Достапни линкови

Комисијата за заразни болести денеска ќе одлучува за олабавување на мерките


Архивска фотографија- Викенд полициски час во Скопје, 28 март 2020 година

Од резултатите на тестирањата, дали ќе има помал или поголем број новодијагностицирани со коронавирусот, ќе зависи димензионирањето на натамошните мерки и постепеното отворање на економијата, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче. Тие резултати денеска ќе бидат анализирани на состаноци на Комисијата за заразни болести и на централниот Штаб на Владата, по што ќе се знае како точно ќе се димензионираат мерките и кои субјекти прво ќе бидат отворени.

Министерот рече дека ако денешната бројка на новодијагностицирани, од тестирања направени вчера, е повторно онаква како што покажува трендот од изминати две недели, а не како завчера, таа би се толкувала како варијација, и ќе биде препорачано постепено отворање на институциите.

„Тие што организираат едукации, курсеви, автошколите би биле тие кои ќе бидат први, кои ќе почнат да функционираат согласно предлозите, изјави Филипче, додавајќи дека за овие предлози ќе се дискутира на денешниот состанок и ќе бидат предложени до Централниот штаб во Владата.

Приоритет ќе имаат оние кои лесно можат да воспостават ред, дистанца, дезинфекција, носење маски, и оние кои можат да овозможат шалтерски систем, појасни министерот.

Вчера министерството за здравство информираше дека вчера биле потврдени 14 нови случаи на Ковид -19, едно лице починало, а 20 пациенти оздравеле. Вкупно во Македонија, од почетокот на епидемијата, има регистрирано 1586 потврдени случаи со коронавирус, од нив 1099 се оздравени, 90 починаа, а се уште активни случаи се 397.

Од овој викенд владата одлучи да го намали полицискиот час па граѓаните смејат да се движат од 5 часот наутро до 19 часот навечер.

XS
SM
MD
LG