Достапни линкови

Србија и Кина: „Челично пријателство“ во време на корона


Кина, Пекинг, Претседател на Србија Александар Вучиќ со претседателот на Кина Си Џипинг, мај 2017
Кина, Пекинг, Претседател на Србија Александар Вучиќ со претседателот на Кина Си Џипинг, мај 2017

Претседателот на Србија повеќе не крие дека чувствува поголема наклонетост кон Кина и Русија, особено откако и ЕУ и САД ги затворија границите поради опасноста од ширењето на коронавирусот, а во Србија веќе пристигнува помош од Истокот, кој почнува да се нормализира по силниот удар на заразата.

Постојат многу причини за критика на Европската унија и на нејзината реакција во справување со коронавирусот, но во пораките на официјалните претставници на Србија се искажува малку разбирање за тоа, оценува професорот на Вашингтонскиот универзитет Џон Хопкинс, Даниел Сервер.

Причина за тоа е заострената реторика на Белград кон Брисел, по објавувањето на забраната за извоз на медицинска опрема надвор од границите на Унијата.

„Тоа е нормална реакција во криза, ниту една земја нема да ги стави туѓите државјани пред своите“, вели Сервер.

Во Србија пак истовремено „челичното пријателство“ со Кина, која претседателот на Србија Александар Вучиќ на прес-конференција на 15 март ја нарече „единствена која и помага на Србија“ и држава во која, за време на кризата, се полагаат најголемите надежи.

На истата прес-конференција, зборувајќи за рестрикциите кои ги најави ЕУ, Вучиќ рече дека „не постои голема меѓународна, ниту европска солидарност“, нарекувајќи ја „бајка на хартија“.

Движењето на социјалистите, помалиот коалиционен партнер на Српската напредна партија на Вучиќ, партија со која раководи министерот за одрана Александар Вулин, во вторникот соопшти дека „Србија мора да ги бара пријателите на сите страни на светот со кои може да биде рамноправен партнер, и кои нема да нè лажат и да водат политика на двојни стандарди“.

Повеќе разбирање за тоа дека кризата предизвикана од коронавирусот тешко ја погоди и самата Европска унија искажа премиерката на Србија, Ана Брнабиќ која на прес-конференција во вторник вечерта изјави дека ЕУ и понудила помош на Србија во борбата со вирусот, но во моментов не може да и ја даде таа помош.

Што одговори ЕУ

„Ова не е време за полемики, ниту пак за неосновани обвинувања. Европската унија е најголемиот донатор, инвеститор и економски партнер во регионот на Западен Балкан“, изјави за весникот „Данас“ портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро.

Таа потсетува дека од 2014 година „секоја година ЕУ издвојува преку милион евра за поддршка на граѓаните на Западен Балкан“.

„Што се однесува до Србија, ЕУ од секогаш ја поддржувала Србија во тешките времиња. На пример, во текот и по поплавите во 2014 година и беше дадена помош во висина од 180 милиони евра. Или за време на мигрантската криза во 2015 година кога Србија доби помош од повеќе од 100 милиони евра“, изјави Писонеро.

Иста порака до Западен Балкан Комисијата упати и неколку дена порано.

Игра на неизвесност

„Србија сè уште не е излезена од својата неусогласеност и се обидува да биде на сечија страна“, оценува Сервер за Радио Слободна Европа.

Даниел Сервер, експерт за Балканот и професор на американскиот универзитет Џон Хопкинс
Даниел Сервер, експерт за Балканот и професор на американскиот универзитет Џон Хопкинс

„Тоа може да функционира до одредено време, потоа доаѓа време во кое мора да се направи избор“, потенцира Сервер.

Сепак, како што додава, во моментов препознава „поголема наклонетост кон Русија и Кина отколку кон ЕУ и САД“. „Според мене, Србија е на патот да се определи како автократија, отколку како демократски клуб“, наведува Сервер.

И Тена Прелец, од Центарот за истражување на Југоисточна Европа на Лондонската школа за економија и политика, смета дека реториката на официјална Србија го преминала патот на „седење на две столици помеѓу Западот и Истокот- од давање сигнали дека Србија е цврсто определена за својот европски пат до ‘отворен судир со Западот’“.

Дали доминира антизападниот став?

Таквата реторика, додава Прелец, порано можеше да се види во владите блиски до таблоидите, но сега станува и официјален став на владините претставници.

Тена Прелец, Центар за истражување на Југоисточна Европа од Лондонската школа за економија и политика
Тена Прелец, Центар за истражување на Југоисточна Европа од Лондонската школа за економија и политика

„Останува да видиме колку ваквата реторика ќе потрае“, наведува Прелец во својата пишана изјава за РСЕ, додавајќи дека е уверена дека ваквата реторика треба да се гледа во контекст на претстојните избори во Србија.

„Како и да е, не треба да ја потцениме ниту тежината на улогата на Кина во економијата на Србија. Кинеските компании вложија огромни ресурси во 2019 година, Србија беше на четврто место во Европа кога е во прашање приливот на странски директни инвестиции од Кина. Очекувано е дека тие инвестиции ќе имаат голема важност кога е во прашање одржувањето на владејачката елита на власт. Тоа би можело да биде причина Вучиќ јавно да промовира подобар став кон Кина“, смета Прелец.

Надворешната политика на Србија моментално надвор од фокусот на ЕУ и САД

Блискиот однос на Србија со Кина и со Русија често беа предмет на критика на официјалните претставници на ЕУ и САД, преку испраќање јасни пораки дека Србија, во процесот на евроинтеграција, мора да ја усогласи својата надворешна политика со останатите 27 земји членки.

Даниел Сервер, не очекува критики по повод актуелното приближување кон Кина, истакнувајќи дека во моментов ЕУ и САД се соочуваат со сопствени, големи предизвици, и дека тоа прашање во моментов „има минимално значење за Вашингтон и за Брисел“.

И членките на ЕУ се потпираат на Кина

Стефан Владисављев, програмски асистент во невладината организација Белградски фонд за политичка извонредност, истовремено укажува и на тоа дека одделни земји членки на ЕУ во момент на голема опасност од коронавирусот помош очекуваат од Кина.

„Во оваа ситуација Кина веќе излегува од првата фаза на борбата со вирусот и полека од својата територија се префрла на глобално ниво. Најпрво и беше испратена помош на Италија, која е најзагрозена држава во цела Европа, но сега имаме информации дека Кина својата медицинска помош, својот медицински персонал и своите залихи, како помош ги испрати и во Шпанија и во Белгија“, вели Владисављев.

Моменталното потенцирање од страна на Србија дека има цврсти врски со Кина, Владисављев вели дека треба да се гледа во контекст на глобалната здравствена закана, додека заострувањето на реториката кон ЕУ, вели дека е резултат на тоа дека кај официјалните претставници на Србија веќе подолго време се чувствува незадоволство кое испливало на површина со кризата.

„Србија е држава која е во костец со таа борба. Додека ЕУ ги затвора своите граници, додека САД ги затвора своите граници, Кина го направи првиот чекор и поради таа изјавите кои ги дава претседателот Вучиќ не се за изненадување. Дека не биле бесцелно дадени тие изјави, говори и тоа што ние веќе следниот ден имавме контингент медицинска помош која ни пристигна од Кина“, вели Владисављев.

Помошта за која тој зборува се однесува на тестови за КОВИД-19, кои ги донираше непрофитната кинеска хуманитарна фондација „Мамот Фондација“ со седиште во Шенжен. Акцијата за помош беше координирана од амбасадата на Народна Република Кина во Белград во соработка со Владата на Србија.

Првата голема помош од Кина ќе пристигне на 21 март

До крајот на оваа недела во Србија од Кина треба да пристигнат експерти за борба со коронавирусот, додека помош во медицински средства, според изјавите на Вучиќ, треба да пристигне во сабота претпладне.

„Нема материјали и машини кои Кина не ни ги одобри, се што баравме“, изјави Вучиќ во своето обраќање во вторникот.

Вучиќ повтори дека е „бескрајно благодарен на претседателот Си Џипинг за помошта и поддршката“, а неговата порака, како што наведе дописничката на кинеската телевизија CCTV, ја виделе повеќе од 500 милиони луѓе во Кина, пренесуваат медиумите во Србија.

„Кина и Србија се сеопфатни стратешки партнери со нераскинливо пријателство“, изјави истиот дена на прес-конференција во Пекинг Генг Шуанг, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи, потенцирајќи дека истовремено меѓусебната помош отсекогаш била основа на билатералните односи на двете земји.

Србија кон крајот на февруари, упати помош во кинеската провинција Хубеи, а во Белград се одржа и концерт за поддршка на Кина во борбата со коронавирусот.

подготви Марија Севриева

XS
SM
MD
LG