Достапни линкови

Аја Софија останува отворена за посетители кога ќе нема молитви


Некогашната базилика Аја Софија, која е претворена во џамија, ќе биде отворена за посетители кога во неа нема да има молитви, а остануваат и христијански симболи кои ќе бидат покривани само за време на молитвите, соопштија денеска турските власти.

Државниот совет, највисокиот административен суд во Турција, во петокот донесе одлука во корист на групата која бараше да ја поништи одлуката на Советот на министри од 1934 година со која Аја Софија е претворена во музеј, бидејќи се сомневаа во автентичноста на потписот на основачот на модерна Турција Мустафа Кемал Ататурк на тој документ.

Веднаш по таа одлука, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави претворање на Аја Софија во џамија. Првите заеднички муслимански молитви ќе бидат организирани на 24 јули.

Дирекцијата за верски работи соопшти денеска дека христијанските симболи „не претставуваат пречка за одржување молитви“.

„Иконите треба да бидат скриени зад завеси и други погодни средства“, се наведува во нивното соопштение.

Водечкото архитектонско здание во Истанбул е изградено во шестиот век како црква, а откако градот потпаѓа под Отоманска власт е претворено во џамија. Од 1934 година Аја Софија е музеј и е дел од светското културно наследство на листата на УНЕСКО. Аја Софија е една од главните туристички атракции во Истанбул, која привлекла 3,8 милиони посетители само минатата година.

Повеќе земји, меѓу кои Русија и Грција, но и САД и Франција ја предупредија Анкара против претворањето на Аја Софија во муслимански храм, за што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се залага со години.

XS
SM
MD
LG