Достапни линкови

Нова „бомба“ со гласовите на Мицкоски и Милески


Илустрација

На каналот „Рекет“ на мрежата Јутјуб денеска се појави нов аудио материјал во кој, наводно, се слушаат гласовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милески и женски глас за кој дел медиуми јавија дека е на Слободанка Алексовска, државна функционерка во поранешното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и наводно вработена во „Систина“, болница во која дел од сопствеништвото е на Орце Камчев, главниот сведок во случајот „Рекет“.

Гласот за кој се наведува дека е на Мицкоски на снимката се слуша како вели:

„Ние Зоки се договараме извесен период да се видиме. Не успеавме да се видиме со него…со избориве почнавме. Па ја откажав, па он нешто погреби-могреби таму не знам имаше, па пак јас откажав и така се некако и не можеме да се видиме, вака, објективно да ти кажам. А, лично сакам да го видам, зашто ми помогнал. Кога ти велам ми помогнал, тоа што беше долгот кај сестра му од претходнициве мои, знаеш ти беше присутен на тој разговор кога рече „Не треба ништо“. Сега мене, јас пред година и пол кога влегов во партијата немав струја, исклучена кабелска“.

Истиот глас на соговорниците им вели дека предметот, без да каже кој, се уште не е завршен. Во тој контекст го споменува Законот за јавно обвинителство.

„Инаку, таму не е решена работата да знаете. Затоа што овој закон, ако помине вака како што мислат да помине за јавно обвинителство, тој предмет не е завршен. Напротив. Да знаете. Единствен којшто се бори во моментов сум јас“, вели гласот кој наводно е Мицкоски.

Законот за јавно обвинителство беше донесен во февруари годинава, по долги преговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ преку кои не се дојде до консензус, па законот беше донесен без гласовите на најголемата опозициска пратеничка група.

Инаку овој аудио материјал е објавен на истиот канал на Јутјуб „Рекет“, каде што и вчера беше објавена снимка. На таа снимка наводно се слуша како Мицкоски му вели на соговорникот дека треба да имаат директна комуникација, а не преку посредници на што Милески му вели дека тој е извршител и дека кога ќе му даде задача тој ќе ја изврши. Мицкоски, како што се слуша во разговорот, му вели на Кичеец дека го имаат сликано како влегува кај бизнисменот Орце Камчев додека бил под ПИ мерки, на што се надоврзува женски глас “кога беше кај нас го имаат сликано како доаѓа“.

Нова снимка на Мицкоски и Кичеец на Јутјуб

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера, по објавувањето на снимката, рече дека нема ништо криминално во објавениот разговор на интернет и дека бил во болницата за да ја посети неговата мајка.

XS
SM
MD
LG