Достапни линкови

Позитивни резултати на вакцината од Оксфорд


Експериментална вакцина на компанијата АстраЗенека и Универзитетот Оксфорд покажала имунолошки одговор во раните фази на клиничките испитувања на здрави волонтери, покажуваат најновите податоци.

Вакцината, наречена АЗД1222, која АстраЗенека и научниците од британскиот универзитет во Оксфорд ја развиваат заедно, не предизвикала сериозни несакани ефекти и довела до имунолошки реакции на антитела и Т-клетките, се вели во студијата објавена во медицинското списание „Лансет“.

„Има уште многу работа да се направи пред да можеме да потврдиме дали нашата вакцина може да помогне во борбата против пандемијата со ковид-19, но овие први резултати се ветувачки“, изјави Сара Гилберт, која работи на развивање на вакцината, пренесува Ројтерс.

„Сè уште не знаеме колку силен имунолошки одговор треба да предизвикаме за ефикасно да се заштитиме од инфекција со коронавирус“, додаде таа.

Компанијата АстраЗенека и Оксфорд веќе потпишаа договори за производство на две милијарди дози на вакцината. Студијата е спроведена на 1.077 здрави возрасни кои не страдале од КОВИД-19.

„Денешните податоци ја зголемуваат нашата самодоверба дека вакцината ќе делува и ни овозможува да продолжиме со нашите планови за производство на вакцината за широко распространета употреба“, изјавиМене Пангалос, извршен потпретседател на АстраЗенека.

Следните чекори на истражувањето ќе вклучат повеќе од 10 000 луѓе од Велика Британија. Сепак, според БиБиСи, тестирањето ќе биде проширено и во други земји затоа што нивото на коронавирус во моментов е ниско во Велика Британија. Повеќе од 30 000 ќе бидат вклучени од САД, 2.000 од Јужна Африка и 5.000 од Бразил.

XS
SM
MD
LG