Достапни линкови

Училишните спортски сали - половично успешен проект


Архивска фотографија, поранешниот премиер Никола Груевски на отворање на спортска сала во 2010 година
Архивска фотографија, поранешниот премиер Никола Груевски на отворање на спортска сала во 2010 година

Министерствата за образование и за финансии, како и изведувачот на изградбата на проектот за новите спортски сали, се виновни за доцнењето и половичноста на проектот, покажува извештајот на државниот ревизор. На потег е обвинителството, велат поранешни антикорупционери.

Изградбата на училишни спортски сали, проект кој минатата власт го започна во 2009 година, државниот ревизор го оценува како половично спроведен. По 10 години откако е започнат проектот до лани според ревизијата на успешност се завршени само 52 проценти од планираното, односно изградени се 76 од вкупно 145-те планирани. Роковите за изградба кои во проектот биле предвидени да траат 3 години се оддолговлекуваат и до 10 години.

Кој е виновен за неспроведувањето во целост на проектот ?

Една од причините за тоа што Министерството за финансии правело проблеми при исплатата со тоа што го намалува буџетот на Министерството за образование. Потоа што министерството за образование не вршело надзор ниту пак има увид во наменското и законското користење на салите кои се во негова ингеренција. Координативното тело кое било задолжено да ја следи реализацијата на проектот не функционира, забележува ревизорот. А дополнително проблем биле и изведувачите на проектите поради тоа што биле неподготвени за работата за која се нафатиле од технички но и од човечки капацитети. Ревизорот забележал дека изведувачот со малку работници на терен и опрема, како и недостаток на високо стручен кадар во градежниот процес довел до голем застој и континуирано надминување на рокот на изведба.

Според договорот за јавна набавка објавена на Бирото за јавни набавки, кој го склучил Министерството за образование, изведувач на тендерот за изградба на 145 училишни спортски сали е Гранит АД, а вредноста на првичниот договор изнесува 69 милиони евра. Но, во меѓувреме дел од товарот преземаат и општините па и тие со неколку фирми склучувале договори за реновирање училишни згради и спортски сали во вредност од неколку илјади па се до стотици илјади евра. Дополнително за оваа цел биле собирани и донации.

Во изминатава недела Државниот завод за ревизија објави неколку извештаи и во кои во дел од институциите се евидентирани прекршувања на законите, злоупотреби на државни пари и невнимателност со трошењето на државните пари. Во ваква ситуација на потег е обвинителството велат поранешните антикорупционери. Поранешниот антикорупционер Драган Малиновски вели дека состојбата со трошењето на буџетските пари од институциите и тоа кога државниот завод за ревизија ќе го констатира дека тоа се прави на незаконит начин е состојба која ни се провлекува премногугодини наназад и никако да извлечеме поука што треба да правиме.

„Ќе мора Јавното обвинителство овие извештаи од државниот завод за ревизија да ги стави во приоритет и да им даде поголема тежина, бидејќи навистина станува збор за трошења а би рекол и злоупотреба на огромни буџетски средства“ вели Малиновски.

Договорите за изведба на градбите 145 училишни спортски сали не соодветствуваат со тендерската документација, со што постапката за јавна набавка не обезбедила ефикасен избор на изведувач и запазување на условите во тендерската документација,се вели во извештајот.

Основниот проект предвидувал изградба на 112 нови сали за физичко во основните училишта, потоа изградба на 108 нови основни училишта во рурални подрачја, изградба на 8 основни и 7 средни училишта и околу 360 реконструкции на основни и средни училишта. Во првиот дел од проектот, за изградбата на спортски сали,минатата влада земала заем од Банката за развој при Совет на Европа во вредност од 12, 5 милиони евра а со пари од буџетот учествувала со 1.8 милиони евра. Вториот заем изнесувал 30 милиони евра а пари од буџетот за таа ставка биле планирани 15 милиони евра. Со анекси на договори, изведувачот од предвидените 3 до 36 месеци добил пролонгирање на 9 години со краен рок од 18.03.2018 година.

Немарност покажале и општините. Само 42 проценти од изведените сали биле запишани во јавните книги и биле обезбедени соодветни имотни листови, обврска што ја има секој граѓанин сопственик на имот. Дополнително 79 проценти од завршени сали со одлука на Советот на општина биле предадени на користење и управување на училиштата. Министерството за образование не поседува документација за тоа колку пари завршуваат во општините и училиштата од изнајмување на спортските сали, ниту пак има податоци колку училишта навистина ги изнајмуваат салите на спортски клубови.

Министерството за образование не се согласува со државниот ревизор

Според дописот на Министерството за образование кое годинава го доставиле до Државниот ревизор, проектот дал резултати, односно со изградбата на 76 ( од планираните 146 ) спортски сали се обезбедува инфраструктура за реализација на наставен процес и спортување на учениците.

„Ефектот од секоја изградена спортска сала прес е дека се овозможени услови за реализација на наставни активности и тоа во 76 училишта во кои претходно немало училишна спортска сала, а во фаза на изградбата се училишни спортски сали во 13 училишта“, се вели во одговорот потпишан од министерот за образование Арбер Адеми.

Седум министри за десет години

Ние треба да сфатиме дека трошењето на буџетските пари и одговорноста за нив треба да бидат на дневна основа, и министерствата треба да следат, и институциите да контролираат и да доставуваат извештаи за кога ќе настане затајување веднаш да се реагира, вели Малиновски. Тој објаснува дека со години ни се таложат неправилности па сега огромен предмет ќе се испраќа во Обвинителство. Според него во земјава недостасува систем на превенција од вакви злоупотреби.

Малиновски вели дека кога станува збор за политичка одговорност таа е извесна и неопходна, но малку поинаку е во пракса.

Работите се поставени така да, со години наназад дури ни политичката одговорност не функционира па да не говориме за кривичната“ вели тој.

На министерското столче во изминативе десет години седеа неколкумина, во 2009та година потпис на договорот ставил тогашниот министер од ВМРО-ДПМНЕ Перо Стојановски. По него за оваа функција беше задолежен Никола Тодоров до 2011 година, кога на неговото место дојде Панче Кралев. Во 2013 година за една година го замени Спиро Ристовски. Веќе во 2014 година ова министерство политички им припадна на ДУИ па од нивните редови на функционерското столче седна Абдулаќим Адеми кој во 2016 година накратко беше заменет со Пиштар Љутифи. Со промената на власта првата жена министерка за образование стана Рената Дескоска, но и таа набрзо ја напушти функцијата која ДУИ му ја додели на Арбер Адеми.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG