Достапни линкови

Британскиот премиер Борис Џонсон од утре се враќа на работа


Британскиот премиер Борис Џонсон, кога беше отпуштен од болница на 12 април, со видео-порака му се заблагодари на медицинскиот персонал што му го спасиле животот

Британскиот премиер Борис Џонсон се враќа на работа в понеделник, две недели по излегувањето од лондонската болница каде што се лекуваше од коронавирус, соопшти неговата канцеларија.

Џонсон една недела беше во лондонската болница Сент Томас, од кои три дена на интензивна нега, каде што примаше кислород и беше под 24-часовен надзор.

Кога беше отпуштен од болница на 12 април, 55-годишниот Џонсон со видео-порака му се заблагодари на медицинскиот персонал што му го спасиле животот. Оттогаш не беше забележан во јавноста, а неговиот кабинет соопшти дека се опоравува на имот надвор од Лондон.

Британскиот премиер се враќа на работа во момент кога растат критиките кон владата и нејзиниот одговор на епидемијата. Бројот на починати од коронавирус во Велика Британија вчера надмина 20 илјади, а се верува дека уште неколку илјади починале во домовите за стари лица.

Опозицијата бара поголема прецизност од владата за тоа кога планира да ги ублажи мерките за изолација воведени на 23 март до најдоцна 7 мај.

XS
SM
MD
LG