Вести
Отворање на границите на 26 јуни без ПЦР тестови
Во петок на 26 јуни 2020 година целосно ќе бидат отворени сите гранични премини за непречано движење на патници и возила, без приложување на ПЦР тестови и без упатување на домашна изолација или спроведување на задолжителен државен карантин, соопшти денеска на социјалната мрежа Фејсбук техничкиот премиер Оливер Спасовски наведувајќи дека ваква одлука донела Владата врз основа на препораки на Комисијата за заразни болести.
„Владата денеска донесе одлука од 1 јули 2020 година да бидат отворени за сообраќај и Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид“, наведува Спасовски.
Протоколите строги, хотелите подготвени, а гости?
Исто така, вели тој, Владата донесе одлука за укинување на забраната за организиран превоз, која исто така стартува од 26 јуни, но и угостителските објекти да можат да работат и во внатрешноста на објектите преку соодветен протокол за работа. Од истиот датум се дозволува да работат и теретаните, додека моловите ќе можат да работат и во неделите, вели Спасовски.
Тој додава дека за сите одлуки до петок ќе бидат подготвени протоколи кои ќе бидат задолжителни за сите економски оператори.
Мерките за затворање на границите и останатите забрани во С. Македонија беа воведени на почетокот на март, по избувнувањето на здравствената криза предизвикана од ширењето на новиот коронавирус.
види ги сите денешни вести
Инциденти на блокадите поради несреќата во Нови Сад, повредени музичари на белградската филхармонија
Акцијата „Запри Србија“, со која се оддава почит на жртвите од падот на настрешницата од Железничката станица во Нови Сад и се повикува на кривично гонење на одговорните, беше организирана на 6 декември на повеќе локации во градовите низ Србија.
Акцијата ја одбележаа неколку инциденти. Четворица музичари на белградската филхармонија, кои се приклучија на една од блокадите, беа повредени кога автомобил налета на групата граѓани кои стоеја во центарот на Белград.
Групи српски граѓани, активисти, студенти и претставници на опозицијата со недели организираат 15-минутна тивка улична блокада секој петок, почнувајќи од 11:52 часот, времето кога се случи трагедијата во Нови Сад на 1 ноември.
Четворица повредени музичари на белградската филхармонија се пренесени во Ургентниот центар, откако автомобил налета на блокадата на улицата Узун-Мирко.
Филхармонијата најостро го осуди чинот на насилство врз музичарите при изразување на нивното лично граѓанско мислење и ги повика органите на прогонот да направат се што е во нивна моќ во врска со инцидентот.
Истовремено, дел од вработените во Народниот театар блокираа дел од улицата „Француска“ во центарот на главниот град. Таму немаше никакви инциденти.
Како што неофицијално дознава Радио Слободна Европа (РСЕ), членовите на ансамблот на Народниот театар се вратиле по акцијата „Запри Србија“ за да ја продолжат пробата, но таа била прекината по веста дека се повредени нивни колеги од Белградската филхармонија.
Точно во 11 часот и 52 минути пред зградата на Ректорот во Белград се собраа и студенти од повеќе факултети за уште еднаш, со молчење, да им оддадат почит на загинатите при падот на настрешницата.
На почетокот еден од учениците ги прочита имињата на жртвите. Акцијата „15 минути молк“ симболично ги претставува 15 жртви, а Студентскиот плоштад е една од локациите во Белград каде се организира акцијата „Запри Србија“.
Група студенти и граѓани го блокираа сообраќајот и на раскрсницата на Булеварот „Кралот Александар и улицата Белградска.
Дел од студентите се собраа на булеварот на ослободувањето кај Националната библиотека на Србија. Откако го блокираа сообраќајот со 15 минути во тишина, тие се разделија со краток аплауз.
Граѓанската иницијатива „Мостот останува“ организираше 15-минутна акција на стоење пред зградата на Радио телевизија на Србија. Претставникот на оваа иницијатива Ѓорѓе Микетиќ рече дека насобраните сакале да укажат на, како што рече, молкот на јавниот медиумски сервис кој бараат барем симболично да ја прекине програмата во 11:52 часот.
Српската листа ќе учествува на косовските избори во февруари
Српската листа најави дека ќе учествува на косовските избори на 9 февруари следната година.
Ваквата одлука следи еден ден откако, како што се наведува, претседателот на Собранието на Косово „ги спречи пратениците на Српската листа да учествуваат во работата на Собранието. Тие тоа го нарекоа „срамен инцидент и кршење на законот, човековите и политичките права на Србите, загарантирани со меѓународните прописи“.
Членовите на Српската листа, која од ноември 2022 година ги бојкотира седниците на Собранието на Косово, еднаш на шест месеци се појавуваат во Собранието за да го задржат мандатот и да обезбедат продолжување на нивните плати.
Во четвртокот, на 5 декември, пратениците од владејачката партија Движење Самоопределување, како и претседателот на Собранието Глаук Коњуфца, ги спречија да влезат во Собранието, обвинувајќи ги за злоупотреба на народните пари.
Меѓународните претставници на Косово биле повикани од страна на Српската листа затоа што „молчат за тоа“, а како што велат од таа партија, на сите состаноци им било „барано да учествуваат на изборите и во работата на институциите“.
„Тие молчат кога претседателот на Собранието ги исфрла од парламентот демократски избраните претставници на српскиот народ, покажувајќи на тој начин највисоко ниво на лицемерие и недоследност“, се вели во соопштението на Српска листа објавено на Фејсбук.
Оваа водечка српска партија на Косово тврди дека тие „никогаш не биле посилни“ и дека како такви на изборите „ќе ги освојат сите десет мандати наменети за српскиот народ и ќе го зачуваат единството и хармонијата на српскиот народ на овие простори“.
До објавувањето во петокот, не беше сосема јасно дали Српската листа - која ја ужива поддршката на официјален Белград - ќе учествува на изборите, иако нејзиниот лидер Златан Елек го најави своето учество минатиот месец.
Во сегашниот состав на косовското Собрание, девет од десет загарантирани места за српската заедница припаѓаат на Српската листа.
Нејзините пратеници не учествуваат на седниците, поради „стратешка акција“ - како што го опишаа бојкотот на косовските институции - туку се појавуваат еднаш на секои шест месеци, за да не ги загубат мандатите.
Пратениците на Српската листа се до инцидентот во четвртокот беа регистрирани без проблеми во Собранието.
Демократскиот институт на Косово во четвртокот оцени дека претседателот Коњуфца и пратениците од парламентарното мнозинство незаконски ги спречиле членовите на Српската листа да учествуваат на собраниската седница.
„Иако Српската листа ја бојкотира работата на Собранието од 2022 година, а тие се појавија во Собранието само за да избегнат завршување на мандатот, попречувањето на нивното присуство на денешната седница претставува кршење на уставниот мандат на пратениците“, соопшти Институтот кој додава дека континуирано ја критикува Српската листа поради тоа што не учествува во работата на Собранието.
Членови на обезбедувањето на Гаши повредени во сообраќајка на патот Охрид-Кичево
Тројца припадници на обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, се повредени во сообраќајна несреќа на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на селото Ново Село. Сите се во стабилна здравствена состојба, но ќе останат под лекарски надзор во болница како мерка на претпазливост.
Претседателот Гаши го потврди инцидентот за време на посетата на пратеничките канцеларии во Охрид, нагласувајќи дека тројцата полициски службеници се подложени на неопходни медицински прегледи и се надвор од животна опасност.
„Веднаш ги посетивме во болницата. Докторите потврдија дека нема сериозни повреди, но ќе останат на опсервација за секој случај. Најважно е што сите тројца се во ред,“ изјави Гаши.
Тој ја искористи ситуацијата за да испрати порака до изведувачите на автопатот Кичево-Охрид, повикувајќи на интензивирање на градежните активности. „Ова е уште еден потсетник за сите нас. Лошата состојба на патиштата го загрозува секој граѓанин. Посакувам брзо закрепнување на повредените и апелирам за побезбедна инфраструктура,“ додаде тој.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека несреќата се случила околу 10:45 часот, кога возило „Сеат Алтеа“, управувано од полициски службеник и сопственост на Министерството, излетало од патот. Во возилото биле тројца полициски службеници, кои сите се здобиле со полесни повреди.
Сириските бунтовници напредуваат кон Хомс, додека илјадници бегаат
Руските сили бомбардираа клучен мост и автопат за да се обидат да го забават забрзаното напредување на бунтовниците кон сирискиот град Хомс, додека илјадници луѓе ја напуштија областа.
Набљудувачката група на Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија соопшти дека цивилите бегаат од Хомс кон медитеранските крајбрежни региони Латакија и Тартус, како и кон владините упоришта и локациите на руските воздушни и поморски бази.
Обединетите нации на 6 декември соопштија дека речиси 300.000 луѓе во Сирија веќе се раселени од крајот на ноември поради борбите и дека до 1,5 милиони би можеле да бидат принудени да избегаат, додека бунтовниците напредуваат и им нанесуваат загуби на силите на претседателот на земјата Башар ал-Асад, како и неговите сојузници Русија и Иран.
Асад се потпира на Иран и Русија за да останат на власт од избувнувањето на конфликтот во 2011 година до сега.
Ројтерс цитираше офицер на сириската армија дека во текот на ноќта руските бомбардирања го уништиле мостот Растан долж клучниот автопат М5 што го поврзува Хомс со Хама, уште еден град заземен од бунтовниците еден ден претходно.
Бунтовниците, предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), постигнаа голем напредок во изминатите неколку дена, вклучувајќи го и освојувањето на Алепо, најголемиот град во земјата, како и 14 централни села и градови, и стигнаа до 35 километри од руската аеродромска база Хмеимим.
САД, Велика Британија, Канада и Европската унија ја сметаат ХТС за терористичка група.
Хама, четвртиот по големина град во Сирија, е клучен за одбраната на Дамаск и порта кон крајбрежните градови Тартус и Латакија, каде се наоѓа стратешката руска поморска база.
Во своето прво интервју за медиумите по неколку години, Абу Мухамед ал-Џулани, водачот на групата, за Си-Ен-Ен изјави дека целта „останува соборувањето на режимот на Башар ал-Асад:
„наше право е да ги искористиме сите расположливи средства за да ја постигнеме таа цел“, рече тој.
Покрај ХТС, меѓу бунтовниците се вклучени и групи на сириски милиции поддржани од Турција наречени Сириска национална армија.
Министрите за надворешни работи на Ирак, Сирија и Иран требаше да се сретнат на 6 декември за да разговараат за ситуацијата, додека портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова рече дека највисоките дипломати од Москва, Техеран и Анкара ќе се сретнат во Катар на 7 декември.
Државната новинска агенција ТАСС на 6 декември објави дека руската амбасада во Сирија ги повикала руските граѓани да ја напуштат земјата поради ситуацијата.
ССМ бара минималец од 450 евра, за работодавачите е неприфатливо паушално зголемување
На денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, изрази оптимизам за зголемување на минималната плата на 450 евра, истакнувајќи дека растот на платите е неопходен поради нискиот животен стандард и трендот на иселување.
„Аргументите за нискиот стандард и зголемените плати во регионот ни даваат надеж дека ќе најдеме решение во наредните денови,“ рече Трендафилов. Тој додаде дека охрабрува ветувањето за следни средби и зголемени средства за плати во Буџетот за 2025 година.
Трендафилов повика работодавачите да го легализираат плаќањето „на рака“, кое според него е честа пракса, и истакна дека ваквото зголемување нема да претставува финансиски товар, бидејќи ќе се усклади со растот на јавните плати.
Од друга страна, претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајкоска, предупреди дека минималната плата не може да се зголеми без анализа.
„Постојат законски параметри кои мора да се почитуваат,“ нагласи Трајкоска, додавајќи дека на седницата се разгледувал Буџетот за 2025 година, како и прашањето за платите во јавната администрација.
Според ССМ, доколку минималната плата се зголеми, околу 30.000 работници би излегле од категоријата на најниски примања, додека работодавачите остануваат резервирани кон „паушални“ промени.
За зголемувањето на минималната плата зборуваше и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека Владата „е тука да фасилитира, а не да одлучува.“
„Се што ќе договорат работодавачите и работниците, ние како Влада ќе го прифатиме“, истакна Мицкоски.
Според него, во Буџетот се предвидени средства согласно законските усогласувања, но секогаш има ребаланс и може да се направи распределба.
„Од страна на Владата не е проблем, ние ќе имаме приходи. Зголемувањето на минималната плата ќе биде на товар на работодавачите, тие ќе треба да уплатат повеќе во Буџетот. Проблемот е дали тие можат тоа да си го дозволат, дали можат да го напарават, дали можеби потоа ќе има други трикови, пола-пола, „еви ти пола на рака“,... Но, тоа е друга тема“, истакна Мицкоски.
ЕУ ќе ја почне подготовката на пристапниот договор со Црна Гора ако земјата го задржи темпото на реформи
Советот на Европската унија (ЕУ) е подготвен да ги започне подготовките за изготвување на пристапниот договор со Црна Гора, под услов Црна Гора да одржува постојан реформски напредок и да ги спроведе потребните реформи.
Тоа ќе го потврдат и министрите одговорни за европски прашања преку заклучоците што ќе ги донесат на средбата на 17 декември. Радио Слободна Европа (РСЕ) има пристап до нацртот на овие заклучоци.
Преку своите заклучоци, Советот на ЕУ особено ќе ја пофали Црна Гора за исполнувањето на привремените критериуми од поглавјата 23 и 24 за владеење на правото.
Како што е наведено во нацрт-заклучоците, позитивниот ИБАР за Црна Гора е „важна пресвртница што го означува почетокот на новата и последна фаза во пристапните преговори“.
По неколку години стагнација, Црна Гора во јуни годинава ги одмрзна пристапните преговори со Европската унија.
Сега Црна Гора е во процес на затворање на сите поглавја од преговорите, со амбиција до крајот на 2026 година да го заврши процесот, со цел до крајот на оваа деценија да стане полноправна членка на ЕУ.
Инаку, Европската унија вообичаено почнува да работи на нацрт-пристапниот договор со земја-кандидат откако во голема мера ќе завршат пристапните преговори.
Ова обично се случува откако Европската комисија и земјата-кандидат ќе постигнат консензус дека земјата е задоволително усогласена со правото на ЕУ и ги исполнила потребните политички, економски и административни услови.
Уличен перформанс во Белград по повод Денот против фемицидот
Осум од седумнаесет жени убиени во семејно-партнерска врска во Србија во 2024 година го пријавиле насилството во институциите.
Ова е загрижувачка информација, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) Вања Мачановиќ од Автономниот женски центар (АЖЦ) по повод Меѓународниот ден против фемицидот кој се одбележува на 6 декември.
Оваа невладина организација, Жени во црно и активисти од Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Северна Македонија ја организираа уличната акција „#Стоп за убиствата на жените!“ во центарот на Белград.
Иако АЖК се согласува дека е неопходно да се изменат одредбите од Законот за кривична постапка, сепак сметаат дека начинот на кој Работната група на Министерството за правда го предложила не е соодветен.
Како што наведуваат во соопштението, измените „го уриваат постигнатото ниво на права на особено чувствителните жртви и сведоци во кривичната постапка, со тоа што на осомничените им се дава право на жалба за утврдување на статусот на особено чувствителен сведок, со воведување ограничувања во однос на утврдувањето на мерки со кои се забранува пристап и контакт и со давање право на уапсените лица непречено да комуницираат со членовите на нивните семејства дури и кога тие членови на семејството биле повредени со кривично дело“.
Вања Мачановиќ вели дека аргументот за промена на Законот е дека жртвите ќе добијат поголеми права.
„Но, од наша гледна точка, правата што ги дадоа се повеќе од козметичка природа“, објаснува таа, додавајќи дека со предложените измени ќе се урнат постојните права.
Најмалку 17 жени биле убиени во семејно-партнерска врска во Србија во текот на 2024 година.
Иако оваа бројка е помала во однос на претходната година, АЖК наведува дека загрижува тоа што во половина од случаите на убиства на жени, сторителите на насилство биле претходно пријавени за насилство.
Најмалку тројца од сторителите се претходно осудени за семејно насилство, односно убиство во обид“, се наведува во соопштението на ЗСК.
Тие додаваат дека жените постари од 46 години сè уште се изложени на ризик да бидат убиени, а најголем број жени се убиени од нивните сегашни и поранешни сопрузи или партнери.
Романскиот суд ги поништи претседателските избори поради обвинувањата за руско мешање
Уставниот суд на Романија одлучи да ги поништи претседателските избори, чиј втор круг требаше да се одржи викендов, и да се одржи нов.
Судот донесе одлука на 6 декември, велејќи дека владата сега мора да одлучи кога ќе одржи нови избори.
Победата во првиот круг на кандидатот од крајната десница Калин Георгеску кој е наклонет кон Русија предизвика шок низ Западот, поради доказите за масовна сајбер кампања на ТикТок
оркестрирана од Москва во негова корист, а која во голема мера помина под радарот на романските власти.
Георгеску требаше да се соочи со проевропската центристичка кандидатка Елена Ласкони во вториот круг, закажан за 8 декември.
Во странство веќе почна гласањето на вториот круг од романските претседателски избори, кои се сметаат за референдум за идниот курс на оваа членка на НАТО и Европската унија (ЕУ).
Сето тоа се случува среде обвинувањата за руско мешање во изборите, поради што илјадници Романци излегоа на улиците во поддршка на останувањето на земјата во евроатлантската заедница.
Околу 3000 луѓе маршираа во Букурешт вечерта на 5 декември барајќи Романија да го задржи проевропскиот пат пред вториот круг што ќе одлучи дали екстремно десничарскиот проруски кандидат ќе стане следниот претседател на земјата.
Седницата на Уставен суд за Законот за употреба на јазиците на 11 декември
Откако ја закажа седницата на која ќе се дискутира за Законот за употреба на јазиците за 11 декември, Уставниот суд десеска соопшти дека нема да ги коментира ставовите во јавноста кои доаѓаат главно од полтитичките партии.
Во пресрет на седницата следната недела, Демократската унија за интеграција (ДУИ) на 6 декември излезе со предупредување дека укинување на која било одредба од Законот за употреба на јазиците не е само правен чин, туку директен удар врз стабилноста и мирот на државата.
„Овој закон е производ на сложен компромис, постигнат по години на макотрпни преговори и претставува темел на меѓуетничката еднаквост и взаемната почит. Одлука која би го загрозила овој закон би претставувала тешко кршење на Охридскиот договор и враќање назад кон неизвесна и нестабилна иднина“, наведуваат од ДУИ во соопштението.
Од партијата упатија апел до граѓаните, политичките лидери и меѓународната заедница веднаш да дејствуваат за, како што посочуваат, да го спречат овој чин кој ја загрозува стабилноста на земјата и регионот.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека не постои опасност по безбедноста на државата и покрај ставот на ДУИ ддека „Законот е производ на комплициран компромис, постигнат по долгогодишни напорни преговори“.
„Да почекаме, да дојде 11 декември, да видиме како сето ова ќе се развива и еволуира. Вашата загриженост е на место зашто судиите избрани од ДУИ и СДСМ сега се напаѓани од истата таа ДУИ, а кога станува збор за заштита на криминалците кои правеле криминал тогаш истите овие обвинители и судии се во нивна одбрана. Малку чудно е ова ама ќе видиме, времето ќе покаже“, рече Мицкоски.
Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, оформен е во 2019 година, а стана актуелен есенва по забелешките на Венецијанската комисија.
Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението „Светски македонски конгрес“, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазескии, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во интервју за МИА рече дека со Законот за јазиците политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултира со политички хаос, недоверба и дилеми.
„Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег, не за мудра, туку да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука. Што би можело да се одлучи, не знам и не можам да знам и нема да коментирам“, рече Костадиновски.
Костадиновски вели и дека е можно да се искористи алатка од новиот Акт на Уставниот суд, односно судиите да изразат сомнеж за уставноста на законот и да го пратат во Собранието на доработка.
Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи вчера на конференцијата на „Пријатели на Европа“ во Брисел најави дека судиите надвор од мнозинската заедници во Северна Македонија нема да присуствуваат на седницата на Уставниот суд на која треба да се расправа за уставноста на Законот за употреба на јазиците.
Според него, во Северна Македонија дел од законите се носат по принципот на двојно Бадинтерово мнозинство, но според неговата оценка, Уставниот суд неколкупати се ставил во улога да одлучува за политички прашања и има моќ да го урне Законот за употреба на јазиците.
„Во тој поглед очекуваме тешкотии за Законот за употребата на јазиците кој беше оспоруван во осумдесетите во Македонија и ќе видиме што ќе излезе сега од тоа, рече Фетаи и додаде дека неговата последна информација е дека судиите надвор од мнозинската заедница нема да присуствуваат на седницата“, рече Фетаи.
Според потпретседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, јавноста дискутира за Законот за употреба на јазиците поради нецелосните решенија и досегашните политики што ги водела Демократската унија за интеграција.
„Сега се соочуваат со одговорноста, и пред одговорноста им треба магла, им треба дестабилизација. Но, ако во државата некој нема право за ова прашање, тоа е ДУИ. Заради нивните половични, нецелосни решенија дадоа можност некој денес да се занимава со ова прашање. Ова прашање да беше апсолвирано како што треба, да имаше закон за албанскиот јазик по сите теркови, денес немаше да биде тема на дискусија. Тема на дискусија е заради половичните и нецелосните решенија токму на ДУИ“, рече Меџити.
Според него, ова е чувствително прашање и треба разумно да се пристапи, по одлуката на Уставниот суд да расправа по Законот за употреба на јазиците.
- Ја повикувам јавноста, сите значи, ова е чувствително прашање. Рамковниот договор е дел од уставниот поредок на Република Македонија. Врз основа на Рамковниот договор и сите тие кои посакуваат добро на државата, на меѓуетничките односи, стабилноста треба разумно да пристапиме кон овој договор“, рече Меџити.
Косовскиот државјанин Незир Мехметај осуден во Србија за воени злосторства на Косово
Косовскиот државјанин Незир Мехметај на 6 декември во Вишиот суд во Белград беше осуден на шест години затвор за воено злосторство врз цивилното население во селото Рудице во Косово во 1999 година.
Судот наведе дека е утврдено дека Мехметај во јуни 1999 година учествувал во киднапирањето на цивил од ромска националност, Џелаи Рамадан, чии останки сè уште не се пронајдени.
Според судот, тој бил придружуван од други припадници на Ослободителната војска на Косово.
Во пресудата се наведува и дека Мехметај бил припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и дека во тоа време се движел низ селото во униформа на ОВК.
За овој случај, како што се наведува, исказ дале девет сведоци, а двајца од нив биле присутни во селото Рудице.
Во обвинението беше наведено дека Мехметај учествувал во убиството на петте членови на семејството Дашиќ во средината на јуни 1999 година, а на крајот на месецот во убиството на Јелај Рамадан и Зорка Шиљаковиќ.
Судот наведе дека не е докажано неговото учество во убиството на членовите на семејството Дашиќ и Зорка Шиљаковиќ, како ни тоа дека Мехметај учествувал во грабежот и палењето на десет куќи во селото што им припаѓале на неалбанци во јули 1999 година.
Адвокатот на Незир Мехметај, Милиќ Константиновиќ, за Радио Слободна Европа изјави дека тој ќе продолжи да се бори и дека нема релевантни докази за ниту една точка на обвинението.
Тој наведува дека судот не ги прифатил доказите што ги понудиле дека Мехметај во тоа време не бил во селото Рудице, туку во Швајцарија.
„Судот очигледно ја засновал својата одлука на исказот на заштитен сведок кој дал многу контроверзна изјава во обвинителството. Се работи за лице кое во моментот на инцидентот имало 14 години“, вели Константиновиќ.
Константиновиќ вели дека во текот на судењето одбраната нагласила дека е обвинет за дела по јуни 1999 година, кога заврши војната.
На 9 јуни 1999 година беше потпишан Кумановскиот договор со кој заврши бомбардирањето на тогашната Сојузна Република Југославија (СРЈ), по што припадниците на југословенската армија и српската полиција го напуштија Косово, а на територијата влегоа војниците на НАТО.
Во пресудата судот наведува дека фактичката состојба во селото Рудице била таква што вооружениот конфликт се уште траел, како и дека „се користела ситуацијата на повлекување на силите на СРЈ“.
Константиновиќ смета дека обвинителството тоа не го докажало.
На 4 јануари 2020 година, Незир Мехметај беше уапсен од српската полиција на преминот Мердаре, меѓу Косово и Србија, по потерница распишана од српското правосудство. Оттогаш тој е во притвор во Белград.
Обвинителството за воени злосторства во Белград го поднесе обвинението на 30 јуни 2020 година.
Вишиот суд во својата пресуда наведе дека во казната е вклучено и времето поминато на Мехметај во притвор.
За оваа пресуда е дозволено право на жалба до Апелациониот суд во Белград.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете