Достапни линкови

Десетици илјади луѓе на протест во Хабаровск


Десетици илјади луѓе денеска излегоа на протест во Хабаровск на рускиот Далечен Исток

Десетици илјади луѓе денеска излегоа на протест во Хабаровск на рускиот Далечен Исток, во близина на границата со Кина. Тие протестираат против апсењето на регионалниот гувернер, обвинет за вмешаност во убиство, со што продолжи бранот протести кој трае веќе две недели.

Ова се најголеми протести во Хабаровск во изминатите две недели. Водачите на протестите и независните новинари велат дека на протестот имало над 50 илјади луѓе, со што тоа е најголемиот антивладин протест од распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

Досегашниот гувернер Сергеј Фургал на 9 јули беше префрлен во затвор во Москва, а рускиот претседател Владимир Путин именуваше вршител на должноста гувернер на Хабаровск.

Демонстрантите сметаат дека обвинувањата против Фургал се неосновани и бараат да му се суди дома.

За разлика од Москва, каде што полицијата брзо реагира да ги растера неодобрените протести, власти овде не се мешаа, наведува новинската агенција Асошиејтед прес.

Властите го сомничат Фургал за вмешаност во неколку убиства на бизнисмени во 2014 и 2005 година, но тој ги негира обвиненијата. Во тоа време Фургал бил бизнисмен во дрвната и металската индустрија.

За време на својот мандат, Фургал се здоби со репутација на „народен гувернер“, намалувајќи ја својата плата. Тој нареди продажба на скапите јахти кои ги купи претходната администрација и понуди нови субвенции за жителите, потсетува Асошиејтед прес.

XS
SM
MD
LG