Достапни линкови

Караџовски- бројката на заболени е поради непочитување на мерките


Архивска фотографија- Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски смета дека зголемувањето на бројката на заразени со коронавирусот е резултат на непочитувањето на превентивните мерки, како неносење заштитни маски, непочитување на групирањето, и семејните собирања за ифтарските вечери и Рамазан Бајрам.

„На 25 мај имаше 16 случаи и тогаш започнавме со олабавување на мерките. Тој ден предложивме од утредента намалување на одредени мерки со кои го „ослободивме“ населението од рестрикциите што ги имавме воведено. Меѓутоа, она што се случи по 26 мај, исклучиво согласно епидемиолошките анкети што досега сме ги направиле, се должи на тотално непочитување на одредени превентивни мерки што ги дадовме како препорака од Комисијата за заразни болести и министерот за здравство, а тоа се носење на заштитна маска, спречување на групирање повеќе од две лица што ни се удри како бумеранг заради непочитување на мерките за време на верскиот празник Рамазам Бајрам и ифтарските вечери коишто се случуваа во тој период“, рече Караџовски на денешната прес-конференција во Владата.

Тој додаде дека Комисијата за заразни болести чиј претседател е тој изготвува свои протоколи и ги дава на министерот за здравство на усвојување на Влада. Ние, рече, сме стручно советодавно тело на министерот за здравство додавајќи дека некои од мерките што ги предложиле не биле прифатени од Главниот кризен штаб.

„Ние не сме влада на државава. Ние не сме луѓе коишто се директно инволвирани во донесувањето на одлуките. Главен кризен штаб на оваа држава ги донесува одлуките“, рече тој.

Инаку во последното деноноќие се направени 702 тестирања, а регистрирани се 127 нови случаи на ковид-19 и тоа во Скопје-67, Куманово-1, Дебар-1, Штип-33, Тетово-10, Струга-5, Охрид-6, Кочани-2, Пробиштип-2. Три лица починаа, а регистрирни се 7 оздравени пациенти.

XS
SM
MD
LG