Достапни линкови

ССНМ реагира на владиното толкување на извештајот за слободата на медиумите


илустрација

За Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници соопштението испратено од владината прес-служба со наслов „Владата го одржува нагорниот тренд на Северна Македонија на листата за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, претставува своеволно толкување на извештајот и преземање на успесите на други организации и иницијативи на своја сметка.

„Во соопштението како причини за скокот на листата е наведено подобрувањето на работничките права на новинарите и медиумските работници, но тоа во извештајот на „Репортери без граници“ не е така нотирано“ , реагираат од ССНМ.

ССНМ истакнува дека во извештајот на „Репортери без граници“ како позитивни се истакнати иницијативите и активностите на синдикатот, Здружението на новинари и Советот за етика во медиумите во Македонија притоа означувајќи ги како „многу значајни постигнувања“, но од страна на фелата.

ССНМ уште еднаш потсетува дека работничките права на новинарите и медиумските работници се под постојана закана, тие се соочуваат со правна, социјална и економска несигурност, несигурност на работното место, а прекаријатот е сериозно распространет особено во дигиталните медиуми .

И од Здружението на новинари денеска испратија соопштение во кое се наведува дека светла точка во извештајот се формираниот Регистар на професионални онлајн медиуми на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Како особено критични точки од извештајот, ЗНМ ги истакнува финансирањето медиумите од страна на општините и покрај забраната за оваа практика и купувањето на простор во медиумите за промовирање на достигнувањата на Владата, нешто што веќе наиде на осуда од Здружението на новинарите на Македонија.

XS
SM
MD
LG