Достапни линкови

Репортери без граници: С. Македонија на 92 место според индексот за слобода на медиумите


Репортери без граници - извештај

Северна Македонија за една година се искачи три места погоре на Светската листа на слобода на медиумите за 2020 година, што ја изготвува невладината организација Репортери без граници со седиште во Париз. Од 95-то, земјава сега е рангирана на 92-то место со средна оценка од 31,28 поени. Во делот за Северна Македонија насловен „професијата се организира“, се наведува дека „владата не го смени законот за јавни медиуми, а реформата на јавниот радиодифузер е запрена. Неговите програми им служат на интересите на поранешната конзервативна партија на власт, ВМРО-ДПМНЕ. Актуелната влада го отстрани државното рекламирање во медиумите, алатка на претходната влада за контрола на медиумите, што честопати доведе до проневера на јавните фондови“. Репортери без граници забележуваат дека на општините им е дозволено да се рекламираат во локалните медиуми и со тоа да задржат средство за нивно контролирање. „Друга ризична одлука на владата: купување реклами во медиумите за запознавање со достигнувањата на владата“, стои во извештајот и се додава дека Здружението на новинари на Македонија ја осуди оваа практика.

До СЕММ пријавени 27 случаи на непрофесионално и неетичко известување на медиумите

Исто така, меѓу другото се констатира дека физичките напади врз новинари се смирија. „За жал, традиционалните закани и навреди од високи функционери кон печатот остануваат силни, а сајбер-нападите се во пораст“ пишува во извештајот.

Според индексот за слобода на медиумите, од соседството пред Северна Македонија се Грција на 65-то, Косово на 70-то и Албанија на 84-то место. Следна е Србија, на 93-то место, Црна Гора на 105-то и Бугарија на 111-то место. Прва на листата е Норвешка, а по неа се Финска, Данска, Шведска и Холандија. Последни се, на 177 место, Кина, Еритреја и Туркменистан.

XS
SM
MD
LG