Достапни линкови

Коронавирусот уште една можност за Русија и Кина да шират дезинформации


илустрација

Како што коронавирусот се шири низ светот така тој е проследен со заслепувачка лавина на пропаганда на социјалните мрежи, пред се од Русија. Како и секогаш кога станува збор за нејзините односи со Западот, главната валута на Москва е дезинформацијата и таа ја троши изобилно.

Пратеници во Европскиот парламент ги повикаа лидерите на ЕУ да ги засилат мерките во борба против руските и кинеските кампањи за дезинформација, насочени кон поткопување на одговорот на Унијата на пандемијата на коронавирусот.

Четириесетина пратеници бараат „итна акција против користењето на тековната криза од земји со спротивни геополитички амбиции”.

Претходно Ројтерс дојде до документ на Европската унија во кој се открива дека државните медиуми во Русија ја користеле здравствената криза за да преземат амбициозна кампања за дезинформирање на Западот, а со цел сеење паника и недоверба.

Бугарија обвини проруски политичар за лажни вести за коронавирусот

Во Вашингтон пак, висок функционер на Стејт департментот изјави во Конгресот дека лажните вести преку веб-страниците и традиционалните медиуми, сите под покровителство на Кремљ, биле со намера зголемениот страв од пандемијата „да придонесе за унапредување на руските приоритети“.

Невистините, пренесени на Твитер и ЈуТјуб, меѓу другите платформи, ја обвинија фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс за создавање на вирусот или пак наведуваат дека станува збор за биолошко оружје измислено од Пентагон.

Притоа се наведува дека еден американски војник, распореден во Литванија, бил хоспитализиран со коронавирус и дека премиерот на Словачка бил заразен и им го пренел вирусот на другите лидери на самитот на ЕУ.

Унијата оценува дека со ваквите бесмислености, Москва си „игра со животот на луѓето“.

Москва нема докази за улогата на САД во ширењето на пандемијата

Претставникот за информирање на Кремљ Дмитриј Песков ги отфрли обвиненијата како „резултат на антируска опсесија“.

Тоа пак, ја одразува линијата на Кремљ која се протега уште од обвинувањата за руското мешање во претседателските избори во САД пред четири години.

Кога негира, Москва само копа подлабоко, наведува весникот Вашингтон пост, додавајќи дека сепак Русија не е единствениот виновник.

Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Жао Лиџијан, се сомнева во фактот дека вирусот потекнува од кинеската провинција Вухан, сугерирајќи неосновано дека тој бил донесен таму од американската армија.

Тоа е забелешка без никаков доказ.

Сепак, според весникот, ниту политичарите во Америка не се подобри во тој поглед.

Сенаторот Том Котон, републиканец од Арканзас и поддржувач на претседателот Доналд Трамп, кој ја турка теоријата дека лабораторијата во Вухан, каде што се истражуваат опасни патогени микроорганизми била главна во појавата на коронавирусот.

Амбасадорот на Кина во Вашингтон, Чуи Тјанкаи, ги отфрли, како што рече, мрачните фантазии на Котон како „луди“.

На Москва и на Кина, не им е битно дали изборите или пандемијата им даваат можност за нарушување на довербата во институциите и кохезијата.

Поентата е да се направи матрица на вистината, да се фрли сомнеж во сè.

Како средство за напад, тоа може да биде исто така опасно како и вирусот, заклучува Вашингтон пост.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG