Достапни линкови

Изборите генерално добро спроведени, оцени ОБСЕ/ОДИХР


ОБСЕ ОДИХР

Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија беа добро организирани и покрај пандемијата, но правната сигурност остава простор за загриженост. Денот на гласање помина мирно и покрај одредени технички предизвици поврзани со известувањето за резултатите, се наведува во прелиминарната оценка за изборите на меѓународниот набљудувачки тим на ОБСЕ/ОДИХР.

Во прелиминарниот извештај се наведува дека изборите беа генерално добро спроведени и кандидатите можеа слободно да водат изборна кампања, но правната сигурност беше поткопана поради значајни промени на законската рамка и последователните владини уредби со законска сила.

„Ова се многу предизвикувачки времиња за одржување избори и ги препознаваме напорите на властите да се прилагодат на новите околности. Сепак, постојат неразјаснети прашања околу Изборниот законик, и процеси кои често доведуваа до политички договори во последен миг. Властите треба да посветат сериозно внимание на овие прашања пред одржување на следите избори“, рече шефицата на ОДИХР специјалната мисија за проценка на изборите, Лаима Андрикиене.

На новинарско прашање таа појасни дека прифатлива временска рамка за вакви промени во изборната легислатива би била најмалку една година пред одржување на изборите.

„Изборната администација ја заврши својата работа во рамки на законските рокови и покрај компликациите предизвикани од суспендирањето на изборниот процес. Денот на гласање помина мирно и покрај одредени технички предизвици поврзани со известувањето за резултатите. Сепак, долгогодишните структурни прашања поврзани со составувањето на избирачкиот список останаа неадресирани“, рече Андрикиене,

На прашањето да го искоментира вчерашниот пад на системот на Државната изборна комисија (ДИК), Андрикиене рече дека тоа е многу важно прашање, тие ги следат настаните, свесни за техничките потешкотии и ќе продолжат да ја следат ситуацијата.

XS
SM
MD
LG