Достапни линкови

Културата во „самоизолација“... или во „карантин“


Илустрација: Македонскиот народен театар
Илустрација: Македонскиот народен театар

Откажани театарски претстави, концерти и фестивали, отворања на изложби, поместени промоции на книги, се само некои од потезите на културните институции по најновата препорака на Министерството за здравство и мерките на претпазливост за потенцијално ширење на вирусот „Ковид-19“ во земјава.

Почитувани, со оглед на случувањата поврзани со потенцијалното ширење на корона вирусот и мерките на претпазливост кои ги препорача Министерството за здравство, сакаме да Ве информираме дека најавеното отворање на двете изложби „Соблечени, женскиот акт како контекст“ и „Паднати ангели“ е ОТКАЖАНО.

Ве известуваме дека по препорака на Владата на РСМ, НУ Драмски театар Скопје ќе продолжи со прекинот на репертоарот до 13.3.2020 година. Купените билети ќе можат да бидат заменети за друга претстава или средствата да бидат вратени.

Ова се само дел од информациите од културните установи во Македонија со кои преку медиумите ја информираат јавноста дека времено ги откажуваат најавените настани и случувања.

„Втора недела имаме препорака за откажување на претставите и реално не знаеме дали тоа ќе продолжи. Јас мислам дека се покажува оти таа мерка е исправна затоа што е ризично во театарот да се одржуваат претстави оти на нив доаѓаат голем број на луѓе. Како театар ние имаме голема загуба. Ја губиме публиката и големи финансиски средства, но тоа е во интерес на здравјето на луѓето и убедена сум дека препораките треба да се почитуваат“, вели Катерина Коцевска, в. д. директорка на Драмски театар – Скопје.

Таа и со надеж дека оваа состојба нема да трае долго и дека што поскоро актерите ќе се збогуваат со пробите без публика и ќе се вратат на сцена. Онаму каде и што припаѓаат.

Роберт Јанкуловски, чие отворање на изложбата на фотографија „Сеќавања“ и проекцијата на истоимениот филм требаше да се случи оваа среда, на 11 март во 20 часот, во Националната галерија во објектот „Мала Станица“ и е откажано во последен миг, знае да каже дека препораките се разбирливи иако нему како на автор тоа не му е право. Истакнува дека и во ваквите случаеви културата секогаш е првата која страда, оти наспроти оние стотина што би се собрале еднократно на отворањето на една изложба стојат петпати по толку што би се извртеле во експозитурите на една банка или во било кој градски ресторан.

„Да не бидам погрешно сфатен, јас секако сум на страната да се превземат најригорозни мерки за спречување на ширење на вирусот, но јас мислам дека ова со затворање односно со откажување на овие визуелни, ликовни изложби нема да постигнеме поголем ефект затоа што сепак многу повеќе луѓе има во училиштата, на факултетите, во банките, во рестораните каде што има гости и од странство, кои секојдневно се движат и влегуваат и излегуваат, така да ако сакаме нешто посериозно да преземеме потребни се многу, многу пообмислени и построги чекори. Ми се чини дека ова е само едно декларативно преземање на мерки со спречување, односно откажување на овие изложби“, смета Јанкуловски.

Тој и со дополна дека е свесен оти изложбата сепак ќе биде поставена и дека ќе може да се види поединечно, дека ќе има отварање кога ќе се смири ситуацијата, но дека сето тоа не е исто за еден автор кој долго работел на својата поставка.

„Јас оваа изложба „Сеќавања“ ја работев повеќе од една година, така што целата таа енергија што беше насочена кон утрешното отворање сега мора да спласне и ќе треба да најдам нова енергија за да направиме еден таков нов чин. Тоа можеби за публиката и за слушателите изгледа по малку смешно, но верувајте дека уметниците тоа го чувствуваат.

В петок на 13 март, во скопската Галерија „Акантус“, беше планирано отворањето на биеналната изложба „Париски сигнатури 2“ на која со свои дела требаше да се претстават македонските уметници кои престојувале во Cité Internationale des Arts, во случајов Тања Балаќ, Атанас Ботев, Шќипе Мехмети, Наташа Милованчев, Кристијан Санев, Марија Светиева и Маријета Сидовски. На него, според првичната замисла, требаше да се појават францускиот амбасадор во земјава – Кристијан Тимоние и луѓето од Францускиот културен центар кои ја подржуваат иницијативата, арно ама наспроти тоа од организаторите стигна соопштение дека свечениот чин нема да се случи и покана посетителите и љубителите на ликовната уметност самоиницијативно до 22 април да го проследат настанот.

„Ова е едно чудно време. И светските музеи бележат пад на интересот во културата. Дури тие го поврзуваат и со економските последици коишто можат да остави ова затворање на културните настани за поголема публика. Дури некои од нив глобално ги затворија и вратите воопшто за било какви посетители, а за нас исто така ќе биде еден период кога стравот, сериозноста на проблемот можат да донесат некакви последици што се однесува до активностите. Ние сме тука, ќе работиме редовно меѓутоа само за поединечни посетители, истакнува Дијана Томиќ Радевска, ликовен уметник и куратор на изложбата „Париски сигнатури 2“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG