Достапни линкови

Кипар ќе ги покрива трошоците за туристите ако се заразат со коронавирус


Архивска фотографија: Туристи на плажа во Аја Напа во југоисточен Кипар

Кипар се обврза да ги покрие сите трошоци на туристите кои за време на одморот ќе бидат тестирани позитивни на коронавирус, пишува во писмото на кипарската влада кое денеска го добила новинската агенција Асошиејтед прес.

Кипарската влада наведува дека ќе ги покрие трошоците за сместување, храна, пијалаци и лекови за заболените од коронавирус и нивните семејства. Пациентите ќе треба да го платат таксито до аеродром и картата за враќање дома.

Болница со 100 кревети ќе биде наменета исклучиво за странски патници позитивни на тестот, а 200 респиратори ќе бидат резервирани за тешко болните. „Карантински хотел“ со 500 соби ќе биде резервиран за членовите на семејствата на пациентите.

Ова писмо е упатено до владите, авиокомпаниите и туристичките оператори, а содржи стриктни здравствени и хигиенски протоколи кои владата ги усвоила за да провлече туристи.

Туризмот е 13 отсто од кипарската економија, а оваа година се очекува загуба од 70 отсто од 2,6 милијарди евра приходи од туризмот.

Во писмото, потпишано од министрите за надворешни работи, сообраќај и туризам на Кипар, се истакнува дека земјата ги има една од најниските стапки на заразени со коронавирус во Европа, откако беше тестирано 10 отсто од населението.

Кипар од 9 јуни го отвора меѓународниот воздушен сообраќај за 19 земји, а патниците мора да се тестираат на коронавирус три дена пред патувањето. Таа мерка ќе биде укината на 20 јуни за 13 земји, вклучително и за Германија, Финска, Израел, Грција и Норвешка.

XS
SM
MD
LG