да се одржи во матичното работно тело во Собранието, а тоа е Комисијата за образование, наука и спорт.

Најавената реформа предизвика силни реакции во јавноста особено поради идејата да се спојат историјата и географијата како еден предмет во основните училишта, нешто што во дел од јавноста беше оценето како обид за бришење на историјата во време кога Бугарија спори токму со дел од македонската историја.

Владата планира целосно враќање на работа на администрацијата од 1 февруари

Илустрација - Вработени во државна администрација

Од Владата денеска соопштија дека од 1 февруари 2021 година се планира да се врати принципот на работа и работниот процес на државната и јавна администрација во полн состав со полно работно време со оглед на тоа дека бројот на заразени од ковид-19 е намален. Владата, како што изјави портпаролот, Душко Арсовски за МИА, претходно ќе побара и дополнително мислење од Комисијата за заразни болести.

Државната и јавна администрација, општините и судовите, согласно одлуката на Владата од 13-та седница, од 20 октомври минатата година, по препорака на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, согласно принципот на работа и работниот процес, ја организираше работата во смени, на далечина, или, пак, редуцирано со систем на ротации, зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите, имајќи го предвид Протоколот за превентивни мерки за сите работни места.

Апсења на протестите низ Русија за ослободување на Навални

Апсење на протестите за ослободување на опозицискиот политичар Алексеј Навални

Илјадници демонстранти денеска повикуваат на ослободување на опозицискиот руски политичар Алексеј Навални, кој е критичар на Кремљ и кој беше уапсен минатиот викенд кога се врати во Москва по лекувањето во Германија од труење со новичок.

Првите митинзи започнаа во Сибир и на далечниот исток и покрај ниските температури и силното присуство на безбедност. Според извештаите, протестите се најверојатно најголеми во Русија од март 2017 година кога се одржаа координирани антивладини демонстрации во 99 градови низ земјата.

Во меѓувреме, дописникот на РСЕ во Москва објави дека властите апселе лица кога тие започнале да се собираат на плоштадот Пушкин во руската престолнина пред почетокот на протестите.

Групата ОВД-Инфо, која ја следи активноста на руската полиција, објави дека имало најмалку 174 апсења низ 25 градови пред планираниот протест во Москва - додавајќи дека властите во Хабаровск, наводно, тепале притвореници.

Хоспитализирани 20 пациенти во ковид центрите во Скопје

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Министерството за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 20 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 274 лица сомнителни и потврдени на ковид- 19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Во последното деноноќие, според соопштението, на интерните клиники имало 10 приеми. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 24 оздравени пациенти.

САД ќе проверуваат дали талибанците ги исполнуваат договорените обврски

Советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливан.

Администрацијата на новиот претседател на САД, Џо Бајден планира да го разгледа договорот постигнат со талибанците минатата година со цел да утврдат дали милитантната група ги исполнува своите обврски. Таквата најава доаѓа откако советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливан разговараше со неговиот авганистански колега Хамдулах Мохиб.

Според договорот меѓу САД и Талибанците, постигнат во февруари минатата година, сите странски сили треба да го напуштат Авганистан до мај 2021 година во замена за безбедносни гаранции од милитантната група, вклучително и прекинување на врските со Ал-Каеда.

Преговарачите на авганистанската влада и талибанците имаат застој во директните разговори во Катар за изнаоѓање на решение, поради растечкото насилство и повиците за прекин на огнот.

Саливан истакнал дека новата администрација на Бајден, како што се наведува во соопштението, ќе го поддржи мировниот процес со силни и регионални дипломатски напори, кои ќе имаат за цел да им помогнат на двете страни да постигнат трајно и правично политичко решение и траен прекин на огнот.

Гир: ЕУ ќе обезбеди вакцини за Западен Балкан што е можно побрзо

Eвроамбасадорот Дејвид Гир

Евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека ЕУ ќе обезбеди вакцини за Западен Балкан што е можно побрзо.

„На сите ни е јасно дека за да се излезе од пандемијата треба да се осигураме сите да имаат пристап до безбедни и ефикасни вакцини. Процесот на вакцинација не треба да претставува трка меѓу земјите. Сите сме засегнати. Претходно, стапката на заразени беше повисока тука на Западен Балкан отколку во ЕУ, а во моментов стапката е повисока во ЕУ во споредба со Западниот Балкан. Сигурен сум дека вие, и слушателите и гледачите, сте свесни за огромниот притисок со кој што се соочуваат членките на ЕУ додека започнуваат со вакцинација на населението, а истовремено се појави и мутација на вирусот со кој се зголеми бројот на новозаболени“, порача Гир во интервју за МИА.

Тој истакнува и дека европската перспектива и перспективата на пристапување на Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија во ЕУ е јасна и неспорна. Гир во интервјуто за МИА порачува и дека Португалија се обврзала дека за време на нејзиното претседателство со ЕУ, стартувањето на преговорите со Северна Македонија ќе биде приоритетно прашање.

„Само да се навратиме на настаните од минатата година во март – историската одлука донесена од Европската Унија. Тоа значи дека 27 земји членки сите заедно се договорија за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија. Следниот чекор е усогласување на Преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, што всушност ќе го отпочне самиот процес на преговори. Тие разговори продолжуваат во Брисел и навистина португалското претседателство се обврза дека ќе го помогне и ќе го турка процесот. Во меѓувреме, она што е важно, е Северна Македонија, заедно со Бугарија, билатерално да се ангажираат во обид да изнајдат решение што е прифатливо за двете страни, коешто ќе овозможи ситуацијата да оди напред“, вели Гир.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG