Достапни линкови

Скендер Хисени нов косовски координатор за дијалогот со Србија


Косовскиот премиер Авдулах Хоти и Скендер Хисени.

Косовскиот премиер Авдулах Хоти, по денешниот состанок на Форумот на политички партии, го именува неговиот советник, поранешниот министер за внатрешни работи на Косово, Скендер Хисени, за државен координатор за дијалогот со Србија.

По денешното именување, се очекува задутре, на 23 јули, Хисени да отпатува за Брисел, на продолжување на дијалогот со Србија на експертско ниво.

Според најавите од Приштина и Белград, по средбата на Хоти и претседателот на Србија Александар Вучиќ, што се одржа во Брисел минатиот четврток, на 16 јули, дијалогот на експертско ниво во европската престолнина треба да продолжи во врска со исчезнатите и раселените лица од војната во Косово во 1998-99 година.

Косовскиот премиер Авдулах Хоти рече дека добил целосна поддршка од партиите учеснички на Форумот за водењето на процесот на дијалогот со Србија.

Продолжувањето на дијалогот, откако Хоти претходно во јуни годинава ги укина санкциите кон српскиот увоз, започна на 10 јули, со видео конференција на која учествуваа германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон, високиот претставник на Европската унија за надворешна политика Хозеп Борел, специјалниот посредник на ЕУ за дијалогот Приштина – Белград Мирослав Лајчак, ксоовскиот премиер Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ.

На 12 јули се одржа втората видео-конференција, со учество на Борел, Лајчак, Хоти и Вучиќ, додека првата директна средба на косовскиот премиер и српскиот претседател се одржа минатиот четврток, на 16 јули, во седиштето на Унијата во Брисел.

Хоти на денешниот состанок на Форумот на политичките партии нагласил дека дијалогот со Србија ќе биде транспарентен и Собранието на Косово, како и целата јавност ќе бидат запознаени со деталите од секоја средба.

XS
SM
MD
LG