Достапни линкови

Филипче ќе бара разрешување на Зибери


Арбен Зибери, директор на Центарот за јавно здравје

Министерот за здравство, Венко Филипче најави можна смена на директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Арбен Зибери, кој на „Фејсбук“ објави дека како член на Комисијата за заразни болести, дал придонес за отворање на границите, со цел, граѓаните да дојдат и да гласаат за Албанец да биде избран за премиер.

На денешната прес конференција Филипче ваквиот повик на Зибери го нарече евтина и лоша предизборна реторика.

„Директорот Зибери не е член на Комисијата за заразни болести. Ова сметам дека е некаква предизборна реторика, евтина и лоша. И со оваа изјава, директорот нема да добие ништо. Целиот овој изминат период Комисијата работи врз основа на медицински индикатори, на медицината како наука, на епидемиологијата. Сметам дека ваква изјава не доликува на доктор, посебно на еден човек кој раководи една таква институција. Јас уште денеска ќе се консултирам со правниците и доколку во овој период може, директорот денес ќе биде сменет“, рече Филипче.

Зибери пак, на социјалните мрежи објави повик за иселениците, на кои им порача дека можат да дојдат дома без тестови и изолација, благодарение на неговиот придонес, како и придонесот на ДУИ.

На крајот од објавата, Зибери напиша: „Зошто да не, дојдете дома за Албанец премиер“.

XS
SM
MD
LG