Достапни линкови

Кривични пријави за 22 угостители во туристичките места


Архивска фотографија: Охрид

Инспекторите на Пазарниот инспекторат викендов поднеле 22 кривични пријави за непочитување на владините мерки од страна на сместувачки и угостителски објекти.

Осум кривични пријави се поднесени во Охрид, четири во Струга, пет во Битола, три во Дојран и по една кривична пријава на Пониква и во Маврово.

„Станува збор за кривични пријави поднесени поради прекршувања на забраната за сместување лица во категоризирани објекти, а само една пријава е за пречекорување на работно време и две кривични за прекршување на Протоколот 8 (повеќе гости на терасите, непочитување растојание или гостите се во внатрешниот дел од објектите)“, изјави денеска во Охрид, Мери Проја Продановска од Државниот пазарен инспекторат.

Кога станува збор за недозволено сместување гости во Охрид, викендов инспекторите затекнале само четири такви случаи. Се контролираат исклучиво категоризираните објекти, односно пријавните станоиздавачи, кои остваруваат приходи од сместување туристи.

„Собите и сместувачките објекти ги контролираме во пријавени објекти што имаат решенија за работа. Контролите најчесто го вршиме во попладневните часови после 16 часот, кога на сила е полицискиот час, односно кога сите треба да се таму каде што ќе ноќеваат“, појасни Продановска.

Таа нагласи дека споредено со првите денови на олабавувањето на мерките, економските оператори генерално ги почитуваат мерките, забраните и препораките за работа, односно се придржуваат на определените протоколи за работа.

Продолжениот викенд донесе зголемен број гости во Охрид. Зголемена е раздвиженоста на луѓе по чаршијата, долж Кејот на Охридското Езеро и низ градот, но без позначајна посетеност на угостителските објекти, кафулињата и рестораните. Дури и со намален ограничен капацитет на столици, кафулињата во градот не беа полни. Рестораните уште попразни, иако градот бележи зголемен прилив на гости од другите градови.

XS
SM
MD
LG