Достапни линкови

Вести

ХК: За два месеца 197 повреди на работнички права

Хелсиншки комитет лого

Хелсиншкиот комитет за човекови права информираше дека во периодот од 10 март до 30 јуни годинава биле регистрирани 197 случаи на повреди на правата од работен однос, кои се однесувале на вкупно 2.723 работници, а над 60 отсто од пријавите се однесувале на работнички со што кризата добила и родова димензија.

„Најкритични беа првите шест недели по прогласувањето на вонредната состојба, кога беа пријавени 145 од вкупниот број регистрирани случаи. Работодавачите веднаш започнаа со масовни отпуштања на работниците, односно откажувања на нивните договори за вработување“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму истакнаа дека веднаш по донесувањето на првата мерка за превенција од коронавирусот која директно се однесуваше на работниците, биле сведоци на чести и груби прекршувања на работничките права, нагласувајќи дека за времетраењето на кризната состојба непрекинато продолжиле да им обезбедувааат бесплатна правна помош на сите работници.

види ги сите денешни вести

Пендаровски стави потпис на законот за попис

Skopje-annual address of the President Stevo Pendarovski to the Macedonian Parliament,16.12.2020

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска го потпиша Указот за прогласување на Законот за попис на населението кој треба да се спроведе годинава. Указот, како што информираат од Кабинетот на Пендаровски, бил потпишан по извршените консултации со правни експерти.

„Пендаровски очекува процесот на спроведување на пописот да не се политизира, а добиените податоци да бидат од корист за севкупниот развој, со што ќе се овозможи формулирање на долгорочни стратегии во виталните области во државата“ се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Претходно Собранието на 21 јануари со 62 гласа „за“, без „воздржани“ и без „против“ го донесе Законот за попис на населението. Пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година.

Вкупно 610 заразени со ковид-19 се лекуваат во болниците низ земјава

Ковид-19 амбуланта во Скопје

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 610, соопштија од Министерството за здравство. Оттаму додаваат дека има околу 580 празни болнички кревети во ковид центрите.
Од Министерството за здравство посочуваат дека во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Во нивното соопштение е наведено дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

И јануарската пензија ќе се исплаќа етапно поради Ковид-19

Илустрација - Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје

Oд утре почнува етапната и предвремена исплата на јануарските пензии за да се заштитат пензионерите од коронавирусот, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

„Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата: Во вторник, на 26.01.2021 година исплата на пензии со висина до 11.000 денари; Во среда на 27.01.2021 година исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари; Во четврток на 28.01.2021 година исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари; и во петок, на 29.01. 2021 година исплата на пензии во висина над 18.000 денари“, информираше МТСП.

Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од вторник 26 јануари . Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.

Законските измени за полесно набавување на вакцини против ковид-19 ја помина првата фаза во Собранието

Собрание на Република Северна Македонија

Предлог измените на законот за јавни набавки со кои се предвидува измени на условите за набавки на вакцините против ковид 19 ќе се носи по скратена постапка. Пратениците со 61 глас „за“ , еден „против“ и 12 воздржани, одлучија по скратена постапка предлог измените на законот да биде испратен во собраниската комисија за буџет и финансирање, а потоа и во и законодавно-правната комисија на понатамошна расправа.

Во предлог измените на законот е наведено дека одредени одредби кои се вообичаени при нормално функционирање на пазарот на јавни набавки во овие околности создаваат потешкотии и неможност за задоволување на потребите.

„Тоа особено е евидентно при набавката на вакцини против КОВИД-19, при што Република Северна Македонија мора да ги искористи сите можни канали за снабдување, вклучително и директни контакти со производителите. Во овие услови, одредбите кои се предмет на дополнување не може да се применат и потребно е да се предвиди флексибилност во делот на исплата на аванс, согласно со воспоставената практика на производителите на вакцините на глобално ниво,“ се вели во предлог измените на законот за јавни набавки.

Царовска: Само дел од средношколците ја бојкотира наставата

Мила Царовска

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денеска изјави дека „не е точно дека 70 проценти од учениците го бојкотираат наставниот процес, туку само дел од нив“.

„Државната матура е изборна, а нашата обврска како Министерство е да го обезбедиме правото на полагање на матура, посебно на оние ученици кои сакаат да го продолжат своето образование во високо образовни установи во нашата држава и надвор од неа“, истакна денеска министерката Царовска, на промовирањето на проектот за поставување на заштитни паравани во основните училишта во Општина Чаир.

Таа вели дека уште од првиот ден постојано соработуваат и разговараат со Сојузот на средношколци, каде, како што вели, имаат различни размислувања и барања.

„Последен пат имавме состанок минатата недела, кадешто утврдивме дека матурата оваа година се одвива согласно законот. Средното образование е задолжително во државата и токму затоа е важно да го почитуваме правото на учениците кои сакаат да полагаат матура. Утрово имав состанок со сите директори на средните училишта, нема бојкот на 70 проценти, туку само на дел од учениците. Важно е дека нашата обврска како Министерство за образование и наука и на општините, е да го обезбедиме правото на учениците кои што сакаат да полагаат матура“, истакна Царовска.

Таа нагласи дела учениците кои што не сакаат да полагаат државна матура имаат можност согласно Концепцијата за матура, да полагаат училишна матура, токму таму има два предмети и проектна задача или оние кои се во стручни училишта имаат можност да полагаат стручен испит.

Средношколците, пак, тврдат дека нивните барања се разумни и поддржани со меѓународни примери и „нема да се откажат додека не ги остварат“. Тие бараат наместо четири, да полагаат два предмети за државна матура.

Во Македонија нема мутиран ковид од Британија, доминираат 2 други мутации

Илустрација - Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Проф. Д-р Георги Ефремов“ во МАНУ

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека заклучно со 11 јануари 2021 година, според резултатите од анализите во Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ), не е утврдено присуство на коронавирусот од Велика Британија во нашата земја.

Во лабораторијата на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија - ИЦГИБ-МАНУ биле анализирани геноми на близу 180 SARS-CoV-2 вируси кај пациенти од Македонија дијагностицирани во периодот јуни 2020 – 11 јануари 2021 година.


„Соевите се изолирани од пацинети од различни градови од земјата. Од присутните соеви на вирусот, два (B.1.1 и B.1.1.70) се доминантни во нашата популација, присутни кај >75% од пациентите. И двата соја се присутни од почетокот на пандемијата, од кои B.1.1 сојот (присутен во цела Европа, а со највисока застапеност во Грција, Италија, Австрија, Шведска, Турција, Русија, итн.) има стабилна фреквенција, додека фреквенцијата на B.1.1.70 сојот (присутен со повисока фреквенција во Србија, Хрватска, Косово) се зголемува во последните месеци и во моментот е доминантен кај анализираните пациенти“, соопшти Министерството.

Според МЗ, претпоставките се дека варајантниот сој не е поврзан со зголемена трансмисивност, ниту пак со тежината на клиничката слика на заболените.

Поранешен грчки министер пронајден мртов на отворено море

Илустрација

Поранешниот грчки министер, Сифис Валиракис, синоќа беше пронајден мртов во морскиот дел во близина на островот Евија, откако претходно со неговиот мал чамец излегол да плови и му се изгубила трагата, јави МИА од Атина. Според грчките медиуми веројатно станува збор за несреќен случај, откако 77-годишниот Валиракис од непознати причини се лизнал и паднал од чамецот.

Грчката Крајбрежна служба соопшти дека во попладневните часови била известена за исчезнато лице, по што со девет чамци и бродови, еден хеликоптер, двајца нуркачи, два волонтерски тима, но и патролни возила на копно, започнала спасувачката акција. Прво бил пронајден чамецот, а подоцна и безживотното тело на поранешниот министер.

Сифис Валиракис (77), бил член на движењето на отпорот во Грција за време на воената диктатура, подоцна имал 15-годишна министерска кариера во повеќе ресори, а бил член на партијата ПАСОК.

За 24 часа во Македонија 420 казни за неносење заштитна маска

Илустрација - Граѓанин со заштитна маска

Вкупно 420 прекршоци за неносење лична заштита на лице се регистрирани во текот на изминатото деноноќие на територијата на целата држава, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид-19. Казната за неносење заштитна маска изнесува 20 евра.

Продолжување на постапката за отповикување на Трамп

Ненси Пелоси

Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Ненси Пелоси, како што јавуваат новинските агенции, денеска планира да го проследи до Сенатот барањето за отповикување на Доналд Трамп за случувањата во зградата на Конгресот на 6 јануари. Трамп е првиот претседател за кој Претставничкиот дом гласаше двапати за отповикување и прв на кој ќе му се одржи судење за импичмент по напуштање на функцијата.

Судењето за импичмент на Трамп ќе започне во втората недела од февруари

Лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел предложи судењето за повлекување на Трамп да се одложи за февруари за да му се даде време да се подготви за случајот. „Републиканците во Сенатот се силно обединети зад принципот дека претседателската институција и поранешниот претседател Трамп заслужуваат целосен и фер процес што ги почитува неговите права“, рече Меконел. Претставничкиот дом гласаше за отповикување на Трамп за поттикнување упад во Конгресот на 6 јануари, со желба за брзо судење во Сенатот. Демократите и републиканците имаат по 50 места во горниот дом на Конгресот, а демократскиот потпретседател на Соединетите држави Камала Харис, според Уставот, има решавачко гласање во тоа тело.

Ковид-19 на врвот на агендата на Светскиот економски форум во Давос

Светски економски форум во Давос

Од денеска до 29 јануари ќе се одржи годинашниот, овој пат виртуелен Светски економски форум во Давос. На врвот на агендата на Форумот е пандемијата на ковид-19 која, како што се наведува, покажа дека ниту една институција или индивидуа не може да се справи со економските, еколошките, социјалните и технолошките предизвици на нашиот комплексен, меѓузависен свет. „Пандемијата ги забрза системските промени што беа очигледни и пред нејзината појава. Линиите на грешки што се појавија во 2020 година сега се појавуваат како клучна крстосница во 2021 година“.

Тунберг: Климатските барања беа целосно игнорирани во Давос

Ова се наведува во најавата за годинашниот Светски економски форум во Давос, во кое се додава: „Агендата во Давос е пионерска мобилизација на глобалните лидери за да ги обликуваат принципите, политиките и партнерствата потребни во овој предизвикувачки нов контекст. Од суштинско значење е лидерите од сите сфери на животот да работат заедно виртуелно за поинклузивна, кохезивна и одржлива иднина што е можно поскоро во 2021 година“.

Турција се надева дека разговорите за Медитеранот можат да ги смират немирните води со ЕУ

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

По пауза од пет години, обележана со поплаки во врска со нивните ривалски тврдења за водите на Медитеранот, Турција денеска ги продолжува разговорите со Грција, на првиот тест за нејзините надежи за враќање на влошените односи со Европската унија. Дипломатите велат дека обновата на довербата ќе биде тешка, а разговорите следат по одлуката на Турција да престане со потрагата по гас во спорните води што ги налути Грција и Кипар и заладувањето на реториката околу пошироките спорови на Анкара со ЕУ. Тие исто така може да го отворат патот за непосредна посета на Турција од страна на лидерите на ЕУ.

Турција и нуди на Грција преговори за спорот во Средоземното Море

Двете страни велат дека постои политичка волја за подобрување на односите, но по долгогодишниот бегалски бран, човековите права, воените интервенции на Турција и поделениот остров Кипар, приближувањето се чини далечна перспектива. Изразувајќи претпазлив оптимизам, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел изјави дека гледа „прозорец на можности“, но дека Анкара треба „да се откаже од линијата на конфронтација“ и да побара дијалог. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој ја обвини Унијата за „стратешко слепило“ кон Турција, им рече на амбасадорите на ЕУ во Анкара овој месец дека е подготвен да ги подобри врските. Дипломатите велат дека ќе треба повеќе од промена на тонот и повлекување на турскиот брод а од спорните води за да се замолчат повиците на некои држави на ЕУ за санкции кон Анкара, за кои лидерите на ЕУ ќе разговараат во март.

Во Холандија судири на протестите против ограничувањата за коронавирусот

Полицијата користи воден канон за време на протест против ограничувањата воведени за спречување на ширењето на коронавирусот, Амстердам, Холандија, 24 јануари 2021 година.

Немири избувнаа во два холандски града на демонстрациите против мерките за блокирање на коронавирусот. Пожари беа подметнати во центарот на јужниот холандски град Ајндховен, каде што стотици бунтовници ја гаѓаа полицијата со камења. Полицајците реагирале со солзавец и водени топови и извршиле десетици апсења. Демонстрации против ограничувањата се одржаа и во Амстердам, каде што полицијата употреби водени топови за да ја растера толпата. Полицијата соопшти дека уапсила повеќе од 100 лица.

Земјите во ЕУ се борат со бавната дистрибуција на вакцините

Немирите се случија еден ден откако центарот за тестирање за ковид-19 беше запален во селото Урк во првата ноќ на новата забрана за движење од 21 часот до 04:30 часот. Министерот за правда Ферд Граперхаус го осуди насилството, наведувајќи: „Ова е едноставно криминално однесување; луѓе кои намерно таргетираат полиција, новинари и хуманитарни работници“. Во земјата е воведена строга блокада што треба да продолжи најмалку до 9 февруари.

Состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ

знамето на ЕУ

На состанокот на кој ќе претседава Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, министрите најпрво ќе бидат информирани за тековните работи, вклучително и притворот за Алексеј Навални, како и за трансатлантските односи, во светлината на инаугурацијата на Џо Бајден за 46 американски претседател. Потоа министрите ќе ја разгледаат стратегијата на ЕУ за споделување на вакцините ковид-19 со нејзините глобални партнери.


Димитров и Османи во посета на Брисел

Тие исто така ќе направат преглед на состојбата со миграцијата во Босна и Херцеговина и неодамнешните случувања во врска со Турција, Египет, Рогот на Африка, регионот на Заливот, Хонг Конг и Венецуела. Министрите ќе разменат мислења за климатската и енергетската политика, со фокус на промовирање на надворешната димензија на Европскиот зелен договор. За време на неформалниот ручек, министрите ќе разговараат за соработката меѓу ЕУ и Британија.

Времето денеска: сончево со умерена облачност

Во текот на денот ќе биде сончево и релативно топло со умерена облачност и со умерен до засилен југозападен ветер. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд, на планините од снег, пообилни во западните делови. Поради продор на студена воздушна маса врнежите ќе преминат во снег и на некои од повисоките места. Снежната покривка дополнително ќе се зголеми, а поради засилениот ветер ќе има услови за појава на снежни наноси. Дневната температура ќе биде од 5 до 15 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 11 степени.

Самит за адаптација кон климатските промени

климатски промени

Во Женева денеска почнува самиот за адаптација кон климата 2021. Станува збор за глобална конференција преку интернет за забрзување, иновации и зголемување на напорите на светот за прилагодување кон неизбежните ефекти на климатските промени. Самитот обединува низа учесници, вклучувајќи ја и Светската метеоролошка организација.

Како против климатските промени со зголемена употреба на фосилни горива?

Таа е своевиден одговор на повикот на генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш за „поконкретни планови, повеќе амбиции од повеќе земји и повеќе деловни активности“ за да се направи светот поотпорен на климата. На самитот е најавено учество и германската канцеларка Ангела Меркел.

Ахмети: На пролет ќе биде решен проблемот со Бугарија

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека оваа пролет, ќе се излезе од ќор-сокакот и проблемот со Бугарија ќе биде решен.

„Во интерес е и на Вашингтон и на Брисел да се реши ова прашање. Во овие 20 години ниту еднаш не сум бил разочаран од нивните постапки. Јас сум оптимист дека овој проблем ќе се реши уште во рана пролет. Решението ќе дојде пред парламентарните избори во Бугарија“, рече Ахмети во одговор на прашање во синоќешната емисија „Политика“ на гостиварската локална телевизија ТВ Глоби.

Тој порача дека дебатата ќе се одвива за историјата и историските личности, додека македонскиот идентитет и јазик не се загрозени. Во однос на пописот Ахмети уверува дека институциите ќе си ја вршат нивната работа и сите кои живеат во земјава и надвор од неа ќе бидат опфатени.

„Тоа е статистичко прашање, а не политичко претпријатие, а таа операција мора да се заврши. Тоа од нас го бараат и релевантни меѓународни институции како ООН и од ЕУ. Мора да имаме попрецизна статистика за економијата на земјата, за имотот на земјата, за населението во земјата и никој нема да биде исклучок. Прво ќе се регистрираме тука, а потоа оние кои се во странство преку валидни документи од нивните роднини тука или преку Државниот завод за статистика. Се знае колку постојано живеат тука, а колку надвор. Но сепак, сите се жители на оваа земја, порача Ахмети.

Заев: Се чека согласност од „Фајзер“ за вакцините од Србија

Вакцина против ковид- 19. Илустрација.

Премиерот Зоран Заев изјави денеска дека контактирал со српската премиерка Ана Брнабиќ и упатил и втора молба до „Фајзер” за согласност за извоз на вакцините кои и се дадени на Србија. Тој порача и дека Владата ургира и преку Министерството за здравство и верува дека барањето ќе биде одобрено. Според него, вакцините од Србија би требало да стигнат најбрзо и ќе бидат доволни за здравствените работници кои работат во ковид-центрите.

„Тоа се 7850, колку што ги наградивме во декември. Верувам дека колку и да се значајни клаузулите во договорите на „Фајзер” со Србија и на „Фајзер” со сите други земји, може во предвечерието на добивање на нашите вакцини да ни дадат согласност час поскоро да стигнат вакцините од Србија“, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања во Стајковци, на настан по повод изградба на училишна спортска сала.

Заев информира и дека во средината или втората половина на наредниот месец се очекуваат да стигнат и првите дози од вакцините директно од производителот „Фајзер”.

Во однос на ветото од Бугарија најголемите ризици, според Заев, за државата е непотребно потрошеното време, како и евроскептицизам кај граѓаните, но патот е тој и ќе се продолжи си реформите.

Тој додаде дека не гледа никакви причини за одложување на пописот што е најавен за април годинава. Притоа Заев очекува на почетокот на неделата претседателот на државата Стево Пендаровски да го потпише указот за Законот за попис.

Нови 183 случаи на корона, починати 6, а оздравени 1731 пациент

Клиника за инфективни болести во Скопје. Архивска фотографија.

Во последните 24 часа се направени 1466 тестирања, а регистрирани се 183 нови случаи на ковид-19. Починати се 6 лица, два пациенти од Охрид и по еден пациент од Скопје, Куманово, Прилеп и Гостивар. Пациентите се починати во болнички услови.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 1731 оздравени пациенти. Досега во земјата се направени вкупно 442.600 тестирања на Ковид -19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 90654, бројката на оздравени пациенти е 78154, на починати е 2785, а бројот на активни случаи изнесува 9715.

Русија ги обвини САД за мешање во внатрешните работи

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков денеска ги обвини САД за мешање во руските внатрешни работи, откако американските власти упатија критика за полициската акција против демонстрантите кои бараа ослободување на опозицискиот политичар, Алексеј Навални.

Изјавата на Песков доаѓа по претходните забелешки од руското министерството за надворешни работи, кое тврди дека амбасадата на САД се обидела да ги охрабри демонстрантите објавувајќи предупредување за Американците за локацијата на протестот во Москва.

Нема индикации дека САД имале каква било улога во вчерашните протести кои беа најголеми во Русија во последните неколку години. Десетици илјади луѓе излегоа на улиците во Москва, Санкт Петербург и другите поголеми градови за поддршка на Навални, кој беше затворен пред една недела откако се врати во Русија по неговото закрепнување во Германија од труење од воен нервен агенс.

„Се разбира, овие публикации се несоодветни“. И, се разбира индиректно, тие се апсолутно мешање во нашите внатрешни работи“, рече Песков.

Пред протестите, американската амбасада објави рутинска тревога на нејзината веб страна, како предупредување до граѓаните на САД за потенцијална опасност од немири. Руското Министерство за надворешни работи тврди дека тоа претставува поддршка за протестите.

Димитров и Османи утре во посета на Брисел

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров со знамето на ЕУ.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, од утре ќе престојуваат во работна посета на Брисел, каде ќе остварат средба со Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земјата претседавач со Советот на ЕУ.

Во рамки на посетата, како што соопштија од Владата, предвидени се средби и со претставници на институциите на ЕУ, а на маргините на Советот за надворешни работи на ЕУ, кој се одржува истиот ден, планирани се и билатерални средби со повеќе министри за надворешни работи на земји членки на ЕУ.

Самарас: Договорот од Преспа неподнослива национална штета

Андонис Самарас

Поранешниот грчки премиер, а сега пратеник од Нова демократија, Андонис Самарас во интервју за „Катимерини” изјави дека проблемот со Договорот од Преспа не се решил, туку се трансформирал во друг, поопасен проблем кој ги инволвира и Бугарија и Албанија и Косово. Потоа, според него, навлегувањето на Турција во регионот, не било прекинато по договорот, туку се зајакнало.

„И на крај, земјите кои нѐ притискаа да отстапиме пред Скопје, кога дојде време да се справиме со провокациите на Турција, не ја поддржаа Грција“, посочува Самарас во интервјуто, додавајќи дека некои продолжиле да ја опремуваат Турција, а земјите што сега отворено ја поддржуваат Грција, како што е Франција на пример, не ја поддржале силно интеграцијата на Скопје во Европа.

„Според тоа, ниту проблемот се реши, ниту Грција виде нешто добро. Само неподнослива национална штета, давајќи име, идентитет и јазик“, коментира Самарас во однос на тоа каков ќе биде неговиот став кога трите меморандуми со Северна Македонија ќе дојдат за ратификација во Парламентот. Тој порача дека од тие причини нема да гласа за меморандумите.

Американските пратеници бараат нови санкции за Русија ако продолжат казните за РСЕ

Седиштето на РСЕ во Прага.

Американските законодавци повикаа на нови санкции против Русија, доколку Кремљ се обиде да воведе строги ограничувања и казни со кои се загрозува известувањето на Радио Слободна Европа во земјата. Во писмото на републиканците и демократите се повикува администрацијата на претседателот Џо Бајден да стори повеќе и за зајакнување на операциите на РСЕ во Белорусија, што беше оптоварено со повеќемесечни антивладини протести по повторниот избор на Александар Лукашенко за претседател во август, минатата година.

Рускиот регулатор на медиуми „Роскомнадзор“ објави овој месец дека изрекува стотици илјади долари казни за работењето на РСЕ во Русија, обвинувајќи дека медиумската куќа не ги почитува новите ограничувања според законот за „странски агенти“ во земјата.

Меѓу другото, законот предвидува одредени новински организации кои добиваат странски средства во Русија да обележат дека објавената содржината е креирана од „странски агенти“. Законот исто така ги става на ризик новинарите на РСЕ од кривично гонење.

„Ако Москва продолжи со овие активности, тогаш ние сме подготвени да работиме со вашата администрација за да размислиме за користење на постојните закони на САД за казнување на Русија“, се вели во писмото, потпишано од Грег Мекс и Мајкл МекКол, претставници на демократите и републиканците во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом.

РСЕ е независна непрофитна корпорација која добива средства од Конгресот на САД, а казните што се зголемуваат потенцијално може да ја принудат да го затвори својот сервис во Русија. Руските регулатори го издвоија РСЕ, чија уредничка независност е заведена и во американскиот закон, во однос на другите операции на странски вести во Русија.

Брнз: Законот за попис е важен чекор

Американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мери Брнз

Амбасадорката на САД во Скопје, Кејт Мари Брнз во интервју за Гласот на Америка изјави дека е многу среќна што Законот за попис поминал во Парламентот, особено бидејќи добил поддршка од два опозициони партнери и владината коалиција.

„Ова е важен чекор. Северна Македонија немала попис речиси 20 години, а тоа се одрази врз процесот на водење на политиките, бидејќи точните податоци за населението се важен дел во планирање на иднината. Очекуваме дека Владата ќе осигура пописот да го направат професионалци, што ќе обезбеди информации кои ќе ѝ помогнат на државата во однос на иднината“, истакнува Брнз.

Таа додава и дека САД се разочарани од ветото на Бугарија поради бројни причини, а пред се затоа што веруваат дека Северна Македонија била подготвена да го почне процесот на отворање и затворање на поглавјата со ЕУ. Според неа, ветото носи ризик не само за Северна Македонија, туку и за ЕУ, како и за прашањата поврзани со процесот на проширување во целина.

„Важно е билатералните разговори да продолжат во некоја форма, а мислам дека тоа го препознаваат двете страни. Се надевам дека тие дискусии ќе продолжат на конструктивен начин и на соодветен начин за двете држави, и во инетрес на двете држави“, порачува Брнз.

Новиот вид на коронавирус регистриран во Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека новиот вид на коронавирус, кој првпат се појави во Велика Британија бил регистриран во земјата.

„Патничка од Лондон, која беше негативна на ПЦР-тестот, го донесе тој вид, нејзиниот сопруг имаше сериозни симптоми“, изјави Вучиќ за ТВ Прва додавајќи дека вирусот е откриен на институтот Торлак.

„Ги следевме сите контакти, ги изолиравме и денеска можеме со надеж да кажеме дека ќе го спречиме, ако тоа ни се случи, ќе ни биде пекол“, кажа Вучиќ.

Српската министерка за труд, Дарија Кисиќ Тепавќевиќ изјави дека досега се вакцинирани над 172.000 лица во земјата.

Нови 315 пациенти хоспитализирани во ковид центрите

Клиника за инфективни болести, Скопје

Министерството за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 315 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Вкупната бројка, според министерството, на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 604 и има околу 580 празни болнички кревети во ковид центрите.

Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, како што се наведува во соопштението, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG