Достапни линкови

Мицкоски: Уривањето на Универзална не е опција - СДСМ: Молчевте за барокот


Универзална сала, Скопје

Уривањето на Универзалната сала во Скопје не е опција, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Фејсбук и според него таа е плод на солидарноста и еден од симболите на Скопје.

„И Скопје не секогаш ги имало најдобрите решенија, но секогаш имало душа и срце за големи работи. Салата не е само објектот, туку и спомените на скопјани и нема роден скопјанец чиешто детство и младост не се поврзани со Универзалната сала. Затоа нејзиното рушење не е опција. Ако некој сака да остави белег во Скопје, тогаш тоа нека бидат работите кои ќе ги создаде за Скопје, а не оние кои ќе ги руши“, напиша Мицкоски.

На овие обвинувања СДСМ одговорија дека, како што велат, „Мицкоски уста не отворил кога Скопје го облекувале во фасади од барок“.

Истиот тој Мицкоски молчеше кога се менуваа фасадите на улица Македонија. Молчеше Мицкоски и за зградата на ЕЛЕМ за време на неговото директорување. Разликата е огромна. Додека ВМРО-ДПМНЕ узурпираше и ниту еднаш не ги праша граѓаните за мислење, СДСМ е отворена и заедно со граѓаните носи решенија. ВМРО-ДПМНЕ поставуваа споменици сред ноќ, тајно, а СДСМ работи транспарентно, отчетно и отворено. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане партијата симбол на расипништво. Доказ за тоа се градбите на ВМРО-ДПМНЕ кои чинеа милиони, а денес се распаѓаат“, реагираше СДСМ.


Судбината на Универзалната сала се најде во фокусот на вниманието откако Град Скопје распиша конкурс за идејно решение за парк со летна сцена на таа локација.

XS
SM
MD
LG