Достапни линкови

Спасовски бара ИВЗ и МПЦ да ги почитуваат владините мерки


Архивска фотографија- Прес-конференција на премиерот Оливер Спасовски

Исламската верска заедница (ИВЗ) да ја преспита својата одлука за отворање на верските објекти, а исто така и Македонската православа црква (МПЦ) да се однесува сериозно, побара денеска премиерот Оливер Спасовски.

„Во однос на отворањето на џамиите односно носењето на одлуката на ИВЗ јас го кажав мојот став за сите верски заедници дека тие треба да ги почитуваат одлуките што ги носи Владата и нема организација дали е тоа верска, дали е политичка, дали е поединец кој не треба да ги почитува одлуките. Апелирам да си ја преиспитаат сопствената одлука во делот на отворањето на верските објекти, меѓутоа исто така укажувам и МПЦ да се однесува сериозно заради тоа што направи низа на пропусти во изминатиот период“, изјави Оливер Спасовски во одговор на новинарско прашање.

Неговиот заменик, вицепремиерот Бујар Османи, пак, денеска рече дека со раководството на ИВЗ разговарале за спроведување на мерките за заштита на верниците по одлуката да се дозволи посета на џамиите за молитви.

„Тие одлуката ја имаат донесено врз основа на новите бројките што се во опаѓање и поради фактот дека некои земји во регионот и пошироко во светот носат одлуки да се отворат верските објекти. Разговаравме вчера за подготвување сет на мерки што треба да се имплементираат. Тие се спремни сите мерки кои ние ќе ги дадеме во смисла на одржување на доволна дистанца и одредени мерки за лична заштита, верниците да ги почитуваат при извршување на верските обреди“, рече Османи.

Неделава во Струга и покрај препораките на здравствените органи и владините мерки за заштита од зараза со коронавирусот, се одржа црковна литија на која присуствуваа голем број верници, без запазување на пропишаните мерки за заштита. ИВЗ пак најави дека донеле одлука да ги отворат верските објекти од следната недела.

XS
SM
MD
LG