Достапни линкови

Укината кризната состојба во Дебар и Центар Жупа


Архивска фотографија- контролен пункт кај Дебар заради коронавирусот

Минатиот викенд заврши кризната состојба на териториите на општините Дебар и Центар Жупа. На денешната седница Владата на Република Северна Македонија, по предлог на Главниот координативен кризен штаб, реши да се укинат сите дополнителни мерки предвидени за територијата на споменатите две општини кои беа во сила спрема акцискиот план подготвен на 13 март 2020 и траеја 30 дена.

Од денеска Дебар и Центар Жупа во сила се само мерките кои важат за територијата на целата држава, изјави директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку.

Тој наведе дека од епидемиолошки аспект, воведувањето на кризната состојба придонело во последните десет дена, да нема нови случаи на заразени лица со коронавирус.

„Досегашниот биланс, се надеваме конечен, е следен: од 49 потврдени пациенти со КОВИД-19 – 16 се излечени, 4 починати, за 8 се чекаат резултатите од второто тестирање, 29 пациенти се на домашно лекување“, наведе Буџаку.

Министерот за здравство Венко Филипче претходно денеска соопшти дека епидемиолозите одлучиле 23 отсто од жителите во тој град да бидат тестирани за да се открие дали стекнале имунитет на коронавирусот.

Инаку и покрај укинатата кризна состојба во Дебар, за тој град продолжуваат да важат мерките како за цела држава, забрането движење од 16 часот до 5 часот, а од дополнително и од петок попладне до вторник наутро поради Велигденските празници.

XS
SM
MD
LG