Достапни линкови

Како да се стигне до работа? - Нов предизвик во тетовско


Поглед на центарот на Тетово.
Поглед на центарот на Тетово.

Тоа што нема јавен превоз во тетовскиот регион, им предизвика проблеми на многу луѓе од руралните места. Забраната е дел од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Луѓето кои работат или имаат други обврски во Тетово, каде што се сите институции и банки мора да одат со сопствен автомобил, а некои немаат или им е скапо.

Забраната за одвивање на јавен превоз во тетовскиот регион создаде уште неколку предизвици со кои ќе треба да се соочат дел од жителите при пандемијата на коронавирусот и напорите да го сочуваат здравјето. Луѓето од руралните места велат дека тие се најпогодени, со оглед дека Тетово како центар е местото каде најмногу мораат да одат.

„Еве пример јас живеам во село Теарце кое е оддалечено 10-тина километри од Тетово и на директен начин сум погоден од мерката. Секојдневно патуваме кон градот со комбиња и автобуси, сега сме приморани да одиме со автомобили, што е проблем за поголем дел од граѓаните, дел од нив не се во можност да патуваат со автомобил зошто немаат, а тие што имаат е доста поскапо од јавниот превоз. Меѓутоа ја поздравувам донесената мерката, бидејќи тоа претставуваше потенцијален ризик за ширење на коронавирусот“, вели Бобан Костадиновски од Теарце.

Граѓаните бараат помош од општините, не се во можност самите да се снајдат, велат од руралните локални самоуправи.

„Имавме многу граѓани што се јавија кај нас, се жалеа, во Општината бидејќи сите институциите и банките се во Тетово, каде што мора да ги завршуваат своите обврски. До таму одат со патнички возила нормално, јавен превоз нема. Повеќе ги чини, не е во можност секое семејство да има автомобил, ама таква е ситуацијата“, рече Албон Џемаили, градоначалник на Општина Боговиње.

Дебар се враќа во нормала, како се справуваат со кризата тетовци, битолчани и кумановци

„Граѓаните на Општина Јегуновце се снаоѓаат како знаат да одат до нивните работни места. Приватните превозници со комбиња ги носат само линиите до фабриките, а другите граѓани се снаоѓаат со нивните возила“, изјави градоначалникот Дарко Блажевски.

Оваа мерка е идеја на тетовскиот кризен штаб. Градоначалничката Теута Арифи објаснува дека минимизирањето на ваквата комуникација значи и помалку шанси да се распространува коронавирусот.

„Најголем приоритет, прв приоритет ни е да намалиме проширување на заразата. Верувајте ми е многу важно, во овој момент е што е можно помала комуникација од едно населено место до друго населено место затоа што тоа ќе даде резултати. Повеќе од сигурна сум дека кога ќе дојдеме до една ситуација кога нема да идентификуваме нови и нови случаи, значи тенденција на зголемување меѓу првите мерки што ќе се либерализира сигурно ќе биде јавниот превоз“, рече Арифи.

Тетово претставува центар на пет рурални општини, а се проценува дека 200 илјади луѓе живеат во регионот.

XS
SM
MD
LG