Достапни линкови

Реформите во следењето на комуникации поле за политички препирки


Техничкиот премиер Оливер Спасовски тврди дека постапките за следење на комуникациите се одвиваат законски и во согласност со новите реформи, откако претходно денеска техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев обвини дека не се спроведуваат реформите во безбедносните служби. Чулев изјави дека неотстранувањето на посредничката улога на Агенцијата за национална безбедност при следењето на комуникациите, говори дека реформите во безбедносните служби се само замајување на јавноста.

Спасовски пак, смета дека ситуацијата во однос со следењето на комуникација е сосема јасна.

„Ние имаме Оперативна техничка агенција, без којашто нема пристап до Телеком операторите во државата и затоа се направи таа реформа. Агенцијата за национална безбедност има право на следење на комуникации, кои се однесуваат на заштита на уставниот поредок на Република Северна Македонија и заштита од висока корупција и криминал, додека истражните постапки ги водат органите кои се надлежни за водење на истражна постапка, а тоа е Бирото за јавна безбедност, тука е Царинската управа, тука е финансиската полиција. Така да како што е припишано во законот така и треба да се одвиваат сите постапки и сите истраги“, вели Спасовски.

Чулев: АНБ незаконски се уште може технички да прислушува

Министерот Чулев на прес конференцијата на новинарско прашање одговори дека не знае дали можноста за следење на комуникациите е злоупотребена во АНБ, ниту пак прецизираше дали од ваквата поставеност на прислушувањето има штети врз истраги за тешки кривични дела. Тој побара од Јавното обвинителство по допрен глас да истражи кој е одговорен и зошто две години не е воспоставена директна техничка комуникација меѓу Министерството за внатрешни работи и Оперативно-техничката агенција.

XS
SM
MD
LG