Достапни линкови

ЕУ и САД ја осудија одлуката на Турција Света Софија да стане џамија


Света Софија во Истанбул


Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел изрази жалење поради одлуката на турските власти Света Софија повторно да стане џамија.

„Одлуката на турскиот Државен совет да поништи една од модерните одлуки на Турција и одлуката на претседателот (Реџеп Тајип) Ердоган, споменикот да се даде под управа на Дирекцијата за верски прашања е за жалење“ изјави Борел.

Портпаролката на американскиот Стејт департмент Морган Ортагус синоќа изјави дека САД се разочарани со одлуката на турската Влада за смена на статусот на Света Софија во Истанбул.

Укажуваме на преземената обврска на турската Влада дека ќе гарантира пристап до Аја Софија за сите посетители и со нетрпение очекуваме да ги видиме нејзините планови за управување со објектот, истакна Ортагус.

Ердоган вчера потпиша декрет со кој Света Софија повторно ќе биде џамија. Тој го потпиша указот откако турскиот Високиот административен суд ја поништи одлуката на Советот на министри од 24 ноември 1934 година за пренамена на Света Софија од џамија во музеј. Тој најави дека на 24 јули во Света Софија ќе се одржи петочна молитва.

Турскиот претседател истакна дека барањата Света Софија да остане музеј е исто како „ да се бара Ватикан да се претвори во музеј и да се затвори за богослужба“.

Света Софија беше најголемата христијанска црква, изградена во шести век од Византијците, а во џамија беше претворена по османлиското освојување на Цариград, денешен Истанбул, во 1453 година. Статусот од верски објект во музеј беше променет со указ во 1934 година од тогашниот турски претседател Мустафа Кемал Ататурк. Света Софија во 1985 година е прогласена за споменик на Светското културно наследство на УНЕСКО. ми/


XS
SM
MD
LG