Достапни линкови

Ревизија во Обвинителство - се доцни со реформите


Ревизијата во Јавното обвинителство ги посочува конкретно слабостите во реформите, односно она во кое е неопходно да се инвестира за да можат обвинителите подобро да си ја вршат работата. Проблемот е што ниту една влада до сега не одвои повеќе пари за обвинителството, велат упатените.

Малку пари за работа, недостиг на обвинители и помошници, недостиг на опрема и простор за сместување се основните причини за лошата состојба во која со години се наоѓаат обвинителствата во Македонија, покажува последниот ревизорски извештај на усогласеност на институционалните јавни обвинителства. Еден од клучните проблеми е тоа што владата секоја година одобрува помалку пари отколку што им се потребни на обвинителствата покажува последниот ревизорски извештај.
Ревизорот утврдува дека разликата меѓу бараните и добиените пари е околу 30 проценти, што значи дека Јавното обвинителство во периодот од 2016 до 2018 година добивало две третини од парите што ги побарале од државниот буџет. Тие пари најчесто се доволни само за плати, па не останува за развој и инвестиција во опрема, покажува извештајот.


Доколку постои волја проблемите кои ги дефинира ревизорот ќе може да се решат, вели поранешниот прв јавен обвинител Јован Трпеновски.

„Прво треба да има волја за да се решат проблемите кои се наталожени веќе 10 до 15 години. Ако постои волја да се решат проблемите со примена на мерит системот, да се почитуваат вредностите, но се додека има влијание од поединци и политички партии, проблемите во Јавното ообвинителство нема да се решат. Верувам дека во Јавното обвинителство има кадар кој сака да се зафати со решавање на суштествените проблеми, од организационен карактер, материјална положба на јавните обвинители и стручноста, но тоа мора да се остави надвор од влијанијата на политиката, “ вели Трпеновски.

Истражните центри на обвинителствата кои се главна алатка за откривање на криминал и корупција во предистражната постапка се уште не функционираат иако беше најавено дека до октомври 2018 година тие требаше да почнат со работа.


Ревизорите препорачуваат Јавното обвинителство да ги забрза мерките што ги презеле и тоа отпочнување со работа на истражните центри, унапредување на системот за електронска распределба на предмети, техничка опременост, како и што е можно побрзо ставање во функција на системот со кој ќе се поврзат сите институции кои се занимаваат со борба против криминалот.

Дополнително на ова се надоврзува и делот од ревизорскиот извештај во кој се посочува дека обезбедените пари за реконструкцијата, оддржувањето и опремувањето на дел од обвинителствата низ земјава се одредуваат без при тоа да има сеопфатна анализа за реалните потреби, барања и приоритети за секое обвинителство одделно.

„Јавното обвинителство во соработка со Министерството за правда да преземат мерки и активности за изработка на анализа за фактичката состојва во сите јавни обвинителства во земјава, врз која ќе треба да изработи програма со дефинирани потреби на секое обвинителство со временски план на реализација“ се вели во препораката на ревизорот.

Обвинителите се уште користат стари компјутери кои не секогаш се компатибилни со модерните системи и програми кои им се потребни за работа, покажала ревизијата.

Професорката Мирјана Најчевска која неодамна го напушти телото за судски реформи, вели дека проблемот во изминативе две години е што не се делува навремено.

„Ненавременото делување, развлекувањето на делувањето, отсуството на пресекување на одредени работи кои уште на почеток беа идентификувани како проблематични е она кое што сега не доведува во мат позиција од која не знам како ќе се извлечеме“, изјави неодамна Најчевска.

Државниот ревизор препорачува Јавното обвинителство во соработка со Советот на јавните обвинители да преземат иницијатива за измени на законот со кои бројот на јавни обвинители инивни помошнициќе се утврдува според анализи кои се однесуваат на вкупен број на нерешени предмети и реалната потреба во обвинителствата.Според ревизорската анализа во обвинителството има само 30 проценти од потребниот број на вработени за да функционираат нормално.

Од извештајот кој ја опфаќа владината стратегија за реформа во правосудниот сектор 2017-2022 година, во 2018 година само две од вкупно 24 предвидени активности се целосно спроведени, додека за десет спроведувањето е во тек, а за 12 е пролонгиран рокот за реализација.

Одговорни за состојбите наведени во последниот ревизорски извештај се поранешниот државен обвинител Марко Зврлевски кој на таа функција беше од 2013 до 2017 година. Потоа неговата заменичка,државната обвинителка Лиљана Спасовска која беше вршителка на должноста неколку месеци до назначување на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Извештајот се однесува на период од 2016 до 2018 година.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG