Достапни линкови

Матурантите без завршница на средното образование


Матурска Парада 2019, Скопје

„Матурски“ мај годинава е откажан. Разговаравме со тројца матуранти од СУГС „Орце Николов“ – Стефан Митиќ, Благоја Насковски и Мила Здравковска. Тројцата жалат што ќе немаат последна поголема дружба како генерација или клас. Веќе од есен, според плановите, Митиќ ќе студира во Абу Даби, Здравковска на Филозофскиот факултет, а Насковски размислува за студии меѓу економија и право.

Традиционално, мај е месец на матури. Учениците кои го завршуваат четиригодишното средношколско образование вообичаено со генерациска, но и семејна прослава го заокружуваат тој дел од својот живот. Матурантите во мај купуваат свечена облека, се збогуваат со врсниците, професорите... Ова искуство за многумина претставува крунисување на средношколските денови, еден од највпечатливиот период во животот. Но, годинашната генерација на матуранти ќе го испуштат тоа искуство поради пандемијата на коронавирусот.

Матуранти - „Не е крајот што го очекувавме“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:36 0:00

„Дефинитивно, има така чувство на недостаток, како нешто што сме пропуштиле, што сме требало да го имаме, дали тоа е самата забава дали тоа е купувањето на облека како симболично преоѓање од млади луѓе во возрасни, во факултетлии... Сметам дека има многу што ќе пропуштиме со матурата, дури и да се одржи некаква верзија на истата... Но, сепак сметам дека е најважно да останеме сите другари, да останеме во контакт и сега моментално најважно да останеме безбедни, да останеме дома согласно мерките за заштита“, вели Мила Здравковска, матурантка во скопската гимназија „Орце Николов“.

Како Здравковска, така и Благоја Насковски, матурант во СУГС „Орце Николов“, вели дека е тажно што нема да прослават, но „во ова време, мислам дека најдобрата опција е да не се слави, за да не се комплицира состојбата“.

Не е крајот кој што го очекував, тоа можам во најмала рака да го кажам и ми фали дружењето. Тоа е најголемиот момент што нема да можам на еден правилен, не знам, вистински начин да се збогувам со сите што ти познавам тука и што ќе не можам да го завршам тој дел од животот на начин на кој што јас сакав“, рече матурантот Стефан Митиќ, кој е исто така ученик во СУГС „Орце Николов“.


13.623 матуранти нема да прослават, нема ниту да полагаат државна матура.

За Здравковска и ова е дел од искуството на заокружување на средното образование.

„Дефинитивно ќе влијае, сметам дека има толку многу што пропуштивме како целата 4-та година како таква не успеавме да ја доживееме дури и работите поврзани со школо, како тестови, целиот тој стрес и тој е значаен дел од средношколското искуство кое сега ние нема да го имаме. Сите ќе кажат професорите, другарите, некоја школска анегдота, јас немам една работа што ми недостига највеќе, туку целото искуство воедно. Како доаѓање во школо секој ден, имање на некаква рутина, одење на кафе со другарките за одмори и меѓу часови, празни часови во кои немаме што да правиме па само седиме тука на клупите или во читалната и едноставно такви мали моменти што тогаш кога ни се случувале не ни значеле нешто посебно, но сега сфаќаме колку ни недостигаат“, вели Здравковска.

На Насковски и Митиќ, ќе им недостасуваат и активностите кои ги правеле во текот на четирите години.

„Како што е организирање на настани за ОрцеТалкс, или пак учествување на Еразмус плус проектите во Велика Британија и тука, каде што менторирав еден проект во просториите на Орце Николов. Исто така ќе ми фали и соработката со средношколскиот весник Медиум и учеството на дебатни национални првенства на Младински образовен форум“, вели Митиќ.

Насковски пак бил дел од драма секцијата во училиштето, дебатер, како и учесник на Еразмус програми.

„За мене средношколските денови претставуваат еден многу убав дел од животот, денови поминати со радост, смеа, дружба, размена на многу искуства, добивање на многу знаења. Јас лично средношколството ќе го паметам како голем дел од мојот живот бидејќи баш во средношколството ги добив моите интелектуални способности“, рече Насковски.


Матурантите велат дека размислуваат за алтернативно и симболично одбележување преку онлајн платформите или пак доколку дозволат условите да ја одбележат матурата во август.

„Идеи што можам да ги поддржам се пример, заедно славење на зум конференција, како што и другите мислат, заедно да се вклучиме и да го прославиме симболично завршниот чин, односно славењето на матурската прослава, има различни идеи за славење на матура, но се уште не сме се добро организирале затоа што се уште не е завршена целата ситуација“ рече Насковски.

XS
SM
MD
LG